Ултимативниот Македонски шампион во триатлон, 10 години по ред

Интервју со Македонскиот триатлон шампион Стојан Поповски

Тимот на К4Т.МК имаше можност за интервју со Стојан Поповски, десет кратниот македонски шампион во триатлон кој годинава ќе ја брани и 11тата титула.

к4т.мк : Зошто токму триатлонот? Дали тоа е твојата прва спортска определба или предходно спортуваше нешто друго?  
Стојан : Триатлонот е спорт на кој од секогаш сум се воодушевувал, на комплетноста и издржливоста на тие спортисти. Започнав како пливач на 6 годишна возраст каде бев и неколку кратен државен шампион во пионерска и кадетска категорија.

к4т.мк : Како е да се тренираат три тотално различни спортови и како се справуваш со организацијата околу тренинзите?
Стојан : Да се тренираат 3 тотално различни спортови е исклучително тешко и комплексно. Слободно можам да кажам дека пливањето, возењето велосипед и трчањето се 3-те светски најтешки спортови а кога сето тоа треба да се вклопи во еден спорт и да функционира во совршенство е сосема друга димензија на функцинирање, тежината на тренинзите и напорот кој што се вложува за да се биде конкурент во светски рамки оди во крајна екстремност!

к4т.мк : На колку домашни и странски натпреварувања си земал учество?
Стојан : Веќе 10 години последователно сум апсолутен Државен шампион, имам учествувано на околу 50тина Европски и Светски купови бодовни за Европската и Светска ранг листа, 4 Европски и 4 Светски Првенства.

к4т.мк : Кои се твоите позначајни успеси, и кога започна да се натпреваруваш професионално?
Стојан : Покрај домашните титули, имам постигнато доста значајни резултати, 3 години во најдобрите 5 триатлонци на Балканот, 19-то место од 82 натпреварувачи на Европскиот Премиум Куп во Аланија, Турција, 1-во место на Интернационалниот Триатлон на Малта, 2-ро место на Интернационалниот Триатлон на Ада циганлија во Белград, 31во место од 107 натпреварувачи на Светското Првенство во Будимпешта, 28-мо место на Европскиот Куп во Лимасол, Кипар итн…

к4т.мк : Имаш ли можност да се докажеш на интернационално ниво и како котираме со нашите резултати?
Стојан : Можноста за докажување на интернационално ниво кај нас е сведена на минимум воглавно поради финансиски проблеми па морам да се снаоѓам сам преку лични или приватни извори/средства и со помош на Триатлон федерацијата на Македонија која за жал, исто така се соочува со финансиски проблеми.

Што се однесува до котирањето со резултатите на меѓународно ниво засега сум единствениот триатлонец кој зад себе има оставено толкав број на учества и високи меѓународни резултати. Се прават големи напори да се вложи колку што е можно повеќе во помладите генерации и јас лично се надевам дека сме на добар пат да успееме да развиеме млади таленти кои ќе бидат конкурентни на меѓународни натпревари.

к4т.мк : Како накратко ти е конципирана секојдневната тренинг програма и подготовките? Дали одиш во странство или ги користиш домашните капацитети?
СтојанСекојдневната тренинг програма е премногу комплексна и опширна за објаснување па ќе се потрудам накратко да ја опишам.

Се тренира секојдневно, просечно од 4-5 часа дневно, во подготвителните периоди кога се гради потребната база во километри ,таа бројка достигнува и до 8 часа поминати во тренинг. Неделно се поминуваат од 20-30км пливање, 300/400км на велосипед и 90-120км трчање.  Многу често ги користам и странските и домашните капацитети во зависност од тоа во кој период од годината се наоѓам. Често се подготвував во Тренинг центарот на Белмекен во Р. Бугарија, 2011 година поминав цели 2 месеци со Американскиот Национален Тим во Олимпискиот Тренинг Центар во Колорадо Спрингс (САД).

к4т.мк : Имаш ли посебни подготовки пред натпреварите?
Стојан Во зависност од тоа за кој натпревар станува збор, подготовките сами по себе се разликуваат. Често се случува по одработените километри во зимскиот период главниот тренинг и подготовки да бидат самите натпревари, но поради недоволниот број на меѓународни стартови особено последниве неколку години приморан сум самите тренинзи да ги формулирам како индивидуални тренинг натпревари што верувајте е психолошки екстремно тешко бидејќи се натпреварувате сам со себе, вие и часовникот.

Благодарение на мојот тренер Карл Рикен за време на престојот во САД, сето тоа успеа да го прилагоди и да биде барем малку интересно и не толку психолошки убиствено. Инаку самите тренинзи пред натпреварите се со помал обем, но поголем интензитет каде генерално се работи на брзинските перформанси, поточно градите одредена брзинска издржливост врз основа на одработената база за време на зимскиот подготвителен период.

к4т.мк : Кажи ни нешто повеќе за клубот во којшто тренинраш? Колку активни членови имате и колку други тимови функционираат во Р. Македонија?
Стојан : Член на сум на триатлон клубот Софка од Скопје кој брои 20тина активни членови. Во домашното првенство на сите оние бодовни државни ранг листи сме неприкосновени и убедливи на врвот од табелата. Вкупно во Македонија има 7 триатлон клубови од Радовиш, Струга и Куманово.

 

к4т.мк : Се натпреваруваш ли и во други дисциплини (спортови)?
Стојан : Кога сум во можност учествувам на пливачки митинзи, атлетски трки и велосипедски натпревари кои ми служат како добар тренинг.

к4т.мк : Што ти се допаѓа најмногу кај триатлонот и кој од трите сегменти ти е најјака страна?
СтојанМи се допаѓа тоа што е еден од ретките спортови кои прави една крајно универзална психо-физичка издржливост на крајно високо ниво, во целата негова екстремност и тежина има еден момент кој ве прави горд после секој завршен натпревар, а тоа е дека знаете дека сте дел и се бавите со спорт кој гласи за еден од светските најтешки спортови, тоа право посебно чувство особено кога сте дел од елитниот светски крем и се носите рамо до рамо со големи светски имиња.

к4т.мк : Кои натпреварувања ти следуваат во иднина и што очекуваш во однос на резултатите?
Стојан : Веќе заврши првата триатлон трка бодовна за Државната ранг листа минатиот викенд во Дојран, следува втората на 7-ми Јули во Маврово и третата кон крајот на Август во Струга, доколку се помине во најдобар ред се надевам дека ќе ја освојам 11-та титула Апсолутен Државен Шампион, а доколку се најдат доволно финансии се надевам на учество на Балканското Првенство во Србија и Светското Првенство во Лондон во Септември.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија