Меѓукултурен камп во движење

Прв Скопски Извднички Одред како најстар во нашата република годинава во период од 26 до 30 август организираше меѓукултурен камп во движење на релација Галичник – Лазарополе. На кампот присуствуваа вкупно 26 учесници и 4 тренери кои се погрижија програмата да тече во најдобар тек и младите да останат мотивирани за пренесување на стекнатите вештини во иднина.

Целта на кампот беше да се доближи улогата на неформалното учење / образование во однос на меѓукултурниот дијалог и да се создадат простори и услови за младите при разбирањето и надминувањето на постоечките стереотипи и предрасуди, да бидат отворени и мотивирани да соработуваат за подобро, поправедно и повеќе инклузивно општество.

Извидничкото семејство кое брои повеќе од 40 милиони млади од 160 држави во светот им овозможува на младите различни перспективи и погледи на светот и како да работат и да живеат заедно користејќи го извидничкиот метод на работа. Живееме во меѓукултурно општество каде младите имаат право да знаат и да учествуваат во процесот на градење и подобрување на истото и да заземат активна улога во пренесување на добри практики.

Ова наложува потреба од поинаков пристап и концепт кој ќе биде атрактивен и иновативен и ќе ги поттикне младите да почнат да размислуваат на поинаков и поотворен начин во однос на прифаќање на различностите како единствени.

Преку овој петдневен камп во природа ја подигнавме свеста за меѓукултурен дијалог и негово пренесување преку живеење во заеднички камп и користење на сите (за природа достапни) ресурси. Како резултат од настанот произлегоа активни и обучени млади кои ќе се залагаат да го пренесат наученото и ќе шират и пренесуваат позитивни практики на своите врсници.

Настанот се организираше во соработка со извидничка организација од Кичево и Дневниот центар за деца Роми од улица. Имено на кампот не само што беа организирани низа работилници на темата меѓукултура туку и самите учесници делеа живеалиште и сами ја подготвуваа храната.

Како дел од кампот, покрај неколкуте хајкови, тие користеа алтернативен превоз за стигнување на камп локациите, односно јаваа коњи. Сметаме дека најдобри резултати од сите теории за различни култури се постигнуваат преку практична имплементација и ставање себе си во поинакви улоги и ситуации.

Настанот беше поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија