Петок, 29 Јули 2011

Мојата прва експедиција – Ден 12 (Сен Тропе-Ница 69 км)

Утрото не разбудија истите бранови со коишто заспавме претходната вечер. Што ли ќе ни донесе овој ден? Не може да биде подобро од ова. Се разбудив рано. Веднаш застанав на карпите и го гледав изгрејсонцето. Беше толку далеку. Прекрасно е. Сите си најдовме свое место од кадешто го гледавме сонцето. Огромен жолт диск некаде далеку не части убав поглед. Зарем уште ова ми фалеше после сите убавини што ги доживеавме? Дефинитивно не може да биде подобро од ова.

Претходни страници од книгата: Ден 11


Си најдовме посебно уживање на секое место што го посетивме. Сите беа различни. Додека бевме во Италија, возевме рамница и ни беше убаво тоа што ја почнавме турата. Па потоа отидовме на Алпите, беше ладно, но убаво. А гледавме и Тур де Франс. Потоа возевме низ прекрасната Прованса. И конечно се симнавме покрај морето. Секое место поубаво од претходното. Секој град поинтересен од претходниот. Уживањето може да се најде во се. Само ако се знае да се ужива.

Го собравме кампот и веднаш се упативме кон соседниот парк да доручкуваме. Седнавме на клупи во шума од маслинови дрвца со поглед на заливот и морето. Тука доручкувавме и направивме преглед на точаците. Тоа е многу важна работа бидејќи сè може да се случи во текот на возењето. Подобро да се открие на време отколку на пат. Ја залепивме гумата на Марко и тргнавме на исток кон Ница. Дента нè очекуваше посета на неколку крајбрежни градови – Фрежу и Сен Рафаел, Кан, Антиб и Ница. Планот беше да стигнеме некаде пред Ница, па ќе размислиме што понатаму. Главно возевме по приморската магистрала. На места возевме и по велосипедски патеки. Тие патеки главно беа поспори бидејќи се потесни и има многу велосипедисти на нив. Таму луѓето си се возикаат наместо утринска гимнастика. Останатите велосипедисти, како нас, возеа по патот бидејќи сепак имаа некаква друга цел.

Сега си мислам дали само го претрчавме Азурниот брег. Во секој случај ние не бевме таму да се корзираме. Не бевме на шетање. Воопшто, ние бевме во Франција да ги качуваме планините, да гледаме некоја етапа на ТдФ и да возиме точаци. Секако дека имавме и краен рок. Дома нè чекаа обврски. Затоа можеби брзавме таму, но сепак го видовме она што сакавме да го видиме. На крајот, па кога повторно ќе ги видиме тие градови на тој начин?

Пред да стигнеме на морето, секако најискусниот од сите нас, Јово, не предупредуваше дека возењето покрај морето ќе биде досадно бидејќи патот постојано оди горе-доле заради нерамниот терен. Тој тоа го знаеше бидејки возел покрај Јадранско море. Јово постојано зборуваше дека требало да останеме на Алпите и во Италија да влеземе преку некој планински превој, а не покрај морето. Но сепак, убаво ни дојде оваа промена.

Имаше море, беше топло и најважно е дека имаше тушеви на секоја плажа каде што можевме да се бањаме. Ептен забегавме со хигиената кога бевме во копното. Тоа ни беше добра лекција за следното возење. Во секоја случај теренот не беше нерамен, туку напротив ретко некаде ќе се најдеше некоја угорничка, обично на крајот на градот чисто за да не копаат тунели па ќе остават патот кривулесто да се издигне над градот и да го напушти.

Така возејќи приметивме многу чудна појава. Патот од Сен Тропе до крајот на Азурен брег е постојано населен. Немаше ни 50 метри слободни, без куќа или двор или некаква градба. Многу чудно. Куќите беа распослани по целата должина на брегот и во внатрешноста на копното во длабочина од 4-5 километри. Насекаде имаше бели, мали куќички свртени кон морето коишто секое утро го чекаа изгрејсонцето. Таа пренаселеност носеше и многу сообраќај. Насекаде коли и мотори и велосипеди. Милиони туристи. Регистарски таблички од цела Европа. Секакви луѓе. Секој може да го посети и да ужива во неговите убавини. Само треба да подсобереш некоја пара и тргнуваш. Но начинот што ние го применувавме беше уникатен и најевтин. Кога друг пат ќе ги видам сите тие места?

