Македонските компании успешни и при лоша клима на првата бизнис штафета Business Run 2016

На 16-ти октомври 2016 година во Скопје се одржа првата штафетна трка на македонските компании во која најдобар беше тимот на Еуростандард Банка.

И покрај студениот дожд, на патеката на кејот на Вардар во Скопје се одржа штафетната трка со 4 измени по 2 километри во која учествуваа 50 тимови од македонскиот бизнис. Првото место го освои тимот на Еуростандард Банка, втори беа учесниците од Халкбанк, а третото место му припадна на тимот на Мастер Инжинеринг.

Најбрзи поединци, со најбрзо истрчани кругови, беа Елисавета Нојковска од Клоузер Консалтинг кај жените и Игор Стојановски од Халкбанк кај мажите.

Иако дождот и студеното време не одеа во прилог на закажаната трка, учесниците на првата бизнис штафета Business Run 2016 се појавија во масовен број на стартот и одговорија на предизвикот да се постигне тимски резултат и успех во секакви околности. Мешаните машко-женски тимови беа одраз на реалната работна околина.

Претходно во петокот, за учесниците на трката беше организирана т.н. нетворкинг забава во Хотел Парк, која иницирана од трчањето беше можност за запознавање, дружење и нови деловни контакти меѓу присутниот бизнис свет.

На Business Run 2016 учествуваа 50 тимови на познати македонски компании, банки, телеком оператори, градежни, осигурителни, трговски, угостителски и софтверски компании, веледрогерии, болници, медиуми, политички партии, адвокатски канцеларии, стопански комори итн.