Наслов

Македонските спелео - нуркачи со нови истражувања

Македонските спелео- нуркачи од спелео- нуркачкиот клуб Врело" и нуркачкиот клуб "Акватек" ја завршија првата експедиција во двете езера кои се наоѓаат во туристичката пештера Врело.

Целта на мисијата на спелео - нуркачите е да го истражат во целост овој предел од подводната пештера, кој важи за голема мистерија бидејќи досега не е посериозно истражуван.

Влезот во овие езера почнува од делот во сувата галерија кој се наоѓа над главниот влез на подводната пештера Врело, кој е достапен и за туристичко разгледување. Според сознанијата на спелео- нуркачите, максималната длабочина на овие езера, кои се взаемно поврзани, сè уште е непозната, додека се претпоставува дека е 80 метри во должина. 

- Од моментот кога ќе влезете внатре, водата е со многу голема видливост и може да ги видите подводните убавини на овие езера. Екстремните нуркања од овој вид се долги и некогаш траат и по неколку часа, но во моментот кога ќе ги видите природните пештерски форми, сфаќате дека трудот ви се исплател, бидејќи глетката е фантастична - вели Даниел Атанасовски, инструктор по нуркање од нуркачкиот клуб Акватек.

Како што забележа камерата на домашните спелео- нуркачи, внатрешноста е богата со сталактити и сталагмити како и разни други природни минерални форми кои се формирале со текот на годините, од самото постоење на пештерата Врело. 

- Чест е да се биде дел од ваква експедиција бидејќи по првпат се открива подводната пештера на овие езера на Врело. Голема мотивацијата е да се истражува нивниот подводен свет и да видиме што сè може тој да понуди - додава Атанасовски.

Меѓутоа, иако ова е фантастичен спорт во кој буквално се преминува во еден сосема поинаков свет, во исто време е и еден од најризичните, па потребно е да се посетуваат специјални обуки и кондициски подготовки за да може да се истражува. Затоа тимот на оваа експедиција потенцира дека ги следи сите процедури за пештерско нуркање, бидејќи и најмалите грешки може да бидат многу фатални за нуркачите. Според нив, во Македонија постојат многу неиспитани извори и подводни пештери и како такви преставуваат вистински предизвик за работа.

Врело и Акватек во следните неколку месеци ќе продолжат да ја истражуваат пештерата, како што велат, без деградирање и нарушување на животната средина. 

 

13 Март 2016

За авторот