Петок, 22 Јули 2011

Наслов

Мојата прва експедиција - ден 5 (85км)

Дали некогаш сте приметиле дека целиот наш свет е испресечен и исцртан од патишта, мостови, пруги, тунели? Дури и природните текови или водени маси ги користиме за превоз. Да не зборувам за воздухот. Значи се е во движење. Се е подредено на патувањето. Се што е материјално е во постојано релативно движење.

Утрото - поглед од шаторот

Претходни страници од книгата: Ден 4


Зошто јас би се спротивставувал на тоа природно правило и би седел дома? Зошто да не патувам? Не признавам непатување. Патувањето е еднакво на истражуање. Истражувањето пак е дознавање нови работи. И ако ги искомбинираш тие три работи добиваш исполнување на сонот.

Утрото нè разбудија колите што минуваа блиску до местото каде што кампувавме. Сите брзаа накај Алп Дуез. Имаше и многу велосипеди. Подоцна ги игнориравме, уживавме само во звукот што го правеше водопадот. Прошетав во околината и пробав да стигнам до местото кадешто водата ја допира земја, ама беше далеку. Животинките сепак ја дофатиле кесата со јадењето што ја оставивме закачена на дрвото и целото место беше со ѓубре. Кесата ја раскинале и се расфрлале во околината. Додека го средував точакот Јово веќе имаше поставено за јадење. Доручекот најчесто го јадевме веднаш штом ќе станеме, освен кога не требаше да брзаме. Гледавме да не мораме да брзаме. Подобро да јадеме нешто пред тргнување, отколку да мораме да застануваме за јадење штом ќе се развртиме. Ова беше првата ноќ да спиеме како луѓе. На рамно, топло место. Сè уште бевме опкружени со Алпите, но бевме на пониско. Откако го качивме Лотерат, започна спуштањето што ќе трае сè до Гренобл, и подоцна ќе продолжи покрај реката Рона. Бевме задоволни.

Ни трага ни глас од Гоце и Марко. Зарем толку беше тешко да не најдат? Којзнае каде спиеле? Откако се исуши опремата од утринската роса, ја собравме и тргнавме надоле. Река од возила и велосипедисти се упатуваше кон целта на денешната етапа. За денеска цел е искачување на Алп Дуез, гледање на нашата трета (нивната 19 етапа) на Тур де Франс и продолжување до Гренобл каде што утре ќе ја гледаме последната наша етапа на ТДФ пред караванот да продолжи кон Париз, а ние на југ кон морето. Излеговме на патот и веднаш фативме приклучок со останатите велосипедисти коишто си возеа рекреативно. Ги имаше и локалци кои само беа излезени да се рекреираат, но имаше и како нас, луѓе што го следеа турот со точак. На неколку километри наидовме на поправка на тунел на регионалниот пат, тоа ги успори возилата, а нас ни даде предност пред нив. Патот продолжи покрај едно прекрасно сино езеро кое што водата ја добиваше од топењето на снегот и глечерите во по околните падини. Застанавме во првото гратче да купиме нешто за пиење и карта на Франција. Веќе два дена бевме во Франција, а сè уште немавме карта. Се ориентиравме според картата на Италија, до кај што покриваше. Тука го запознавме извесен Џером од Австралија. Тргна со нас. Дечкото возеше хибрид-велосипед со тенки мазни гуми, 28 инчи, челичен рам, со три предни ѕвезди и девет позади. Специјализиран за на пат и за на угорници. Имаше бисаѓи и напред. Имаше многу апаратчиња што го олеснуваат ваквиот начин на патување. Најдобро му беше она колекторче на сончева енергија, и си ги поленеше сите уреди. Полнеше телефон, лап-топ, батерии...Џером возеше со нас до половина на угорницата кон Дуез. Подзастана таму некаде. Не го видовме повеќе. Секогаш се интересни тие пријатели коишто ги среќаваш само еднаш во животот, и тоа на пат, и прават истото што и ти, и не ви треба многу да се запознаете. Се поздравувате и си продлжувате секој по својот пат.

