Наслов

Мариово те повикува, твое е да одговориш

За некаде две недели од сега, секој од нас ќе има можност да искуси еден супер авантуристички настан кој ќе се одвива во прекрасната мариовска дивина. Единствено што треба ти и твoето друштво да направите, е да дојдете...

На викендот 31.05/01.06.2014 во дивината на прилепско и битолско Мариово трета година за ред ќе се одржи вело настанот Мариово офф-роуд 2014 кој што претставува отворена манифестација за сите авантуристи и љубители на велосипедизмот, планинарењето и воопшто дружењето и уживањето во фантастичната природа која што ја нуди нашата земја. 

Дводневниот настан кој ќе се одвива во неоткриените делови на историско познатото Мариово ќе започне на 31 мај (сабота) со формирање на шаторски камп во околина на селото Манастир каде ќе започне дружбата која ќе трае во текот на вечерта со бендот The Hounds и неколку други диџеј настапи.

Утрото на 1 јуни (недела) е закажан стартот на настаните кои се на репертоарот. Од велосипедизам, посетителите ќе можат да одберат една од трите тури за возење, две за планински велосипедизам и една за друмски која ќе се вози по асфалтниот пат низ селата во регионот, а дополнително ќе може да дојдат и оние кои сакат само да прошетаат на планина или пак можеби да трчаат по стапките на Крали Марко. 

Првата тура (МТБ 1) која што ќе биде во должина од 50 километри ќе ги опфати селата Манастир (старт), Бешиште, Градешница, Старавина, Зовиќ, Манастир, а полесната рута (МТБ 2) ќе оди од Манастир, Мелница, Витолиште, Полчиште, Бешиште повторно до Манастир со вкупна должина од 42 километри. Третата опција е друмски велосипедизам која што за прв пат ќе се одржи оваа година и ќе биде во должина од 103 километри по целиот асфалт во прилепско мариово. 

Во разговор со Слободан Трајковски, еден од организаторите на настанот и претседател на друштвото за развој на велосипедизмот во Македонија „ВЕЛОЕВРОПА“, тој не извести дека турата МТБ 1 (потешката) иако има речиси иста километража како и полесната (МТБ 2) е далеку технички потешка и минува низ потежок терен со што бара и поголема спремност на велосипедистот. Полесната пак, во поголемиот дел минува на асфалт и нема голема висинска разлика со тоа што е достапна за помалку искусни возачи. 

Планинарењето и планинското трчање ќе бидат во организација на ПСК Макпетрол и Трекс и ќе опфатат посета од селото Манастир до селото Зовиќ (планинарска тура), а планинското трчање ќе ги опфати селата низ кои ќе минува велосипедската МТБ 1 тура. Овој дел ќе биде во организација на Трајче Панковски од погоре споменатите клубови.

Котизацијата изнесува 450 денари и може да се пријавите во велосипедските маркети Пробајк, Бајк Маркет и Аутдор во Скопје. Во пакетот посетителите ќе добијат маичка со лого на настанот, пред стартот на турата ќе има појадок, вода, изотоник и ручек на крајот од денот. 

За сите оние што не можат да се снајдат со превоз може да дојдат со организиран превоз од страна на организацијата. Цената е 600 денари од човек со велосипед, а пријавувањето се прави во Бајк Маркет. 

ДОПОЛНИТЕЛНО ИНФО ТУКА 

20 Мај 2014

За авторот