Обид за зимска балканска трилогија во еден ден

Идејата да ги поврземе трите највисоки балкански планини (Олимп, Пирин и Рила) во еден ден во календарска зима ја имав подолго време, а на 23.12.2016 година заедно со Игор Јовановски направивме обид за такво нешто.

Планот беше да стартуваме со искачување на Олимп, Митикас 2918м на полноќ, следен да биде Пирин, Вихрен 2915м, а до крајот на денот да ја искачиме и симнеме и Рила, Мусала 2925м. Немавме никаква логистика и возевме сами, а тоа се покажа и како една од најсериозните пречки во бркањето на време.

Митикас 2918м (19,5 km / 2100D+)
Поради мраз и лоши услови на патот до Приони (1100м) стартувавме половина час подоцна од планираното т.е. 30 минути после полноќ. Ја одбравме класичната патека од Приони очекувајќи малку снег, а не изненадија незгодни услови посебно во пречењето за приод кон кулоарот на Митикас. Олимп во зима е убедливо најсурова од сите три планини, а според тетратката за евиденција пред нас дури 46 дена немало ниедно искачување. Овде изгубивме 1ч 23м над планираното и вложивме многу енергија. Приони-Митикас-Приони 8ч 23м.

ГПС запис – https://www.strava.com/activities/809933721

Следеа 350 km транспорт до Бандеришка полјана на Пирин, долга релација делумно по планински патишка и минување на граничен премин. Се испостави дека е потребно повеќе време од предвиденото, но кога километражата и патиштата се тие и не може да ги промениме, би било корисно да се има возач како логистика и покомотно возило за одмор. Вака возевме самите со кафе во рака и хранејќи се по пат, без можност соодветно да ги истегнеме и одмориме нозете. Кога пристигнавме во Банско доцневме три часа од планот, ни стана јасно дека до крајот на денот нема да имаме време и за Вихрен и за Мусала.

Вихрен 2915м (17,5 km / 1300D+)
Појдовме од Бандеришка полјана во 14:40 часот. Условите за искачување беа добри, но со многу мраз на патеката. Веќе не се трудевме да форсираме и бркаме време, само се надевавме дека ќе бидеме на врвот за зајдисонце и успеавме во тоа. Едно од најубавите зајдисонца од кое се забораваат уморот, студот и северниот ветар. За искачување и спуштање ни беа потребни 4ч 37м, одевме околу 40 мин побавно од предвиденото и плус си дозволивме попатна пауза за леќа во домот.

ГПС запис – https://www.strava.com/activities/809933727

Во Банско слеговме околу 20 часот и се упативме на топол оброк и пиво, да се почастиме за прекрасната целодневна авантура. Верувам дека со одредени корекции во пристапот и логистиката минувањето на балканската трилогија во еден ден во календарска зима е возможно, но истовремено и врвно достигнување.