Наслов

Нов светски рекорд на една милја во сала

До каде ќе оди спуштањето на временската граница во трките на една милја е прашање на кое веројатно никој нема точен одговор. Она што некогаш беше недостижен мит денес е секојдневие.

Јомиф Кeјелча од Етиопија е новиот светски рекордер на трките на една милја во сала. Викендов тој на трка во Бостон успеа да ја помести границата за речиси една и пол секунда и да истрча време 03:47:01 со што буквално го збриша рекордот на легендарниот Хишам Ел Геруж од 1997 година. Овој 21 годишен Етиопјанин би се рекло го најави овој резултат пред неполн месец на митингот во Бирмингем кога не успеа да го собори сега веќе стариот рекорд на Геруж за само една секунда.

Кeјелча на оваа трка за малку не успеа да го собори и светскиот рекорд на 1500м во сала и тоа само за 24 стотинки. Времето на новиот светски рекорд е и нов Етиопски рекорд, а исто така би требало да се спомене дека тој е и светски шампион на 3000м во сала.

Трките на една милја имаат долг и богат историјат. Првиот човек кој успеа да ја спушти границата под четири минути, и да го направи тогаш незамисливото, беше легендарниот Сер Роџер Банистер и тоа во 1954 година. Од тогаш па наваму во секоја декада времето постојано се поместува и паѓа се до 1999 година и светското првенство во Рим кога Хишам Ел Геруж истрча 03:43:13. Време кое сеуште стои но веројатно нема да трае вечно.

Што се однесува до трките во сала би се рекло дека имаат малку поспора динамика на подобрување но не заостануваат во голема мера. За очекување е дека и во иднина резултатите на трките на една милја во сала ќе бидат подобрувани.
Трките на 1500м и една милја важат за исклучително тешки и истоштувачки и исто така се репер со кој може да се пресмета севкупниот капацитет на еден тркач.

04 Март 2019

За авторот