Најдобриот трекер на активност за 2013 според CES

На овогонидашниот CES беа претставени огромен број на нови гаџети меѓу кои и Fitbit Flex трекерот на активност кој беше прогласен за најдобар гаџет за секојдневно носење. Да видиме што нуди оваа мала склопка на силикон и парче современа технологија.

Flex претставува првата верзија на трекер на активности која е лансирана од фирмата Fitbit и е единствено парче техника (од овој тип) на пазарот кое овозможува wireless (односно Bluetooth 4.0) пренесување на информациите во истиот момент (real time) од бразлетната до вашиот смартфон. Иако е прваче, Flex со интегрирањето на ваквиот начин на трансфер на податоците и олеснување во манипулацијата инстантно ја прејде конкуренцијата како Jawbone Up (која се врзува преку USB) и Nike Fuel Band (кој се поврзува преку интернет конекција).

Гаџетот е всушност силиконска бразлетна која има инкорпорирано парче техника што овозможува следење на вашите секојдневни активности до секој чекор што го правите. Па дури и кога спиете. Апаратчето ги следи сите ваши секојдневни активности, од чекорите што сте ги направиле, дистанцата која сте ја поминале, колку од тоа време било во активна состојба (трчање), преку тоа се пресметуваат и согорените калории, а го мери и времето поминато во сон.

Сите тие информации преку малиот гаџет безжично се пренесуваат на вашиот смартфон, односно на посебната апликација преку која можете лесно да ја следите вашата дневна активност. Апликацијата има опција да си наместите ваш посебен тип на активност која сакате да ја направите во текот на денот, односно цел која треба да ја остварите доколку сакате гаџетот да го искористите во ослабнувачки цели.

Бразлетната е направена од силикон и доаѓа во разни бои, а дизајнот е прилично едноставен и не пречи на вашето секојдневие. Малото парче на компјутер е сместено во бразлетната и се вклучува со допир.

Сега за сега, бидејќи е американски производ, Flex е компатибилен само со Ајфон, Ајпад, Ајпод и Мек, но од пролет се очекува промовирање на Андроид апликација.