Некогаш и сега

Алпинизмот никогаш не бил “вообичаен” или “реален” живот за мене, туку би рекол, бегство од тоа. Привремена активност која ме привлекуваше. Не ја оценувам ниту како морална обврска ниту како физичка потреба, но тешко би можел да се откажам од оваа активност. Лудо, будалесто искачување, од друга страна пак, би ме направило да бидам скромен, ентузијастичен и восхитен. – Рајнхолд Меснер

Неодамна ја прочитав книгата “Седмата Оценка” од Рајнхолд Меснер. Интересна книга за некои епизоди од неговиот живот и алпинистичка активност пред да си постави за цел да ги искачи сите 14 врвови над 8000 метри. Се забележува дека во регистрираните материјали за неговите искачувања од тоа време, најмногу внимание посветува на тоа да опише како тој ги доживувал своите искачувања. Со сите елементи на припрема и анализа, пред да се одлучи да направи обид за да ја реализира својата желба и предизвик.

Одсекогаш сум тврдел дека умешноста да се раскаже некое свое доживување не се должи исклучиво на дарбата за пишување и раскажување, туку најмногу на тоа дали и колку наоѓаме содржина во тоа што го правиме. Доколку навистина наоѓаме содржина во нешто и го доживуваме на некој посебен начин, ќе имаме и што да кажеме за тоа наше искуство. Останува само целото тоа искуство и доживување да се преточи во текст.

Имало и такви кои што го сметале дека е еден непромислен и луд качувач. Често качувал сам и тоа насоки со највисока оценка во тоа време. Но тој за себе кажува дека всушност се смета за доста “плашлив” качувач, кој што не страдал од тоа дали некој ќе му направи забелешка ако донесе одлука да го прекине своето качување доколку почувствува и процени дека работите не одат така како што треба. Мило ми е што во неговите ставови и принципи на некој начин се препознав и самиот себе. Во некои од моите порано објавени текстови на оваа тема го спомнувам истото но во поинаква форма. Не ме зачудува ова и верувам дека секој оној што е свесен со колку деликатна и опасна активност решил да се бави, порано или подоцна ќе почне да размислува за овие работи на истиот начин.

Најдобро е да почне што е можно порано се разбира. Верувам дека намерно ја одбрал формулацијата “плашлив” за да ја објасни на сосема поинаков и скромен начин својата промисленост и аналитичност, која што може да се забележи во неговите постапки на кој начин ги реализирал и планирал своите искачувања. Но и покрај ова, тој успева со целата негова посветеност и упорност да реализира толку многу грандиозни проекти во светот на алпинизмот, со што заслужено го обезбеди признанието дека е жива алпинистичка легенда.

„Човековата виталност не зависи единствено од моќта на вољата туку и од формата на виталните инстинкти. Овој инстинкт за самозаштитување е толку добар во моменти на стрес, што го менува секој човек во диво животно и создава претчувство за опасност. Глупаво е на планина да се бориш против овој инстинкт. Тоа што другите го нарекуваат среќа, честопати не е ништо друго туку одбегнување на однапред смислена несреќа. Овој витален инстинкт е дел од секој искусен алпинист.”
– Рајнхолд Меснер

Во периодот кога јас бев нај активен со алпинизмот, а тоа беше некаде во периодот помеѓу 1981-1989 година, почувствував потреба да качувам сам. Некои од моите инструктори разбраа за ова и ме прашаа зошто го правам тоа. Дали можеби затоа што немам со кого да качувам? Јави се доколку сакаш да качуваш ми велеа тие, ќе одиме заедно. Според мене секој гради некоја своја филозофија за тоа како го доживува алпинизмот и на што ќе посвети внимание во својата надградба во иднина. Некој се ориентира кон качување исклучиво на сува карпа. Други пак се ориентирани кон качување на мраз и микс терен.