Диди со македонското знаме

Како се доближуваме, така тензијата расне. Само да не го затворатат патот како вчера на Галибие, си мислам. Стигнавме до подножјето на Дуез. Тука го сретнавме најпознатиот навивач на Тур де Франс и Џиро д Италија - Диди ѓаволот. Најпознатиот. Почекавме малку да се поздравиме и да се сликаме. Не е она што бил некогаш. Знам дека повеќе нема спонзори и сега се снаоѓа како знае. Светска криза. Никој не му ги покрива трошоците за патување. Но се пак, сè уште е мегапопуларен меѓу навивачите на турот. Беше облечен како и секоја година. Се сликавме со него и му го дадовме знамето и тој да се сликне сам. Се гледаше дека не го прави тоа за прв пат. Беше искусен. На почетокот на угорницата кон Дуез имаше илјадници, буквално илјадници велосипедисти. Уште повеќе пешаци. Сите се движеа нагоре. Кој стигне погоре ќе биде поблиску до целта. Немаше многу како мене и Јово, со товар на точаците. Затоа и бевме поинтересни од другите. А па тие, не беа ништо посебно подготвени. Застануваа, возеа споро...Јас и Јово ги престигнувавме сите. Адреналин те мава во нозе и не застануваш. Не застанавме ниеднаш до 12тиот километар. Овие минути беа најубавите на целата тура. Илјадници луѓе стојат покрај патот и те бодрат. Сите викаат: але, але...Нè третираа како да сме натпреварувачи. Отсекогаш сакав да го почувствувам тоа.

Расположени лица на сите страни

Најмногу навивачи имаше од Холандија, Белгија и Луксембург. Тука се на одмор. Вака тие одат на одмор. Гледаат некоја етапа од ТдФ и продолжуваат на југ кон морето. Илјадници бели трејлер приколки. Од сите страни викаат: Македонија. Але, але. Некои мислеа и дека сме од Шпанија или Каталонија. Знамето им се видело слично. Кренав малку глава и го видов селото. Како виси над нашите глави. Буквално. До горе има 21 свиок а просекот е околу 7 степени. Посебно место. Повторно се искачуваме на Алпите. Имаме голема поддршка. На секој свиок имаше Холаѓани облечени во портокалово. Имаа многу гласна музика што ја пуштаа на големи звучници и многу пиво. Се доближив до еден Холанѓанец и со раката му дадов знак да ми го даде неговото пиво. Го земав и го поделив со Јово. Тие па паднаа во делириум. Почнаа да навиваат и се стрчаа по нас да не бодрат. Беше многу интересно. Погоре имаше човек што се си организирал сам. Си поставил две маси на коишто имаше вода и сок во мали пластични чаши. И кој како поминува тој му дава вода или сок, а девојка му после 20 метри ги собира чашите. Какви луѓе еј? Искачувајќи се нагоре некој ни пријде и ни вика: „Македонци, каде одите? За Битола или Скопје?". Испадна дека то бил Драгомир, сопственикот на брендот Драг, чијшто увозник за Македонија е Арсо, кадешто Јово работи.

цела да е, секој да ја знае...

Каква случајност што се најдовме. Јово се познаваше со неговите синови. На 2 километри пред целта ми се дупна гума. Тука веднаш застанав и го фрлив точакот во ендекот. Нема шанси сега да лепам или да менувам гума. Се симнавме од точаците и продолживме пешки. Ми беше криво дека нема да се искачиме до горе со точаци, но и така немаше да успееме зошто патот беше затворен на километар до целта. Но и ова не беше лошо. Го добивме тоа што го сакавме. Најубавото искуство што некогаш сум го имал. Благодарам.

Алп Дуез е алпско селце со развиен туризам и познат скијачки центар. Се е подредено на туризмот. Жичари насекаде, преку лето доаѓаат љубители на планините, а во зима скијачите. Сите куќи, згради и хотели беа изградени од дрво. Ме потсетуваше на Монтежиневр. Асфалтот беше целиот исцртан со пораки. Најмногу пораки имаше за браќата Шлек, Леопард Трек тимот и за Луксембург. Тие имаа најмногу навивачи. Пораките за Контадор беа помистериозни. На патот пишуваше само Конта и имаше слика на орел во лет. И јас ги извадив спрејовите и цртав сонца и Македонија. Се е дозволено. Следниот пат ќе дојдеме со канти поликолор, па ќе видат тие. И со четки и ваљаци!!! Насекаде ќе пишува МАКЕДОНИЈА!

Откачениот луксембуржанец

Абе уживанција. Насекаде пријатни луѓе. Имаше еден откачен човек од Луксембург и насекаде одеше и зборуваше на мегафон. Разбрав дека навива за Шлековци. Имаше друштво велосипедисти облечени во дресови на СССР. Навивач облечен во хокеарска облека со пиво во рака. Девојчиња кои те влечат во нивниот шатор и се обидуваат да ти продадат кредит од банката АГ2Р. Абе не сум Французин јас, им велам. Продолживме кон целта да бараме место за гледање. Веќе се специјализиравме за наоѓање место за гледање, а? Стигнавме до пред целта, но беше тешко да се стигне до самиот крај. Се вративме назад. Отидовме да земеме нешто за јадење и нови батерии за апаратот. Да видиме дали вчера не работел апаратот од ладното или батериите навистина биле празни. Тргнавме надоле и застанавме на километар од целта. Имаше многу млади луѓе и се здруживме со нив. Веднаш си го бележавме местото со знамиња. Да се знае кој стои тука. Тоа беше токму под километар до целта банерот. Стоевме заедно со група Американци коишто испија многу алкохол. Нешто споделија и со нас. Малку ручнавме и караванот со спонзори почна да доаѓа.

