Среда, 20 Јули 2011

Мојата прва експедиција – Ден 3 (Сестриере-Сере Шевалие 50км)

Околу пладне нè разбуди галамата од патот. Сè наоколу беше прекрасно. Каде ли се наоѓаме? Синоќешното туркање по угорниците ни се чинеше нереално. Кога ли сме легнале што волку доцна се будиме?

Претходни страници од книгата: Ден 2


Народ веќе почна да доаѓа. Караванот мора да е блиску. Го видов Марко доле на патот покрај една кола, одма на кривината под нас. Еј, стигнал? Ама Гоце го нема. Марко подоцна ни кажа дека Гоце веќе бил во градот. Собравме се и тргнавме накај Сестриере. Имаше многу луѓе. Навивачи од цел свет. Го собравме Гоце од плоштадот и отидовме во една продавница да земеме нешто за јадење. Ќе си готвиме ручек и ќе гледаме тур. Величенствено. На излезот од Сестриере наидовме на некои Грци. Го имаа ставено знамето на газот. Ние си мавтаме со нашите знамиња и не приметија. И одма искрење во очите. Си викам ај да одиме да не настане некој инцидент. Не ги видовме повеќе. Почнавме да се спуштаме надоле и баравме најдобра позиција за гледање. Сакавме да се наместиме на свиок или на стрмна угорница кадешто ќе возат најспоро. Ама се беше зафатено.

Застанавме на километар од Сестриере. Одлично место. Беше широко. Ги извадивме знамињата и го поставивме навивачкиот штанд. Јово извади да готви, а јас отидов од другата страна на патот. Спроти нас имаше еден чичко што си беше дојден со својата камп приколка, си уживаше внатре гледајќи тур и пиејќи пиво. Жена му готвеше. Тие беа членови на Иван Басо фан клубот. На приколката имаше стотици лепенки од трките што ги посетиле во живо низ целиот свет. Најстарата беше од 1981. Замисли, веќе 30 години одат по светот со истата приколка и си гледаат трки. Фантазија. Си застанав пред телевизорот да ја гледам трката. Дојдоа и други луѓе и одма се разврза муабет за тоа кој до каде е, што да очекуваме кога ќе дојдат, за колку време ќе бидат тука.

Секој си го фаворизира својот кандидат. Имавме повеќе од еден саат време додека дојдат. До нас имаше една постара госпоѓа, Французинка, точкарка од блискиот град Бриансон. И свртевме муабет дека после етапата ќе сме оделе кај нејзе на ручек. Се сложи. Ама кидна веднаш штом помина пелотонот. Демек па ние навистина ќе и одевме. Така, нешто муабет да се сврти со локалци. Да се вклопиме. Јас си седев нели пред приколката и Гоце доаѓа и ми вика ај да се сликаме. Ај отидов. Не сликаше некојси Јапонец чијашто слика подоцна ја виде цела Македонија. Ние појма немавме. Јас навистина не сакав да се сликам, ама ете ти. Добра услуга ни направи човекот. Следниот ден таа слика ги обиколи сите македонски медиуми и се расчу за Експедицијата.

Пелотонот беше се поблиску. Тензијата растеше кај гледачите. Сите се возбудуваат, а Јово си готви. Па почна тој рекламниот караван. Тоа е поворка која трае саат ипол и доаѓа пред пелотонот (големата група на велосипедисти) за да ги претстави спонзорите на трката. И почнаа да фрлаат реквизити: весници, капчиња, маици, привезоци, вода, некои кифлички. Освен капчињата и маиците останатото е претежно неупотреблива роба. Посебно за некои како нас со 30-40 кила товар на точаците. Само непотребно би ни тежела. Се договоривме да ставиме се на куп па на крај да поделиме. Полека се подготвуваме за доаѓање на пелотонот. Договорот беше јас да трчам покрај нив, а Марко да ме слика. Гоце стоеше покрај знамињата од другата страна. А и Јово беше таму некаде.