И така ние си возевме опуштено покрај морето. Коли, народ, куќи, вили, плажи, барови. Повремено ќе се појавеше некој споменик. Место каде што луѓето застануваа да видат што се случувало на тоа место и да се одморат и почастат убав поглед кон морето. Наидовме и на првите градови за тој ден, Фрежу и Сен Рафаел. Ништо посебно. Обични крајбрежни градови. Беа полни со туристи коишто го имаа окупирано секое ќоше и столче во рестораните.

Барем ориентацијата беше полесна. На картата видов дека автопатот е далеку од морето и не се замарав со тоа дали ќе го утнеме патот и ќе излеземе на автопат па ќе треба да се враќаме назад да го бараме вистинскиот пат. Главно магистралата нè водеше покрај морето и возевме брзо. Заглавувавме само во градовите заради сообраќајот, но сепак, таму си имаше патокази. Ние само го следевме бројот на патот и готово. Тој не водеше надвор од градот. А градовите беа убави. Токму онакви како што јас ги сакам. Мали приморски гратчиња, со карактеристична архитектура со бели куќички типични за крајбрежјето, со уникатен начин на однесување на жителите, сè е опуштено, никој не брза никаде, убаво уредени велосипедски патеки и големи непрегледни плажи полни со чадори и лежалки.

На нив па, опуштени луѓе кои што дошле да уживаат. Луѓето беа насмеани, полни. Тоа им ја носеше и љубезноста. Штета што не зборував француски. Така ќе можев да свртам муабет со некој локалец па ќе ми раскажеше нешто од прва рака. Вака бевме како марсовци. Не познаваме никого, не знаеме јазик и само се вртиме лево-десно да не пропуштиме нешто. Убава куќа, кола, женската во колата, плажа, женска на плажата, интересен скутер, женската на скутерот…

Излегувајќи од Сен Рафаел имаше угорница и веднаш после тоа имаше паркинг за автомобили. Ги имаше многу. Штом има толку многу коли, тогаш местово мора да е посебно, си помислив. Јас и Јово ги оставивме точаците и отидовме до паркингот. Тој завршуваше со ограда позади која имаше патека што водеше до една карпа којашто формираше многу стрмно заливче. Предизвик беше да се стигне до крајот на карпата.
Тоа беше карпа што стрмно се издигнуваше од морето и формираше залив во којшто водата беше кристално бистра и сина (азурна). Еве зошто го викаат Азурен (син) брег. Погледот не остави без здив. И Марко ни се придружи. Гоце не сакаше да дојде. Поседовме малку на работ на карпата и заминавме.

Излегувајќи од паркиногот налетавме на еден дечко што си трчаше. Веднаш познав дека се подготвува за оние трки во Африка што се трчаат во пустина без вода. Дечкото трчаше само по шорцеви и горе имаше од оние капи што имаат продолжени кај вратот за заштита од сонце и не носеше вода. Се запознавме со него и направивме муабет. Го понудивме кока-кола и Јово инсистираше да се напие. И многу се зафркна. Целта му беше да тренира трчање без вода, а од кока-колата веднаш му се припи вода. Ние застанувавме да видиме некое место, или да се поздравиме со некој велосипедист што патуваше како нас или едноставно да одмориме, и тој ќе не помине. Па можеби десетина пати се разминавме тој ден. Ни беше интересно.

Стигнавме и во Кан. На влезот во градот имаше хотел на кој што пишуваше Казино Ројал. Бонд? Влезот во градот поминуваше покрај едно убаво мало пристаниште. А во него јахти, која од која поубава и поголема. Луѓето задолжени за одржување на јахтите си работеа на нив. Од секогаш сум се прашувал дали смеат да ги напуштат јахтите и да прошетаат подалеку од маркетите од кои што пазарат намирници за до следното пристаниште. Влезот поминуваше покрај плажа и еден убав голем плоштад. Имаше некои чудни скулптури од голо женско тело коишто сочинуваа една сложена голема композиција. Го видов и познатиот хотел Сплендид. Влезот продолжува по улицата и шеталиште Ла Кроазета. На асфалтот имаше втиснато маслинови гранчиња, наградата на Канскиот фестивал. Десно беше морето, а лево хотели. Кој од кој побогат. Вработените на хотелскиот паркинг ги возеа колите до влезовите на хотелите за сопствениците. Немаше кола под 500.000 евра. Немаше луксузна марка да ја немаше во изобилство. Не дека немаше и мали обични возила. Ги имаше и нив, но скапиве коли беа тие што го привлекуваа вниманието на минувачите.

