Дрво си е дрво

Додека другите познати компании за спортска опрема се натпреваруваат во пронаоѓање на што подобри и поиздржливи материјали за правење на најдобрата кацига односно шлем (за на точак, за скијање и кајакарење), едно типче по име Ден си ги произведува чисто во соработка со мајката природа, од дрво. Финалниот производ е кацига која апсорбира каде – каде повеќе енергија од вештачките материјали.

Ден Којл уште во ’90тите почнал да си произведува дрвени шлемови па и рамки за наочари за него и неговите другари. Тие биле кајакари и потребна им била добра заштита за нивните глави додека спортувале, а Ден ги изработувал само со помош на моторна пила и шмиргла. Сето тоа било како еден вид на хоби, но идејата прераснала во нешто друго.

Низ годините во неговите истражувања тој забележал дека структурно, дрвото има слични карактеристики како и густиот стиропор. Тоа значи дека на удар, дрвото може да ја апсорбира енергијата и да се издеформира исто па дури и подобро од новиве кациги.

По серија тестирања тој заклучил дека било кој тип на дрво покажува многу подобри резултати во издржливоста и апсорбирањето на енергија од сите други денешни синтетички материјали кои се користат во оваа индустрија како поликарбонатите и другите пластики. И решил оригиналната идеја да ја направи реалност.

Денеска Ден си има изградено бизнис со овој вид на шлемови и ги продава под името Tree Piece Helmets (шлемови од едно парче дрво), а ги претставува како првите кациги произведени од целосно природни материјали алудирајќи на нивниот добар однос кон мајката природа (бидејќи ниеден од вештачките материјалите кои денес се употребуваат за правење на кацигите не се рециклира).

Иако фирмата Којл има вршено разни тестирања на нивните прототипи тие сеуште немаат добиено официјална лиценца за масовно произведување и продавање на нивниот производ. Сепак дел од нивните производи ги продаваат на лица кои го имаат меракот на вакви производи и сакаат да ја подржат целата идеја. 

Нивниот следен чекор е собирање на средства преку фондацијата Indiegogo за да испратат две бајкерски кациги на акредитирано тестирање кое ќе го даде зеленото светло за нивното производство. Фондацијата треба да собере 27,000 долари до 18ти декември за да добие одобрување за тестирањето. Досега тие имаат собрано 24,725 долари, а кој сака да помогне со донирање преку купување на некој од нивните производи нека клика тука побргу! 

Овде имате повеќе инфо за дрвениве шлемови.