Трети пак посветуваат најмногу внимание на искачување големи височини по нај едноставниот пристап до врвот што всушност во светот на планинарството се нарекува високогорство. Најдобрите алпинисти според мене се оние кои што се способни ефективно да делуваат во сите овие примери што претходно ги спомнав. Но способноста да бидеш во состојба сето ова да го правиш сам, ја сметав за многу значајна во формирањето на еден комплетен алпинист. Искачувањата што тогаш ги направив се скромни и во најголем дел изведени на Матка на некои од веќе постоечките насоки како што се: “Отмарова Насока”, “Ветерански”, “Нина”, “Жежова Централа”, “К2”, “Доздовник” и од оние со пониска оценка како што се “АПБ” ,”Борник” и “Чељо”.Одсекогаш сум кажувал за себе дека степенот до кој што јас успеав да стигнам во алпинизмот е скромен, и никогаш не се сметав дека сум некој исклучителен качувач.

Секогаш потенцирав дека треба да се прави разлика помеѓу упорноста и решителноста, и неодмерено и тврдоглаво “силување” во настојувањето да се стигне на врвот по секоја цена. Но секогаш чувствував дека можам да направам и многу повеќе доколку го зголемев интензитетот на припреми и тренинг. Тоа за мене беше доказ дека никогаш не се приближив до својот краен лимит. Само тогаш може да се почувствува задоволство при качувањето. Вообичаено и често прашање од оние што сакаат нешто повеќе да слушнат за алпинизмот е: Зошто го правите ова? Зарем не чувствувате страв? Стравот се јавува доколку почувствуваш дека веќе не владееш со ситуацијата. Нема човек што не се плаши да падне неконтролирано во амбисот.

Редовната активност и тренинг ја зголемуваат способноста кај алпинистите да бидат ефективни во моментите кога се изложени на исклучителни психо-физички предизвици. Но сите оние што достигнале повисоко ниво во алпинизмот знаат дека не постои 100% сигурност и дека секогаш постои опасност да се направи грешка или пак превид. Најдобар начин да се биде максимално и 100% сигурен е да се остане дома, а можеби ниту тогаш. Ризикот во алпинизмот или го прифакаш како составен дел од оваа активност или пак не го прифакаш. Доколку не го прифакаш, треба да одбереш некоја друга форма на физичка активност како задоволство или како потреба.

Не толку одамна ми се јави мојот пријател Цобе и ме праша дали би сакал да се вклучам во активностите околу припремите на еден негов пријател кој што имаше планови да оди на Хималаи. Предлогот беше да одиме во Демир Капија и во зимски услови да качиме некои од насоките што јас и моите другари ги имаме качено таму како првенствени некаде во средината на осумдесетите години. Му реков дека не сум заинтересиран и дека не сум спремен за такво искачување. Зошто бе брат? Ми рече тој. Па ти ги имаш качено тие насоки како првенствени, а тоа не се заборава.

Хммм… си помислив. Не се сеќавам што точно му одговорив на оваа забелешка. Но во истиот момент ми стана јасно како ги поставува и колку ги разбрал овие работи мојот пријател Цобе. Алпинизмот не е нешто што се научува и потоа не се заборава, туку нешто што си можел да го правиш и ја губиш таа способност доколку престанеш со тренинг и редовна активност. Она што се учи е техниката за обезбедување при качувањето со комплетното познавање на сите системи за сигурно напредување при качувањето. Комплексноста и познавањето на целата оваа доктрина може да биде пресудна во случај работите да тргнат во сосема поинаков правец поради “X” причини.

Може да се демонстрира и да се покаже и некоја од техниките за качување. Но доколку не се посвети големо внимание на нашиот понатамошен тренинг и развој за да се помести границата на нашите можности, таа техника ќе остане на нивото на една обична балет демонстрација со стоење во место. Доколку сега се обидам да го правам истото она што некогаш можев да го правам, може многу лесно да се доведам во ситуација нешто лошо да ми се случи. Во секој случај, со намалената способност за качување, се смалува и задоволството што го чувствуваме при качувањето. Ова пред сè, се однесува за оние искачувања што ги правиме за релаксација.

