Сабота, 30 Јули 2011

Мојата прва експедиција – Ден 13 (Ница-Бордигера 63 км)

Утрото се разбудив рано. Гледам другиве спијат. Го пропуштаат изгрејсонцето. Морав да ги предупредам. Си лежев така во вреќата и си гледав кон морето, кон местото од кадешто излегуваше сонцето.

Претходни страници од книгата: Ден 12


Плажата беше празна. Ги немаше рибарите од синоќа. Минатата ноќ тие останаа последни со нас. Ама ние бевме поупорни. Сега имаше само на неколку места семејства кои почнаа со отворање на чадори и столчиња. Си се подготвуваа за пикник. Си ги заземаа најубавите места на плажата.

Вечерта спиевеме убаво. Но сепак имаше проблем околу 3 часот. Пијани млади луѓе со две коли застануваа до секоја веце кабина и ги клоцаа со нозе се додека не ги бутнат. Тоа го направија на секоја кабина, а ги имаше педесетина. А за баксуз, најблиската кабина до нас беше најупорна и требаше да вложат дополнителен напор за да ја бутнат. А тоа направи огромна врева. Малку се уплашив. Што ако тргнат на нас? Пијана багра. Не можаш да се објасниш со нив. За среќа не тргнаа. Си продолжија понатаму.

Се разбудивме сите. Му се нарадувавме на сонцето и веднаш почнавме да го подготвуваме доручекот. Наместо утринско миење на лице си влегов во вода. Нема поубав ритуал од тоа. Плус си попливав малку наместо гимнастика и на крај под туш. Е дури после сето тоа следува доручекот. Ах да потреаја тие денови. 

Го собравме кампот и тргнавме на пат. Ница беше блиску. Всушност ние кампувавме во едно предградие. Возејќи му се доближивме на хотелот. Прекрасна градба. Се состоеше од неколку полукружни делови и на секој спрат терасите беа истурени надвор и до собите се стигнуваше преку отворени ходници. Ах, каква глетка ми правеше цела ноќ. На паркингот од хотелот имаше отворен плац за јахти. На една од нив пишуваше дека била во сопственост на славниот Енцо Молинари. Продолживме по патот и откако го поминавме аеродромот и влеговме во градот, се отворија прекрасни широки велосипедски патеки што го следеа брегот. Ветерот си дуваше токму силно за да ја растера утринската магла што ни овозможуваше да имаме чист поглед на морето, а да не ни смета. Млади луѓе веќе беа излезени да спортуваат на патеката. Си имаше убаво означено патеки за велосипеди, за ролери, за трчање и за одење. Убав млад народ насекаде. Прекрасно уредени тревници, убави бели згради, најмногу од тие беа хотели. Беа покрај морето и беа атрактивни. Покрај патот имаше скулптури во форма на бонбонче од кеса свиткани во најлонче во боите на некоја држава. Штета, не наидовме на бонбончето „Македонија”. Помеѓу патеките и плажата имаше пластични столчиња на кои што луѓето седеа и си разговараа, читаа весници или доручкуваа. Тоа беа претежно постари луѓе, пензионери. Младите или спортуваат или се на работа.

Марко и Гоце влегоа во Мекдоналдс да пијат кафе, а јас и Јово ги оставивме точаците до нивните да ни ги чуваат и тргнавме пеш во обиколка на центарот на Ница. Според некои пресметки Ница е трет или четврт град во Франција, после Париз, Лион и Марсеј. Има убав народ. Претежно се туристи. Не можеш да разликуваш турист од локалец. Сите се исончани и облечени во облека со шарени летни бои. Локалците ќе ги познаете дури откако ќе почнат да зборуваат, а сите зборуваа на италијански. Овој простор во минатото бил под власта на Италија и сега има тенденција на враќање кон корените. За почеток, воведена е двојазичност. Сакавме да купиме некои сувенири. Се беше во знакот на Монте Карло и Ферари. Имаше убави тематски ресторани, нацонални кујни и француски специјалитети. На неколку места имаше саем на коишто се претставуваа некои егзотични држави-острови. Ние го посетивме штандот на островите Ријунион коишто се всушност територија под управа на Франција. Мала прошетка по тезгите и заминавме. На плоштадот поминуваше трамвајска линија, но беше извонредно тивок така што не го нарушуваше мирот на присутните. Во центарот беше огромната фонтана на Нептун.