Прв помина Едвалд Боазон Хаген од Тим Скај. Возбуда. Адреналин до крај. Сите се избезумени. Сите се мислат што поголема глупост да направат. Интересен беше чичкото со приколката. Жена му му подаваше шишиња со вода за тој да им го дава на возачите. На сите им се обраќаше по име. Се познаваше со нив. Вика: Але Алберто. Земи вода. Опасен беше. Го видовме и следниот ден. Набрзо после Боазон Хаген поминаа и други тркачи што биле во бег, а после нив и пелотонот заедно со големиот шампион Алберто Контадор. И тогаш имаш дилириум. Сите се растрчаа околу. Ги следат. Ги бодрат. Од сите страни имаш: АЛЕ. АЛЕ. АЛЕ…Напред. Добро е, поминаа, преживеавме. Сум бил и на две етапи на Вуелта Еспања во 2009. Ама ова беше друго. Ова е ТУР ДЕ ФРАНС. Дојдов за ова. Уживање. Поминаа и тимските автомобили. Значи готово е. Тогаш седнавме да јадеме.

Ма не ти се јаде, ама мораш. Гоце како по обичај дојадуваше се и се уште јадеше. Помина еден Словенец и викна: Македонци. Ние го поздравивме, а Гоце со полна уста му вика: Еј, врати се бе. И си продолжи да јаде. И тој крик го имитиравме цел пат. Кога ти е досадно од вртење само ќе си викнеш: Еј, врати се бе. И одма смеа. Многу смешна ситуација. Јадевме, средивме се и тргнавме надоле. Јово секогаш беше прв за тргнување. Не чекаше никого. Го почнавме спустот. Беше многу интересно. Сите се движеа во ист правец. Сите одевме кон Кол де Лотерат или Кол ду Галибие-целта на следната етапа. Така симнувајќи се го гледам Јово како си седи во дворот на една куќа. Си ги земал столчињата и си седи покрај патот. Ги поздравува туристите. Тука имаше и една чешмичка, па ги измивме садовите и исправме нешто од облеката. Малку хигиена не е на одмет. Којзнае каде ќе можеме да го направиме истото пак. Јас измив се, си ги пружив алиштата и си легнав покрај патот. Го забодев знамето и си гледам во планината од спротивната страна. Коли проаѓаат покрај мене и ми свират. Љубоморни бе. Одморивме малку и продолживме надоле. Краткиот спуст не однесе до Чезана Торинезе. Мало гратче на италијанско-француската граница. Од тука почнува супер тешка угорница од околу 10 км до Клавие и границата со Франција. Превојот се вика Монтежиневр. Решив да го пропуштам погледот и уживањето, ама да го качам без да застанам. Многу стрмна угорница. Се поминува низ галерии и тунели што се направени за да ја спречат лавината да го блокира патот. Такви тунели гледав само на ТдФ на телевизија и сега ги возам. Фантазија.

Сум возел околу еден саат и стигнав во Клавие. Од тука веќе е порамно. Го искачивме и вториот превој. Се облеков и седнав да ги чекам другите. Во долината имаше голф клуб. Се занимавав гледајќи ги луѓето како ја рогаат тоа топката со стапови. Прв стигна Јово. Ми рече дека другите двајца многу доцнат. Ќе се смрзнам, помислив. Дојдоа и Гоце и Марко и продолживме кон границата и селото Монтежиневр. Возејќи натака Јово брзаше и го снема од видик. Поминавме еден објект, поранешна зграда на царината и застанав до еден споменик. Дојде и Гоце и прашува каде е Јово. Јас му направив филм дека Јово го задржале во заградата и дека го киднапирале и дека му го земале пасошот и дека сега ќе одам да го спасувам, а тој да продолжи и да бара помош. Абе Гоцка. Ме фати дека глумам зошто се насмеав. Ама ми успеа за кратко. Се собравме сите и продолживме кон Бриансон. Повторно спуст. Ни сметаа камионите од организацијата и тимовите. Ние сме побрзи од нив зошто имаше свиоци. Ние па им сметавме кога сакаа да не прететкнат на правците и така. Тие свири, ние претекни и ги стигнавме во Бриансон. Мене ми е познато тоа место. Сум го читал некаде. Имаше многу убава средновековна тврдина на ридот. Застанавме да одмориме. Тоа беше првиот голем град откако влеговме во Франција. Беше пред стемнување. Седнавме на влезот на тврдината. Никој немаше интерес да ја посети бидејќи бевме уморни, а и не сме сега баш тука за посета на културно-историски места. Ако видиме нешто по пат добро, ама специјално да одам и да гледам тврдини ми беше мачно. И одма се воочува разлика.