Мажестик Бариер, Мартинс и Интерконтинентал, Мериот. На крајот на патот имаше парк и веднаш влеговме внатре. Извадивме да ручаме. Си седнавме под една палма, си се раскомотивме, извадивме гравовите во конзерва, си направивме салата и си ручавме. Ручек во Кан, под палма. Никој ништо не ни рече. Се најадовме и легнавме да спиеме малку. Не се брзаш кога си во центарот на светот. Кан и не е некој голем град за да се разгледува многу. Планот ми беше да го разгледаме она што го има покрај морето, да се избањаме и да одиме кај црвениот тепих. Откако дремнавме, тргнавме на плажата да се мешаме со народ. Точаците и опремата ги оставивме покрај паркот, земавме што ни требаше и се симнавме наплажата. Си се пресоблековме, си извадивме сламарици и пешкири и си ги пославме на песокот. Прво лежевме малку за да се приспособиме на новата средина и откако се опуштивме влеговме во вода. Не ни требаше многу време за опуштање. Ние мислевме којзнае што е Кан. Град како град, плажа како плажа. Обичен народ.

Попливавме малку, па си игравме со топката што Јово ја носеше специјално за оваа прилика, го фрлавме Гоце во вода и излеговме. Пераите и маската не ги користев бидејќи водата беше матна од песокот. На плажата се сончавме и ги коментиравме девојките. Ги гледам луѓево. Не се разликуваат од луѓето на другите места кадешто сум бил. Обично кога ќе се спомне Азурен брег потсетува на луксуз, раскош и убавина. Тоа можеби е така. Но кога на нас имаме облека, а покрај нас автомобил од милион евра којшто го паркираме во гаражата од куќата што чини уште 5 милиони. А вака, кога си на плажа, гол, само со едни гаќи на тебе, сите сме исти.

Имаше арап што постојано и се дереше на жена му која што, нормално, не смее да ја соблече бурката и само трча по петте деца на плажата, имаше дечко без рака, дебела девојка што постојано го криеше силиконот од сонцето, друштво од млади дечки што играат карти на плажа, имаше дебел господин кој што јаде палачинка и не приметува дека на пешкирот му тече од кремот, и имаше убаво девојче кое што е дојдено на одмор со родителите и не смее да пријде никому, а гори од желба да го направи тоа. Значи најнормални луѓе. Ништо посебно.

Гоце и Марко останаа да пушат, а јас и Јово тргнавме да прошетаме по плажата. Се упативме кон хотелските плажи кои што беа веднаш до јавната-градска плажа. На хотелските плажи си имаше лежалки со чадори, барови и келнери кои служеа пијачки за гостите. Плажата веќе се испразни бидејќи беше на зајдисонце. На враќање кон нашата плажа ни пријдоа две атрактивни девојки. Ни побараа запалка. Веднаш сфатив дека тоа се оние „камењарки” што ти приоѓаат и ти пуштаат ишарет и ако си заинтересиран ќе одговориш како што треба и вечерта ќе излезете. Арно ама, јас и Јово се стаписавме. Зарем нас ни се обраќаат? Се вртиме на страна да се увериме дека нас ни зборуваат. Што да им речам сега? Знам што е работава, ама што ќе им правам јас? Во торбите имам само нечисти алишта, малку вино, сирење и пола кромид. Доволно за да и направам романтика покрај плажа и да ја вратам дома со ТОЧАК. Батали. Штом е така, ја прифативме играта. Тие лажат, ние лажеме. Им кажуваме дека сме на летување тука. Не, уште подобро, на летување сме, ама само на поминување. Мислам дека ни пријдоа бидејќи не видоа дека сме на хотелска плажа, па тоа значи дека сме гости во хотелот. И на крај им рековме дека ќе пратиме наш пријател да им донесе запалка. Демек немаа. Тоа им беше само изговор да ни пријдат.

Се вративме, си ги собравме парталите, се пресоблековме и тргнавме. Прво застанавме пред зградата каде што се одржува Канскиот фестивал и се сликавме на црвениот тепих. На тротоарот имаше метални плочи на коишто беа втиснати дланките на познати актери, спортисти и пејачи. Следниот град беше Антиб. Практично Кан и Антиб се споени. Антиб беше уште еден приморски град со многу сообраќај, луѓе и Арапи и црнци. Не би сакал да се задржувам во такви градови. На неколку места во градот имаше отворени ресторани со ателјеа каде што на едната страна седат гостите а на другата уметниците сликаат. Така гостите можат во живо да гледаат како се создава сликата. До крајот на ручекот сликата ќе биде готова и ќе можат да си ја купат. Одлично. Тоа е она што ќе им остане од Антиб.