Се вративме кај точаците и ги почекавме Гоце и Марко седејќи на клупите над плажата. Потоа продолживме со патот. На излезот од градот имаше височинка којашто нудеше прекрасен поглед на плажата и градот. Непрегледна песочна плажа. Зошто некој би го напуштил тоа? По пат посетивме споменик посветен на француските војници од Втората светска војна. Потоа влеговме во еден залив каде што беше сместен градот Вилефранке сур Мер. Демек француска куќа на море, зошто има уште една Вилефранке ама е во копното, во областа Дофине. Кога застанавме на видиковецот да одмориме Јово се стаписа. Рече дека мораме тука да поминеме малку време и веднаш почна да готви свечен ручек. Бевме сместени на височинка што ни нудеше поглед на градот што беше сместен на падините на ридот кој се спушташе до морето и се претвораше во плажа. Тој рид го формираше заливот во форма на потковица. Стотици бродчиња и јахти беа закотвени во заливот. Беа засенети од еден огромен крузер што исто така беше закотвен на влезот во заливот.

Јово за ручек ни направи пире и салата и го јадевме пилето што го купивме на излез од Ница. Јово тврдеше дека некои луѓе плаќаат по илјадници евра за да ручаат во ресторани со ваков поглед, а ние го добиваме без пари. Беше во право. Местото беше прерасно. И плус беше во сенка. Врзавме знамиња покрај патот и се фативме за работа околу ручекот. На крај секој си доби по четврт пиле, голема порција пире и по еден патлиџан како салата. Јас не бев гладен бидејќи скоро доручкувавме, а и беше рано. Но јадев атер за Јово зошто ептен го бендиса местото. Се најадовме и легнавме да спиеме. Истото го правевме после секој ручек. Јас секогаш прв заспивав и прв се будев. Станав и си седев на столпчето и си ги гледав луѓето доле на плажата. Весели луѓе. Сонцето има магична моќ. Навистина дава позитивна енергија.
Се разбудија сите и тргнавме. Следен град беше Монте Карло. Сите бевме по малку возбудени. Тоа требаше да биде врвот на оваа посета на Азурниот брег.

Наместо вовед во градот покрај патот се изнагледавме прекрасни големи вили со базени во дворовите. Дури и возниот парк се смени. Мислев дека врв ќе бидат оние коли пред хотел Интерконтинентал во Кан. Но врвот беше тука. Можеш да замислиш возен парк во град во кој има такси возила Јагуар од 200.000. Подоцна кај пристаништето еден човек изелзе од јахта и влезе во своето Ферари од 500.000 евра, и се врати за помалку од 5 минути. Значи тој бил семки да купи со кола и веднаш се врати. Штом се врати толку брзо значи не бил далеку, можел да оди пешки, ама не.
Се сликавме на влезот на градот и влеговме. Насекаде имаше ѕидови од високи кули, хотели, густ сообраќај, но сепак беше тивко и споро. Ја посетивме главната марина, застанавме покрај неколку споменици посветени на разни Ф1 возачи, поминавме низ тунелот кадешто поминуваат болидите за време на трката, бевме во еден кантри-клуб. И отприлика тоа би било тоа. Тоа беше единствениот начин да го доживееме тој или кој и да е друг град. Ние не бевме таму да излегуваме по дискотеки, да одиме по ручеци, по хотели, музеи и изложби. Сепак вадевме максимум од можностите. И на крај, важно е дека поминавме од таму. Убаво ни беше, но исто така ни беше убаво и во Прованса и на Алпите. Одлична можност за малку пари да се видат сите тие места, можеби не можеш да ги доживееш како што треба бидејќи таму си само на поминување, но сепак ова беше претходница за некое идно патување.

Излеговме од Монако и се упатиме кон италијанската граница. По целата должина на патот имаше куќи и вили. Немавме проблем со ориентација бидејќи си се држевме до крајбрежниот пат. Сонцето веќе зајде и луѓето се прибираа од плажа. Си биле тука на одмор. Не брзаа никаде. Така стигнавме до Ментон. Последниот град во Франција пред да влеземе во Италија. Во градите имав некакво убаво чувство во врска со влегувањето во Италија. Како да се враќав дома. Можеби не толку заради влегување во Италија, колку што заради излегувањето од Франција. Дали познавањето на јазикот ми ги доближи Италијаните или нешто друго. Во секој случај, знам дека конечно бев среќен што ја напуштаме Франција, иако ни овозможи прекрасни моменти, и влегуваме во Италија. На поранешната граница сега има само табла којашто кажува дека ја напуштате едната и влегувате во другата држава. Седнавме во една продавница што некогаш било фри шоп. Пиевме по две-три пива. Пазаревме нешто за вечера и доручек и толку. Луѓето зборуваа италијански иако се уште бевме во Франција, но јас ништо не ги разбирав. Зборуваа на некој чуден дијалект. Ни самите Италијани многу не се разбираат меѓусебно.

Станавме и веднаш влеговме во Италија. Патот водеше во тунелот но беше забранет за велосипеди. Сакавме барем еднаш да го прекршиме тоа правило, ама немавме храброст. Сигурно има некоја добра причина зошто е забрането за велосипеди. Така заобиколувајќи го тунелот се искачивме над него и имавме прекрасен поглед кон Монте Карло на зајдисонце и над Ментон.

После искачувањето следуваше долг спуст. Прво влеговме во градот Вентимиља. На плоштадот пред градската црква имаше многу народ, наместено гледалиште и бина. Разбравме дека е ќе биде прослава во чест на 150 годишнината од обединувањето на Италија па сакавме да учествуванме и ние. Но мене луѓето ми беа малку чудни. Не ми беа за верување. Одвај чекав да влезам во Италија и сега одеднаш се сомневам во нив. Ми личеа на оние Италијанците од мафијашките филмови. Можеби беа најискрените луѓе, но мене ми беа чудни. Вентимиља е град во областа Лигурија чиишто жители по традиција се левоориентирани-комунисти.

Веќе се стемни. Застанавме во еден сервис за миење коли да ги испереме садовите и да наполниме вода. Ах кога ќе помислам од какви се чешми пиевме вода. Ама тоа е градски водовод, ако е добро за нив, ќе биде добро и за нас. Нема сега и вода да купуваме. Што има ќе пиеш. Улиците беа полни со туристи. Но, се гледаше дека во овие места одат посиромашни гости. Колку да се рече дека биле на море. Потоа влеговме во Валекорзиа и еден прав пат не однесе во Бордигера, местото каде што ќе спиеме. На патот видовме патоказ што водеше кон плажата. Скршнавме од патот и се симнавме покрај морето. Веднаш си се истуширавме и подготвивме вечера. Местото беше залив и имаше силни бранови. Но барем бевме на страна од луѓето и имавме завет од ветерот. Според нашиот план ние веќе доцневме. Се договоривме дека следниот ден ќе фаќаме воз во Сан Ремо. Следно нешто што требаше да видиме беше Музејот на Веспа во Понтедера, Тоскана, и сето она што го има по пат.

Затоа моравме да брзаме, а за таа цел ќе искористиме воз. И мене ми се здосади од возење. Сакав некаква промена. Сакав да се движам со друго средство и сакав да разговарам со други луѓе. Некои што евентуално би ги сретнал во возот. Оние пријатели за една употреба. Но патувањето со возот и доцнењето не оневозможија да ги посетиме гратчето Рапало и местото кадешто загина Вотер Вејланд. Така беше според планот, а овојпат не можевме да се држиме до него бидејќи изгубивме време на други места.

Ова ни беше последна ноќ со Гоце.


 Сврти на наредна страница – Ден 14