Натпревари од светскиот куп во воздухоловно моделарство во Прилеп

И оваа година повторно на спортскиот аеродром во Прилеп ќе се соберe светската елита во воздухопловно моделарство.

На 27 и 28 Септември ќе се одржат двата македонски натпревари од Светскиот куп „Прилеп Куп – Трофеј на Прилеп” и „Македонија светски куп”, на кои ќе учествуваат 118 натпреварувачи во 5 категории за јуниори и сениори од 15 држави.

Во Прилеп ќе допатуваат светски и европски шампиони и најдобрите од светскиот куп.

* Првопласираниот Јама Даниер од Канада, вториот Роланд Коглот од Словенија, четвртиот Михаил Косоношкин од Русија и уште многумина од врвот на листата во генерален пласман (која брои 308 учесници) во категоријата едрилици (Ф-1-А).

Во оваа категорија за јуниори кај нас ќе се бие битката за конечно злато на словенците Јернеј Јурхар и Лука Битежник, и за борба за висок пласман на Небојша Стошиќ и Дејан Алексов од Кавадарци, како и на Бојан Димески од Прилеп.

Во оваа категорија вкупно ќе учествуваат 55 натпреварувачи

* Од категоријата гуменици (Ф-1-Б) меѓу вкупно пријавените 24 ќе допатуваат петмина кандидати за медал во генерален пласман. Тоа се Украинецот Евгениј Горбан, Исмет Јуртсевен од Турција, Светозар Гостојиќ и Радоје Благојевиќ од Србија како и Анатоли Рибченков од Русија. Тука ќе бидат и натурализираниот црногорец од Русија Александр Шелепов и литванецот Роландас Макус кои имаат потреба од медал на нашите натпревари.

* Радува фактот што оваа категорија во која долги години имавме само еден претставник (Аљоша Анастасов од Скопје) конечно се омасови, и тоа наеднаш со 3 нови спортисти кои доаѓаат од Охрид.

Листата за генерален пласман е составена од 200 натпреварувачи

Во категоријата гуменици (Ф-1-Б) за јуниори доаѓа неприкосновениот Бојан Гостојиќ, кој и оваа година како и претходната има огромни шанси да го освои светскиот куп во генерлен пласман.

Но тука е младиот пољак Кацпер Лукашевиќ за кој освојувањето на прво место на еден од македонските натпревари ќе му донесе пласман меѓу првите 5 и борба за медал во генерален пласман.

* Во категоријата модели со клипен мотор – Качувачи (Ф-1-Ц) во Прилеп доѓа нејзиниот врв.

Меѓу 14те учесници, ќе настапат двајцата првопласирани Руси од кои Владимир Сишов за Русија и Николај Рекхин за Русија, и борците за висок пласман и медал Рајнхард Трупе од Австрија и Жељко Грепл од Хрватска. Поради тежината на оваа категорија во неа нема јуниори а и помал е бројот на спортисти кои успеваат да освојат бодови на натпреварите.

Само 89 лица имаат освоено бодови и се наоѓаат на листата на ФАИ во генерален пласман.

На овие натпревари ќе учествуваат и голем број на македонски спортисти во сите категории.

Со оглед на квалитетот кој го поседуваат секој од нашите учесници има капацитети и можности да оствари висок пласман.

Покрај можноста од обезбедување на забележителен генерален пласман на сениорите во сите категории, нашите јуниори во едрилици доколку имаат успешен настап ќе си обезбедат шанса за освојување на минимум 5 место. Освоен медал на овие натпревари на јуниорот Небојша Стошиќ ќе му овозможи борба за еден од медалите во генерален пласман.

По сите анализи во натпреварите од светскиот куп македонските натпревари се едни од ретките каде има толкава бројност, присуство од повеќе држави, и пред се толку висок квалитет на учесниците.

Тоа пред организаторот поставува многу обврски, како што е спроведување на одлична организација без пропусти, беспрекорна стручност во спроведувањето на натпреварите како и максимална грижа за учесниците.

Како составен дел на овие натпревари се и европските „Еуро Челенџ” Куп натпревари за сениори и Јуниори во Ф-1-Х категорија (едрилици со помала носечка површина).

На истиот се пријавени 15 јуниори и сениори кои ќе се борат за медалите на прилепските куп натпревари а воедно ќе обезбедуваат бодови за генералниот пласман во Евро Купот.

Со доаѓањето во Македонија, врвните светски спортисти со себе ги носат искуствата, новите материјали, технологии, електроники и се што во себе содржат овие воздухопловни дисциплини. Тие со себе ја носат науката за аеродинамиката, нови конструкции, иновациите.

Па затоа, покрај можноста од постигнување на вервни резултати, за развојот на нашите спортисти присуството на светските спортисти и можноста од директна комуникација со нив е од исклучително значење и е друга исто така многу значајна придобивка од овие натпревари.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија