СЕРИЈА НА ИНТЕРВЈУА ОД НЕВЛАДИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА ТАКТ НА ТЕМА ЖЕНИТЕ ВО СПОРТОТ

Интервју со Дрита Ислами “Мотивација за мене е да постигнам нешто што го нема постигнато некој порано”

За да се постигне добар пласман во атлетиката ,,кралицата на спортовите” потребна е железна волја, издржливост и брзина. Младата Дрита Ислами, која не претставувавше на Олимписките игри во Рио 2016 год. ги поседува сите овие карактеристики и секојдневно се надминува себеси постигнувајќи се’ подобри резултати на домашните и светски терени. Исполнет спортски календар за оваа и наредните години ветува многу лични и државни рекорди од младата Дрита Ислами.

1.Од кога почнавте да се занимавате со спорт и од каде љубовта кон атлетиката?

Со спорт почнав да се занимавам од мала. Кога имав 12-13 години, почнав да играм одбојка за училиштето во кое учев, а подоцна почнав да се натпреварувам и во трчање во т.н. „Школски олимписки игри” меѓу школите во општина Сарај и успеав да бидам прва во мојата генерација. Потоа се регистрирав во клуб каде што почнав да тренирам посериозно. Отсекогаш сум сакала да бидам брза, да се докажам себеси… Повеќе ги сакав индивидуалните спортови, па така избрав да тренирам атлетика.

2.По што се издвојува атлетиката од другите спортови?

Атлетиката е позната како „кралица на спортовите”. Речиси во секој спорт има атлетика… Навистина тежок спорт и за разлика од другите спортови, во атлетика се бориш со времето и со себеси. Конкуренцијата е многу силна и многу е тешко да се дојде до добар пласман онаму каде што сите се борат против секого.

3. На кој начин спортот го промени Вашиот живот?

Спортот односно атлетиката го промени мојот живот на многу начини. Пред сè, се подобри моето однесување бидејќи за да бидеш спортист треба да имаш и спортски дух, а со спортските патувања се шират и хоризонтите и пријателствата. Се разбира, многу ми значи и мислењето на луѓето и нивната почит спрема спортистите, нивниот труд и резултатите што ги постигнуваат.

4. Кажете ни нешто повеќе за патувањето на Олимписките игри во Рио 2016 година. Кои беа Вашите очекувања и резултати? Со која мисла и предизвик се вративте оттаму?

Олимписките игри се сон за секој спортист, па и за мене исто така. Многу сум горда на себе што успеав да го реализирам својот сон за кој мечтаев од моите први години во атлетиката.
Во Рио претстојував околу три недели. Таму секој ден беше поубав од другиот, секој ден имаше ново нешто во олимпиското село, сретнував нови луѓе, нови познати личности… Јас бев многу млада за да се натпреварувам во најголемиот спортски настан како што се Олимписките игри; имав само 20 години, а се натпреварував со многу повозрасни атлетичарки, а освен тоа потребна е и психичка спремност. Но, секако, таква шанса еднаш се дава и не можев да одбијам. Моите очекувања беа да трчам државен рекорд и да ја исполнам Европската норма за 2017 година, која успеав да ја фатам оваа година. Немав многу добра трка, трчав послабо од мојот личен рекорд, но сепак бев задоволна со постигнатиот резултат во такви лоши временски услови. Како и да е, таа останува мојата најсакана трка во мојата кариера.

5. Што е потребно за победа? Која е Вашата мотивација во секојдневните тренинзи и натпреварувања?

Потребно е многу работа, многу напор, секако дека треба и мотивација пред трка. Целта треба да биде многу голема за да те мотивира да стигнеш што побрзо во финиш.
Мотивација за мене е да постигнам нешто што го нема постигнато некој порано и да се реализирам себеси, да го задоволам тренерот, а моето семејство да се гордее со мене.

6. Кој е Вашиот идол во македонскиот женски спорт? Или во светскиот…

Кога почнав да тренирам, не знаев многу за историјата на македонската атлетика, но откога дознав за македонската рекордерка на 100 и 200 м Александра Војнеска и за нејзините резултати, таа почна да ми биде идол и секогаш сакав да тренирам со неа. Имам среќа таа веќе две години да ми биде тренерка. Во светскиот спорт, пак, идол ми е атлетичарката од САД Алисон Феликс која трча 100 м и 200 м.

7. Што значи победата, а што поразот? Како се станува после пораз, како неминовен резултат понекогаш?

За мене секоја трка е искуство. И поразот исто така е искуство и многу голема мотивација. Се станува, особено што по поразот ве чека многу работа, подготовки и самодоверба до следната трка.

8. На кој начин би можеле да придонесете за македонскиот женски спорт, сега и во иднина?

Кај нас треба многу да се вложи во спортот, особено за женскиот спорт. Јас на мој начин како атлетичарка можам да придонесам многу за македонската атлетика – да ја кренам на европско ниво, како што успеав оваа година да освојам прво место во Европскиот куп во Малта. Можам да бидам пример за другите помлади генерации да научат нешто од мене и да се мотивираат од моите резултати. Во иднина, ако одлучам да работам како тренер, се надевам дека тоа ќе биде голем придонес за атлетиката кај нас.

9. Кој е планот за во иднина, што имате на спортскиот календар? Кои се идните предизвици?

За 2017 година не ми остануваат многу трки, освен Светското првенство во Лондон и Светските универзитетски игри во Тајпеј. За следната сезона, наредната 2018 година има Европско првенство во Берлин, Медитерански игри во Тарагона и многу други меѓународни натпревари.

10. Колку на крајот на краиштата е важен резултатот?

За мене секој резултат е многу важен, од секоја трка учам многу, било тоа да е добар или лош резултат. Секако дека добрите резултати, како што се личните и државните рекорди, имаат поголема важност и се паметат засекогаш.

Автор

TAKT NGO

Скопје

Македонија