Македонските навивачи на километар од целта

Саат ипол. Кола за кола. Само фрлаат нешто. Девојки испокачени на платформи на камиони се смеаат, се сликаат, фрлаат сувенири. Абе ајде нека дојде пелотонот. За тоа сме тука. Постојано доаѓаа информации за моментата состојба. Контадор имал напади, но го стигнувале. Ако сака да победи мора денеска да ја стопи предноста и утре да победи на хронометар во Гренобл. Прв помина Пјер Ролан од Јуропкар, подоцна ќе ја освои белата маичка за најдобра млад возач. Следен беше Самуел Санчез и брзо после него помина Контадор. Делириум. Во тој момент сакаш и да го сликаш и да го видиш во живо. Многу често ваквите важни моменти сум ги гледал преку објективот на апаратот. Или сликаш или снимаш. Сакам во живо да го видам Контадор. Не го сликав. Оставив да го видам во живо. Ги сликавме следните што доаѓаа. А и тие дојдоа брзо после водечките. Сите беа во мали групи. Двајца Шпанци си се соблекоа голи и си ставија чорапи на патлаците и ја прерипаа оградата. Трчаа покрај еден шпански велосипедист и си се вратија позади ограда. Никому ништо. Ама штета што камерите беа на нивата страна и не ги прикажаа. Немаше нешто како масовен пелотон зошто беше планинска етапа и сите беа расфрлани по патот. Одблиску го видовме и Џони Хугерланд, човекот кој што стана херој за сите луѓе што следат велосипедизам после летањето во бодликавата жица. Силен човек. Се смееше кога помина. Целта му беше да ја заврши трката до последната етапа.

Кавендиш во зелено (средина), Хушовд во бело (десно)

Поминаа сите. Тргнавме надоле. Стигнавме до точаците и исто како на Галибие, никој не ги пинал иако не беа врзани. Среќа. Веднаш земав да ја менувам гумата. Ни пријде еден стар човек. Кога го прашавме од каде е ни покажа кон кредниот дел на точакот кадешто стоеше името и знакот на производителот на тој точак. Пишуваше: Ница 1963. Од таму сум, ни рече, и од тогаш сум тргнат на пат. Можете ли да замислите. Човекот имаше 70тина години од кои 50 е на пат. Возеше стар точак со една брзина. Позади имаше дрвена гајба што му сужеше како багажник за опремата што ја носи со него. Немаше ни јадење ни нешто посебно облека. Но имаше едни стари дрвени скии. Рече дека е подготвен за на секакви услови да преживее и да се забавува. Кога е на море плива, кога е на планина скија, кога е на пат вози. Еден стар, побелен, забраден, долгокос дедо. Зборуваше малку италијански, малку англиски, шпански и француски, нормално. Менувајќи ја гумата бевме поздравувани од колите што минуваа и не прашуваа дали ни е потребна помош. Сите сме заедно во ова. Запамтете.

