Најава за филмовите кои ќе бидат дел од програмата на годинешното ЕХО

Почитувани пријатели, пресреќни сме што можеме да ги објавиме датумите на одржување на најважната културна манифестација која ги слави планините и нашата љубов кон нив. Овогодинешното издание на Планинскиот филмски фестивал, „Ехо – Денови на планинскиот филм”, ќе се одржи од 28-ми до 31-ви октомври. 

Исто така ве известуваме и дека оваа година, Ехото од планините, пренесено преку нови прекрасни филмови и презентации, ќе одекнува во Младинскиот Културен Центар, во арт-киното Фросина. Ви ветуваме повторно, многу атрактивна програма и ви ветуваме нови насмевки и многу нова инспирација!

Во следниов период ќе продолжиме да ви ги претставуваме содржините кои ќе бидат дел од годинешната програма:

Човекот – птица: оригиналниот сон за летањето

„Човекот – птица” е документарен филм посветен на сонот на човекот да може да лета. Илјадници години, луѓето гледале кон небото и сонувале да можат да бидат во воздухот, како птици. Денес, луѓето можаат да летаат. Тоа е многу опасно и потребни се многу години на тренинг, но неколкумина го посветиле целосно својот живот во потргата по најчистата форма на човечки лет: тоа е”Wingsuit BASE” скокањето.

„Човекот – птица” го следи сонот на човекот да лета, од моментот кога тој е зачнат во античките времиња, па се’ до денес. Тоа што на почетокот беше каскадерско фрлање во смртта од објекти како Ајфеловата кула, денес е почитуван екстремен спорт во кои спортистите прелетуваат преку планините со брзини и до 240 km/h, на само неколку сантиметри од дрвјата и карпите.

За време на филмот, професионалци во овој спорт, како Елен Бренан, Мајк Стин и Мет Гердс, ќе нè понесат низ инспиративната, но сепак трагична историја и ќе ни ја покажат врвната техника на човечко летање во 2012-тата година. Мет, Мајк и Eлен се најталентираните претставници на овој спорт и за време на овој филм прават нови прелетувања во европските Алпи и ги вкусуваат сите подеми и падови во овој спорт.

На крајот, се претставува визијата на овој спорт преку објаснувањата на тим научници од Швајцарија за тоа како во иднина летачите ќе можат да постигнат совршено врамнотежени и релативно безбедни прелетувања, користејќи автономни системи за контрола и мали мотори.

Ова е прв документарен филм кој го претставува минатото, сегашноста и иднината на овој спорт.