Нови рекорди во машка и женска конкуренција на ултрамаратонот Бедвотер

Овие денови на еден од најтешките ултрамаратони во светот – Бедвотер во САД, се поставени два нови рекорди за минување на 217-километарската патека која движи низ неверојатно сурови делови на Долината на смртта. Читајте нешто повеќе за историјата и новите најдобри времиња на еден од најекстремните ултрамаратони во светот. 

Од 1987 година, во месец јули, односно точно во најжешките и екстремни температури за овој предел, со старт од таканаречената Долина на Смртта и најниската точка во Северна Америка – басенот Бедвотер кој се наоѓа на 85 метри под нивото на морето па се до превојот за Маунт Витни кој се наоѓа на 2548 м.н.в, се одржува една од најтешките ултрамаратони на планетата – Бедвотер Ултрамаратон.

Името на трката, односно називот на топонимот Бедвотер доаѓа од малите вирчиња со загадена вода кои се собираат на некои делови од патот во огромните пространства на рамниците од сол кои се главна геолошка карактеристика во овој дел.

Оригинално Бедвотер е замислена како трка која стартува од најниската и завршува на највисоката точка од САД (највисока во овој дел од државата, сметано без Алјаска и Хаваи), односно од басенот Бедвотер до Маунт Витни која е на височина од 4421 м.н.в. Оваа рута била во должина од 235 километри со висинско искачување од 5800 метри.

За екстремноста на овој настан говорат некои од овие бројки и факти. Басенот Бедвотер во јули ги има едни од највисоките просечни темепратури во светот каде живата многу често се качува над 50-тиот целзиусов степен. Телот на тркачите најчесто е покриено со заштитна бела облека во целост, а многумина досега изјавиле дека понекогаш асфалтот буквално ги топи патиките. Во тие случаеви, најчесто се трча по белата линија која го ограничува патот.

Покрај температурата, тоа е и екстремно суво место, а како контраст, патеката ве качува до неверојатни 4421 метар каде температурите најчесто се околу нулата.

Сепак, во 2000 година поради промена во регулативата за движење и организирани настани во делот на Маунт Витни, Бедвотер од оригиналните 235 килметри е скратен на 217 до превојот за Маунт Витни. И покрај ова, трката останува една од најтешките на планетата каде финишираат само мал дел од стартерите.

Оваа година Јапонецот Јошихико Ишикава имаше фантастичен перфирманс и успеа да го подобри машкиот рекорд на Пит Костелник (за Пит читајте нешто тука), со време од 21 час 33 минути и 1 секунда што е за 23 минути подобро.

Сепак, она што е можеби и поважно за споменување е и победничката во женска конкуренција која воедно заврши на второто место во генерален пласман веднаш зад Ишикава. Натпреварувачката Патриција Березновска од Полска, покрај тоа што заврши втора од сите учесници, таа истотака го подобри женскиот рекорд на Бедвотер за цели 1 час и 40 минути. Сегашното најдобро женско време гласи – 24 часа 13 минути и 24 секунти!

Други интересни факти од историјата

Во 1977 година, на негови 49 години, Ал Арнолд (после неколкугодишни обиди) за прв пат успева да ја комплетира рутата на Бедвотер со што докажува дека тоа е возможно. Тој финишира на Маунт Витни 84 часа по стартот. Никогаш повторно не се враќа на патеката. – Читајте повеќе анегдоти од Ал – тука.

Второто успешно минување на стазата Бедвотер-до-Витни е направено дури четири години подоцна во 1981 година од Џеј Бирмингам.

За да се припреми за обидот во 1977 година Арнолд тренрал возење на велосипед во сауна по два часа на ден, трчал околу 320 до 400 километри на недела, а еднаш и направил тренинг од 36 континуирани часови.

„Ризикот од екстремно сериозни медицински состојби и последици на Бедвотер е многу висок” – вели професорот по физиологија на Универзитетот Ајдахо.

Најголемиот предизвик е топлината, но поради добрата терморегулација која ја имаме преку нашата кожа со потењето, веројатно сме и единствени суштества кои може да издржат вакви неверојатни потфати.

Повеќе за Бедвотер гледајте во следниот документарец

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија