Понеделник, 18 Јули 2011

Мојата прва експедиција – Ден 1 (Милано-Торино 145км)

Тргнуваш некаде на пат, ама не си секогаш сигурен зошто го правиш тоа. Дали тоа е она што те исполнува? Или сега ќе одлучуваш дали ќе дозволиш да те исполни? Одиш за нечиј инает? Ќе докажуваш некому нешто? Тргнуваш со една намера, но не си сигурен дека тоа е тоа што те води. Потсвесно имаш други мотиви. Верувај. Целта на оваа експедиција беше да ги качиме трите најтешки превои на Алпите посетени од Тур де Франс (Кол ду Галибие, Алп Дуез и Мон Венту) и попатно да изгледаме некоја етапа на трката. Фамата што се случи со знамињата не беше планирана. Сакав само да го развеам македонското знаме како што тоа го правам насекаде.

Претходни страници од книгата: Вовед


Сабајлето околу 10 тргнавме на пат. Ги облековме првите официјални дресови на Експедицијата. Ги направивме во подрумот кај Лари. Јас му кажував на Панта што сакам, тој црташе, и Бојан ги даде последните совети и бидна. Мислам дека дизајнот испадна супер, ме нервираа боите. Беа неодредени. Според планот првите два дена требаше да поминеме околу 300 километри за да бидеме на време за да ја гледаме нашата прва (седумнаесетата) етапа на турот. И тргнавме. Габриеле ни објасни малку како да се снаоѓаме, во кој правец да се движиме, кои улици да ги користиме…

Од Аграте отидовме право во Монца. Тука сè уште ни беше познато. Претходните два дена неколку пати помиинавме од тука на точак и со колата на Габриеле. Излеговме од Монца и тргнавме на исток. Натака е Торино? Абе ова Милано само асфалт. Насекаде автопатишта. Знаеш, да си со кола полесно ќе се снајдеш. Ќе излезеш. Ама вака со точаци, не смееме на автопат (autostrada, autovia, tangenziale) да излеземе. Ќе не казнат. И врти-врти по тоа раскрсниците. Полека му влеговме во штос. Требаше да се движиме само по патишта означени со SS (strada statale) и SP (strada provinciale) и да следиме патокази со сина боја. Карта на Италија купив веднаш штом не истоварија на бензиската во Лаинате па одма почнав да ја користам. Трба само да се држиме надвор од центарот на Милано и да го заобиколиме, со цел да излеземе од градот. Ама какво излегување? И денеска ми текнуваат некои имиња на места што сме ги прочитале на знаците излегувајќи од Милано. Некако одма ни се пријаде. Застанавме на еден кружен тек, пазаривме од Керфур експрес и одморивме малку. Душа да вратиме. Па не се брзаме никаде. Се е планирано. Јадевме, поседовме малку. Ми текнува дека мајтап правевме со една девојка што седна до нас. И дофрливме нешто. Продолживме.

По пат поминавме покрај миланскиот саем. На паркингот беа изложени оние футуристички камиони, цистерни и приколки за коишто преведував документарец неколку дена пред да тргнеме. Веднаш ги познав. И пак само населени места, знаци со имиња на населби и одеднаш изненадување!!! На знаков пишува Милано и е пречкртано. Епа фала му на Бога!!! Поминавме 60 километри за 6 часа за конечно да излеземе од градот. Се потврди она дека Милано е голем град направен од асфалт и бетон. Сите патокази се направени да го однесат патникот на автопат, нема патокази за велосипедистите. Ние сме оставени сами да се снаоѓаме. Неколку пати дури и излегувавме на автопат, па ќе се вратевме назад сфаќајќи дека сме згрешиле. Неколку пати дури и сакаваме да продолжиме да возиме по автопатите бидејќи ни се здосади цело време да го промашуваме патот. Беше фрустрирачки да возиш толку време а да не можеш да излезеш од населеното место. А ни беше прв ден од експедицијата. Па ако е вака секој ден ние очи ќе си извадиме.

Километрите побрзо минуваат надвор од градот. Низ град се вози со помала брзина, плус сакаш да застанеш и се да видиш, па кружни текови, па семафори, сообраќај. Вака, надвор од градот се граби повеќе од патот. Еден напред влече, тројцата позади се „шлепаат” на него. Тука веќе почнавме да си ги мериме силите. Да видиме кој колку тренирал пролетта.

 

Откако излеговме од градот пак имаше населени места, но помали и не се задржувавме во нив. Грабевме напред. Тоа беа селца на патот за коишто никогаш претходно немавме слушнато, автоматски не им ни посвтивме многу внимание. Сакавме што е можно побрзо да стигнеме до место од кадешто ќе можеме да ги видиме Алпите. Нашиот предизвик на тоа патување. Лево-десно ќе се појавеше некоја река. Многу од нив и пресушени. Тоа беа оние поројници коишто надоаѓаат кога на Алпите врне. Огромни речни корита, а без вода. На сите страни се гледа обработена земја. Главно имаше оризови полиња. Пак застанавме да јадеме. Веќе и денот прекрши. Јадевме во еден двор. Нешто како паркинг беше. После видовме дека поседот беше на некои Кинези. Продолживме да возиме. Ја поминавме Маџента. Не влеговме. На границата помеѓу Ломбардија и Пиемонт се наоѓаше реката Тичино и истоимениот национален парк. Се симнавме до реката да се порадуваме малку. Исто така и прошетавме по паркот.

 

Пред да му се доближиме од далечината ја гледавме само камбанаријата на катедралата. Обично тоа е се што можете да видите на хоризонтот во големите рамници. камбанаријата и куполата на црквата. Тогаш знаете дека се доближувате до некој град. Убаво мало гратче. Во центарот тесни улички, голема катедрала, паркче. Отспавме малку на клупите во паркот. Јово ги извади новокупените сандали од Канта пазар и откри дека му дале две леви. Многу беше смешно.

 

Продолживме. Сè уште ги имаше тоа полињата со ориз. Па се исплашивме дека нема да можеме да најдеме суво место за спиење. Ама насекаде ориз и вода, нема земја каде да прилегнеш. Тоа значи дека има и многу комарци во овој регион. Канали, огромни канали насекаде. Гари ни рече дека тие канали ги проектирал Леонардо да Винчи во почетокот на шеснаесетиот век и сè уште се во употреба. На некои места имаше канал врз канал. Многу чудна инфраструктура.

На еден надвозник слушнав звук што доаѓаше од кај тркалата. Набрзо сфатив дека ми се дупнала гума. Ама некако без врска беа скинати и надворешната и внатрешната. Па туркав на угорницата. Овие ми беа избегале баеги. Продолжив да туркам до кај нив, па продолживме до една сенка, зошто беше многу жешко на сонце. Тројца се ангажиравме и ја сменивме гумата. Еден вади, друг лепи, трет држи точак. Тимски дух бе, нема збор.

 

Начекавме една плантажа со киви. Ама беа зелени, кисели. Потоа го поминавме и Верчели и се доближувавме до Торино. Но сфативме дека нема да можеме да стигнеме до Торино зошто веќе имавме поминато 150тина километри, а и се стемнуваше. Во едно гратче дознавме дека продавниците работат до 20 часот. Не го знаевме тоа. А тоа би значело дека со што ни треба за набавка за тој ден треба да го купиме до 20 часот.

Веќе се стемни. Се симнавме од патот и веднаш поставивме камп. Отворивме три шатори. Ги извадивме знамињата за да обележиме територија, а Јово почна да готви. Спиевме покрај едно поточе со бела вода. Таква е водата кога се топи снегот на Алпите. Имаше многу комарци, како и насекаде во Италија. Ама многу. За време на вечерата си го раскажувавме претходниот ден. Добро поминавме. Тоа сеуште беше загревање. Сонот се исполнуваше. Сите бевме задоволни.

Сврти на наредна страница: Ден 2