Гоце сакаше да вади пари од банкомат, ама не знаеше како. Ме викна да му помогнам. Направивме три обиди, но неуспешно. Ми беше страв да не му ја земе картичката па ќе нема од каде да вади пари кога ќе се разделиме во Италија. Продолживме. На излезот од Антиб покрај плажата имаше височинка на која што стоеше петоаголна тврдина. Ако можете да се вратите 200-300 години наназад ќе сфатите дека таа тврдина била центар за откуп на робови што биле носени од Африка. Истите оние робови чиишто следни генерации денеска се нарекуваат горди Французи и се костур на секоја француска спортска репрезентација. Под тврдината имаше светилник. Веќе се стемнуваше и за среќа го вклучија. Единствено доживување. Од секогаш сум сакал светилници. Ме потсетуваат на патување по море. Излеговме покрај една долга песочна плажа. Десно беше плажата, а лево имаше железничка линија и некаква индустриска зона, но убаво беа скриени позади висока ограда. Тука застанавме да преноќиме. Имаше подвижни вециња, тушови и песок. Плажата започнуваше со височинката кај тврдината, а завршуваше со еден прекрасен хотел што навечер ги менуваше боите. Плажата беше во залив и на двата краја имаше светилници. Прекрасно. Чувствуваш како ти се полни душата и срцебиењето ти се намалува. Повторно сонцето зајде позади нас, и повторно го обои небото во црвено за да се разликува од морето. А тоа беше толку големо. На хоризонтот се гледаа светлата на закотвените бродови што чекаа прием во пристаништето во Ница.

На небото се гледаа ѕвезди, но и светлата на авионите што слетуваа на аеродромот. Постојано имаше по пет авиони наредени еден позади друг и слетуваа во интервали од по 3 минути. Подоцна дознав дека аеродромот во Ница е регионален аеродром и за Монте Карло, Кан, Антиб, Сен Тропе. Целиот Азурен брег.

Е тука го поставивме кампот. На плажата имаше знаци за забрането кампување. Знакот за таа забрана беше пречкртан шатор. Во ред, и онака нема да вадиме шатори. Ќе спиеме само во вреќи. Ако некој има нешто да ни каже ние ќе му одговориме дека цел ден сме биле на плажата, планираме и следниот ден да бидеме тука, само што мораме да преноќиме. Е сега, бидејќи ноќта е ладна покрај морето, ние мораме да спиеме во вреќи. Не правиме никакви проблеми. Ниту оган палиме, ниту галама креваме, ниту некому сметаме. Веднаш си се раскомотивме. Ги исправивме точаците и на нив ги врзавме знамињата. Како што правевме и секаде. Да се знае кој спие тука. Во случај некој да сака да ни пријде, полиција или обичен човек, кога ќе ги види знамињата ќе знае кои сме и од каде сме, ќе знае дека сме туристи, и помалку ќе се плаши и така ги намалуваме шансите за некаков инцидент.

Јово веднаш почна да готви бидејќи бевме исцрпени од морето и од возењето. Јас, Марко и Гоце се обидувавме да направиме убави ноќни слики. Успеавме некако со апаратот на Марко, но сега ги немаме тие слики. Си влегов во вода да попливам. Ноќно пливање е единствено искуство. Башка веднаш си имав туш да си се истуширам и убав и чист да си легнам. Затоа го сакав патувањето покрај морето. Заради тушовите. Од друга страна пак, планините се поголем предизвик и посодржајни за возење. Овде само се крузираме. Колку сакаме, толку возиме. Има повеќе содржини, но не се поврзани со возење, а за тоа сме тука.

Сообраќајот на патот се смири. Влеговме во вреќите да си заспиеме со муабет. Како можевме да најдеме волку магично место за преноќување? На едната страна Антиб со тврдината, на другата страна хотелот што ги менува боите. На двата краја светилници. Во морето осветлени бродови, а на небото ѕвезди и авиони. Во текот на ноќта се будев и се вртев да го видам хотелот. Така ќе заспијам и пак ќе се разбудам. Е сега, на сета оваа убавина фалеше уште огномет…но и тоа го имавме. Она што погоре го спомнав дека е индустриска зона, всушност било аква-парк во кој што вечерта имало некаква забава којашто заврши со огномет. Нè разбуди сите околу 3 часот по полноќ. Ама да не е ова некоја скриена камера? Па луѓе, не може да биде подобро од ова. Мислам дека ова беше најдобрата ноќ од целото патување.


 Сврти на наредна страница – Ден 13