Таму нема Французи. Само арапи, црнци и Кинези. Којзнае дали зборуваат англиски. Абе тие француски дали зборуваат? Тоа ни беше првиот тест за снаоѓање во Франција. Пред да одиме за Франција го прашував Чарли да ме научи некои зборови. Макар оние за правци. Лево е гош, право е дроа, а десно…па и десно е дроаТ. И тие мене ми кажуваат да свртам десно, дроаТ, јас си возам право. Се додека не сфатив. Некако излеговме од градот. Имаше знаци. На излезот од градот Гоце и Марко рекоа дека ќе застанат и дека им е доволно за тој ден. Ете ја предноста што ја направивме јас и Јово туркајќи на Сестриере. Денеска тие возеа а јас и Јово веќе си ја имавме искачено угорницата. Ги оставивме позади. И втората вечер не ја поминавме заедно. Дали не бевме сите исто подготвени или бевме со различни амбиции? Мислам дека беше по малку и до двете. Јас и Јово тргнавме и решивме да возиме колку можеме. Целта за тој ден беше да логоруваме што е можно поблиску до финишот на утрешната етапа. Возевме опуштено во темницата. Двајца сме. Полесно се прилагодува темпото. Пак Јово влече, а јас се шлепам. Си застанувавме во секое селце. Не се брзаме. Бевме уморни. Само баравме причина да застанеме. Тоа беше долината на Сере Шевалие. Како само си го имаат искористено природното богатство? Сите селца се полни со туристи и уживаат. Делумно и заради турот но и онака, верувам дека многу народ оди таму да ужива во Алпите преку лето. Застанавме на 15 километри од Бриансон. Далечината беше одлична. Сабајле ќе имаме доволно километри да се загрееме пред Галибие. До тука бевме во право. Ама местото за спиење беше без врска. Муабет нема. Логорувавме на една удолница десно од патот. Јас го пуштав шаторот, а Јово готвеше нешто топло за да се загрееме пред спиење. Јадевме и влеговме во шатор. Местото беше толку стрмно што цело време се лизгавме во шаторот. Таман ќе се наместиш и ако малку мрднеш одма се лизгаш надоле кон излезот на шаторот. И пак ги забодуваш лактите и се креваш нагоре. Мислам дека тоа беше едно од трите најглупави места на коишто поставивме шатор или логорувавме. Некои места беа онака, без врска, колку да се преспие, ама ова беше лошо за спиење. Втора ноќ по ред со лошо спиење. Еднаш, спиејќи, се лизнав и за да се кренам се фатив за Јово, па и него го повлеков. Па почна да пцуе. Во сон, од кај да знам.

Доколку не спиеш правилно, нема да се рехабилитираш доволно за да можеш следниот ден да возиш без проблеми. Сонот е многу важен. Заклучив дека три работи се важни на пат: добар сон, квалитетна храна и редовна хигиена. Мораш да се придржуваш до сите три работи. Но сепак успевавме да се рехабилитираме после напорното возење. Никогаш не дозволивме да бидеме гладни. Внесувавме храна којашто не е нешто најздрава но сепак брзо се подготвува и заситува. Тоа беа главните оброци. Внесувавме овошје и зеленчук, чоколади и природни сокови. Никогаш не се остававме без овошје. Го беревме од нивите од овоштарниците или го купувавме од продавници. Важно беше да го имаме со нас.


Сврти на наредна страница: Ден 4