Луксембуржаните слават за Енди

Завршив и тргнавме надоле. По пат Јово застануваше да ги собира сите знамиња што беа оставани покрај патот, а јас си најдов едно Налџин шишенце. Бесплатен сувенир. Исто така застанувавме покрај приколките кога домаќините ќе не поканеа на пиво или нешто ситно да замезиме. Беше интересно да се дружиш со Баскијци, Белгијци, Британци и Холанѓани, на толку мал простор. Супер спуст. Кратки правци но брзи. Доле на кружниот тек се најдовме со Марко и Гоце. Останале доле да го следат турот. Се собравме, кажавме кој-што има да каже и тргнавме. Планината мораше веднаш да се испразни од сите коли и гледачи што го следеа турот. Сите одиме кон Гренобл. Сите ленти се движат натака. Нема лента за назад. Мислев дека никогаш нема да успеат да обезбедат простор за сите возила што одеа кон градот. Патот постојано се спушташе надоле. Возевме во просек по 40 км/ч. Бевме побрзи од сите возила зошто тие заглавува во сообраќајот, иако беше отворен пат. Возилата беа поретки подоле на патот, а возеа и побрзо. Застанавме на едно место да се собереме и на тргнување Марко виде дека има дупната гума. Нестрпливиот Јово не чекаше да види што се слчува и веќе беше тргнат. Гоце веднаш се пушти да го стигне, а јас останав да му правам друштво на Марко додека ја менува гумата. Почна да врне. Налет. Останав до крај со Марко. Проценив дека надоле по патот не врне. И го убедував Марко да тргнеме веднаш за да му избегаме на дождот. Не ме послуша. Остана да спие во тоа селце. Ноќта ја поминал со некои Холанѓани и си поминале супер. Во меѓувреме, јас морав да брзам за да ги стигнам Јово и Гоце. Дождот престана на 200 метри по патот. Возев многу брзо. Што ќе правам ако не ги најдам? Немам шатор, а дождот може да се сврти и накај Гренобл. Веќе се стемни. Коловозот беше воден и имаше опасност од лизгање. На едно место патот се двоеше. Право оди преку мостот и го прави влезот во градот поблизок, но таму е забрането. Десно оди право во град, но е подолго, поопасно, ама дозволено. Набрзо ни се придружи и еден постар Германец. Наводно го знаел патот, бил тука еднаш, ама било одамна. Веднаш по него застана и една кола. Излезе еден дечко. И почна да ни објаснува по кој пат да одиме. Ми падна сомнителен. Чекај сега, од каде знаеше дека се двоумиме за патот? Ми личеше на арап. Ми беше сомнителен и готово. Не убедуваше да одиме по десниот пат што беше темен и подолг. Си помислив дека може што сака да ни направи во темницата, ако не начека со банда. Од каде знаеш? Мораш да бидеш претпазлив. Да внимаваш на се.

на пиво со Баскијците

И тргнавме по десниот пат. После пола саат стигнавме во некое населено место. Предградие на Гренобл. И одма дупмната гума. Цела шајка ми имаше влезено во гума и го изгреба дури и бандажот. Тие денови бев малерозен со гумите. На крај испадна дека целата тура сум бил малерозен со гумите. Ја сменивме и веднаш почнавме да бараме нешто за јадење. Немавме ништо со нас, а продавниците беа одамна затворени. Не понесе атмосферата преку ден и заборавивме дека треба да пазариме нешто за јадење. Но и да ни текнеше немаше да можеме зошто бевме далеку од големите градови кадешто се наоѓаат оние големи евтини маркети. Гренобл беше најсеверното место што го посетивме на експедицијата и се стемнуваше доцна. Во градот влеговме околу 23 часот. Веднаш најдовме една донерџилница. Скапо. Во градот работеа само три ресторани. Првиот беше индиски, па кинески, па турски со донер. Отворен француски или интернационален ресторан нема на километри. Французин по род уште помалку. Улиците се празни. Луѓето што поминуваа беа или Арапи или црнци. Државава е преплавена со нив. Застанавме да јадеме донер, по нивно кебап, во еден турски ресторан. 4.50 еур само кебап, сосе помфрит 6.50 еур. Давај. Така сме се насладиле. Ух колку вкусен донер јадевме. Сега требаше да најдеме парк за спиење. Кампувањето беше дозволено насекаде во градот заради турот. Јово бендиса еден парк ама беше заграден и далеку од центарот. За ориентација ги користевме картите на постојките во градот. Во Гренобл влеговме по една долга и права улица која што не носеше во центарот и мислев дека е подобро да не се одалечуваме од неа. Вечерта се сместивме во еден парк, блиску до главната улица. Бевме многу уморни и не поставивме ни шатори. Не приметивме ни дека небото се наоблачило. Уживањето од дента ни ги помрачило сите сетила. Само уживаш. Што и да се случува тебе ти е убаво.

Јово на симнувањето од Дуез

И легнавме така во еден ќош во паркот. Само во вреќи. И вечерта почна да врне. И само се доближуваме до стеблото на дрвото демек таму крошната е најгуста па нема долго да врне и ќе куртулиме од пуштање шатор. Ама кога фати еден дожд. Море станувај веднаш да местиме шатори. И го наместивме шаторот на Гоце зошто беше најголем. Не смести сите тројца внатре. Море и среќа што заврна. Имаше некое друштво што замараше со галама. Не нè гледаа зошто бевме во паркот, позади некои дрва, но ние ги слушавме и ни сметаа. Ова ни беше петта ноќ на пат, а само една ноќ спиевме сите четворица заедно. Каде ли е Марко вечерва? Со кого ја поминува ноќта? Ме радува дека донесов добра одлука да продолжам по патот и да не го чекам. Го одминав дождот таму, но ме начека тука. И тоа сред ноќ. 


Сврти на наредна страница: Ден 6

23 Декември 2015

За авторот