Нејзиното височество – Кобилица

Некој ќе рече дека се брои само искачувањето на врвот, но за нас се брои обидот тука, се брои што после години мечтаење конечно и се приближивме на оваа планинска убавица, што чепнавме малку од нејзината убавина со надеж за многу повеќе наскоро.

Голем притисок имам со почетокот на овој текст. Делумно зашто се работи за долго посакувана дестинација, делумно за да напишам текст со кој ќе се збогувам со оваа скијачака и турно сезона.

Кобилица е врв висок 2528 м.н.в во централниот дел на Шарпланинскиот масив. Изгледот е многу специфичен, има стрмна пирамидална форма, која е веројатно најспецифична од сите врвови во Македонија со оштри карпести делови западно од врвот односно гребенот Трескавец.. Приодот се прави најчесто преку источната страна од селото Бродец (од каде ние пријдовме) или селото Вејце. Северната и јужната страна се многу стрмни за качување, воопшто качувањето во зима се избегнува поради стрмнината и опасноста од лавини. Од овој наш обид имаше и многу поубави и со снег полни денови, но ете испадна да одиме баш сега на 14 март.

Тргнавме од село Бродец петмина пријатели: Гоце Таневски, Хекуран Зекири, Елена Диновска, Кастриот Арифи и јас, дел од повеќе члена група во која веќе неколку години се дружиме и ги реализираме нашите скијачки афинитети. Групата е неформална, но веќе се шири и со многу изработени зад себе ски акции заслужува да прерасне во формална дружина од повеќе луѓе. Најпрвин ги откривавме пред неколку години недопрените линии со нов снег надвор од стазите за скијање близу центарот Попова Шапка, за подоцна да почнеме да ги искачуваме околните врвови со опремата на грб, од пред две години почнавме да се интересираме и полека да набавуваме турно опрема, тој дел ни ги отвори хоризнотите многу повеќе.

Можевме да се движиме подалеку, да заштедиме енергија, да не пропаѓаме во снегот, а воедно и да не ни тежи опремата на грб. Сезонава не искачивме оноколку колку што сакавме, но многукратно ја зголемивме бројката на ново посетени врвови, нови линии и истите скијани надолу.. имавме фантастична сезона, безмалку најдобра до сега.

Шумата над селото Бродец траеше многу повеќе одошто очекувавме, речиси три часа со опремата на грб низ шумата додека стигнеме до снегот, некаде под источниот гребен на овој врв од каде што полека почнавме да искачуваме. Тргнавме касно како за на ваква сериозна тура, така да штом стигнавме до снегот, за нас полесниот дел, веќе жештината и сонцето беше во полн ек, беше жега која не истроши најмногу од целото искачување.

Снегот мокар и тежок за движење. Искачувањето одеше бавно. Малку виновни за бавното движење беа панорамите наоколу, речиси секој момент застанувавме да гледаме наоколу. Од десна страна преовладуваше грандиозниот Црн врв со карпите под него од Косовска страна.. но од десната наша страна, апсолутно доминираа врвовите Бакардан, Кара бунар, Титов врв.. карпите над Лешница.. врвови кои никогаш не сме ги виделе од таа перспектива.

Да скратам со описите кои можат бесконечно да траат, искачувавме околу 7 часа. Бевме околу 16 часот некаде пред врвот, одприлика околу 100 метри под него. Бевме решени дека ќе искачуваме до 15:30 по што продолживме до 16 но сепак не беше доволно. Петмина со само две челни лампи и сериозни стрмни кулоари за скијање и парчиња снег за спојуваање, решивме да се спуштиме низ еден кулоар кој се покажа како одлична линија и да оставиме повеќе за нареден пат.

Некој ќе рече дека се брои само искачувањето на врвот, но за нас се брои обидот тука, се брои што после години мечтаење конечно и се приближивме на оваа планинска убавица, што чепнавме малку од нејзината убавина со надеж за многу повеќе наскоро. Воопшто не беше дилема дали да одиме уште нагоре или не, веднаш беа погледите насочени надолу кон можните линии за спуштање. Заеднички ја утврдивме линијата, односно кулоарот по кој ќе скијаме, Хеки тргна прв и увидовме дека се работи за добар избор.

Не очекувавме премногу од тоа спуштање, веќе во сенка мислевме ќе лизгаме на мраз, наспроти тоа испадна супер линија со не толку лош снег и многу фини ‘вртења’ во снегот. Искијавме до еден поток што извираше под оваа линија да наполниме вода веќе дехидрирани и без вода од часови претходно. Се сликавме со врвот и влеговме во шумата за пак со опремата на грб да пешачиме назад кон Бродец. Овој пат во темница но и многу полесно од искчуавањето, не поради одењто надолу, туку поради чуството на задоволство кое сите го имавме од оваа средба со Кобилица. Во селото во 19 часот, и целосно тура од околу 11 часа.

Помалку текст од ова нема шанси, повеќе слики од ова пак џабе, само мора да се качите на Кобилица и да видите за што се збори тука, а повеќе слики од искачувањето/спуштањето може да погледнете тука >>>>>.. 🙂