Сериозните искачувања се сосема друга приказна. За изведување на едно такво качување треба комплетна спремност и додека тие се реализираат има многу малку прилика за релаксација и уживање. Но сатисфакцијата и задоволството од постигнатото доаѓа потоа. Најголемото задоволство и сатисфакција според мене го доживуваме со врвните достигнувања, а не со просечните. Ова е една од причините зошто повеќе не качувам како порано. Јас и ден денес одам понекогаш на Матка да качувам, но тоа не го сметам за некоја посебна активност, туку за една обична релаксација и посетување на некои од моите омилени места за кои што ме врзуваат убави спомени.

Во 2006 година почувствував повторно потреба да качувам сам и да видам дали сеуште можам да правам некои работи за кои што бев способен некогаш. Овој пат се работеше за исполнување на една моја дамнешна желба. Искачувањето на Матерхорн беше едно од моите најубави доживувања врзани за планинарството. Чудно е тоа чувство на исполнетост и енергија што ни ја пренесуваат планините. При секоја посета и престој таму, добивам желба и преку текст да го зачувам од заборав тоа доживување. По природа сум многу резервиран и молчалив човек, но секогаш почнувам многу повеќе да зборувам кога ќе се отвори оваа тема. Ова најмногу се однесува за оние што ги чувствувам дека ми се блиски или пак гледам дека најискрено се заинтересирани да слушнат нешто ново за работи за кои што не се доволно упатени.

Додека бев таму ги замислував првите пионери што се обидувале да се качат на оваа прекрасна планина пред толку многу години. Се што имале за разлика од денес биле некакви нај обични “ортоми” од јаже и друга опрема за качување и скромни палтенца како заштита од суровите временски услови што владеат горе. На некој начин се чувствував помалку засрамен што успеав сам да се искачам до врвот. Имам огромен респект за овие луѓе од таа далечна 1865 година година кога за прв пат беше искачен Матерхорн. Не сакам воопшто да го споредувам моето искачување со нивното. Освен тоа што си ја остварив мојата желба да стигнам до врвот, ова мое искачување е најмалку алпинистичко достигнување, затоа што на некои места во интерес на комерцијализацијата на оваа прекрасна планина има фиксирано јажиња, и јас се послужив со нив. Но не сакам ниту да бидам погрешно сватен и да послужам како лош пример за некој кој што во иднина би се обидел да го направи истото, а да не е доволно спремен за тоа. Затоа што таму има и многу деликатни места каде што нема никакви фиксирани јажиња и тие места треба слободно да се поминат. Водичи со клиенти итаат да стигнат што е можно побрзо до врвот и да се вратат назад за да бидат повторно ангажирани.

Дојдоа некои нови времиња од кои што единствено можеш да се одбраниш доколку си искрен кон себе и кон другите. На овој начин ќе ги зачуваме сите овие доживувања и импресии во својата вистинска форма што ја заслужуваат како една и единствена вистина. Освен личната среќа и сатисфакција во реализацијата на нашите соништа и задоволување на нашата духовна потреба, треба да бидеме пример и за генерациите што доаѓаат. На овој начин покажуваме и колку ги почитуваме достигнувањата на оние што за прв пат го направиле тоа и во сосема поинакви услови. Признанијата што ги добиваме и ги заслужуваме или пак не ги заслужуваме, треба да доаѓаат од оние што се компетентни и ги разбираат овие работи, а не од оние што не ги разбираат. Сепак најважно од сè е да се враќаме секогаш здрави и живи назад. Секој со достигнатото ниво ќе го гради својот сопствен однос и филозофија и ќе одлучи до каде ќе оди во своите настојувања да ги реализира своите желби во светот на планинарството и алпинизмот.

Со доаѓањето на децата, луѓето би се запрашале зарем не е неодговорно и понатаму да се прават сите овие (опасни) работи. Но моето мислење е дека ризикот е составен дел од целиот наш живот и се зависи од тоа како ги одмеруваме и ги третираме ризиците со кои што се соочуваме. Кога лугето одат во планина да качуваат, тие започнуваат со некаково мачо однесување и став, меѓутоа учат дека треба да бидат понизни и скромни откако ќе сфатат дека таму се со одобрение на природата. ПЛАНИНИТЕ НЕ ГИ ОСВОЈУВАМЕ, и доколку одиме таму со такво убедување и однос, тие ќе ни возвратат со гризнување.  

– Eric Jones