Интервју со Сашко Попоски

Наслов

Македонски тренер на англиски начин

Интервју со Сашко Попоски, македонски фудбалски тренер кој моментално работи и се усовршува во „колевката на фудбалот“, Англија.

К4Т- Веќе подолго време живееш во Лондон и работиш во една фудбалска академија паралелно полагајќи ги испитите за тренер по терк на Фудбалската федерација на Англија. Кажи ни нешто повеќе околу тоа?

Сашко - Точно така, веќе две години работам во една од најдобрите фудбалски академии кои гравитираат во околината на Лондон ТОТАЛ ФУДБАЛ АКАДЕМИЈА. Во склоп на нашата академија имаме шест развојни центри кои ни овозмозуваат пристап до 800 дечиња во текот на годината. Оние со најголем потенцијал ги селектираме и го продолжуваат тренажниот процес во главниот тренинг центар кој се наоѓа во северен Лондон.

Сите тренери кои работат се лиценцирани од ФА Англија. Патот за да се дојде до потребните квалификации е малку подолг. Се започнува од неопходниот криминал тест (дали сте безбеден кон општеството и развојот на децата) потоа се полагаат правила на фудбалската игра, курс кој го организира судиската организација, следен курс е прва помош и заштита на децата. Од кога ќе се поминат овие курсеви се оди на следниот чекор во зависност од своите капацитети и амбиции.

К4Т- Зошто се одлучи за Англија, и како се случи да направиш таков чекор. Дали имаше и други опции од каде што ќе го стекнеше знаењето и искуството како тренер?

Сашко - Во Скопје го завршив Факултетот за физичка култура и имав желба моето школување да го продолжам надвор од нашата држава.

Со оглед на моите симпатии кон Италија и Шпанија во кои имав можност да престојувам јас се одлучив за Англија. Во Италија престојував една година во текот на моите стуии и добро се запознав со менталитетот и културата, додека во Шпанија ги посетив камповите на Барселона и Малага. Со оглед на тоа дека по менталитет сме слични одлучив да се школувам кај "ладните" англичани.

Точно тоа и го сретнав на курсевите во Лондон. Одлична систематизација, перфектна организираност, точност и темелност во секој сегмент која не можете да ја најдете во Италија.

К4Т-Твоите почетоци со фудбалот се со едни од најуспешните младински генерации на Вардар и Работнички. Каде настапуваше и кои беа твои тренери во тоа време.

Сашко - Точно така моите почетоци се во пионерите на ФК Вардар и подоцна во младинската школа на ФК Работнички. Имаше големо ривалство помеѓу овие фудбалски школи и беше задоволство и привилегија да се биде дел од нив. Тренери во тоа време беа легендите на македонскиот фудбал Петар Шулинчевски, Мето Спасовски, Перица Груевски, Дуле Милосављевич, Зиков...

Да бидам искрен во тоа време трениравме на многу повисоко ниво одколку што се тренира денеска во истите школи. Како за пример, ние трениравме 5 пати неделно додека денес децата тренираат само два-три пати и за тоа се приморани да си платат, но тоа е тема на друг разговор.

К4Т- Каде ја продолжи својата професионална кариера и кога се одлучи да ја замениш улогата и да се посветиш на тренерската работа?

Сашко - Од младинската школа на Работнички на 17 години бев прекомандуван во првиот тим под водство на Мирсад Јонуз, тоа беше моја прва сезона во македонската прва лига, понатаму настапував за ФК Балкан, Вардар, Македонија Ѓ.П и Аполонија.

Со самото тоа што како тренери ми биле двајца бивши селектори на Македонија и еден на Албанија веќе имав одредено искуство и желба да продолжам да работам како тренер. Секогаш после натпреварите се занимававме со тактичките замисли на натпреварите како било и како требало да биде.

К4Т- Кажи ни нешто повеќе за фудбалските академии каде што работиш во моментов, детали околу нивната организација и начинот на работа?

Сашко - Тргнувајќи од тоа дека на располагање имаме 12 терени, простор за целодневни активности на младите фудбалери, оптимална опрема и популарност на фудбалот на енормно ниво е само дел од гаранциите за успехот. Ја имам таа среќа да присуствувам и бидам дел од една од развојните академии на Челзи во северен Лондон од каде се селектираат децата во сите категории и се потпишуваат договори уште на 8 годишна возраст. Скаутингот е на многу високо ниво. Скаути од сите професионални клубови кои се од Лондон се присутни на натпреварите кои ги играме.

К4Т- Дали користите некаков тип на мониторинг, тестови, статистика за да направите подобра селекција или е тоа поинаку организирано. На што е базиран тој селективен модел и како се спроведува?

СашкоВо секој случај се работи професионално, со дозвола на родителите на дечињата се тестираат и снимаат кога започнуваат со тренажен процес и по завршувањето на првиот дел од нивниот развој кој трае 10 недели. По сторго определена програма се делува на запознавање со топката, водење на топка, дриблинг, контрола и баланс, координација, воглавно сите технички елементи.

Oние дечиња кои ќе се покажат како најталентирани го продолжуваат тренинг процесот во академиите. При првата проценка секогаш постои можност да се направи превид па затоа е потребно целокупно докажување.

К4Т- Како го проценуваш нивниот потенцијал со оној во Македонија, особено кога се во прашање младите генерации, менталитетот и организацијата на школите односно академиите за фудбал?

Сашко - Да бидам потполно искрен, во текот на мојот престој во летниот период во Македонија имав можност да организирам тренинг сесии со дечиња кои се дел од фудбалската школа на Вардар. Се покажаа како исклучително талентирани со природни моторика.

За споредба, со истите генерации во Англија ми е потребен подолг временски период да го добиеш истиот резултат што само по себе говори дека можеме да направиме далеку повеќе од колку што сме свесни за тоа. Како надополнување на ова мое мислење е фактот што Лондон како космополит е град во кои живеат луѓе од целиот свет, дечињата кои потекнуваат од балканот се на многу повисоко ниво од оние од островото.

К4Т - Од кога почнуваат со тренажен процес, каков е системот на натпревари во најмалите генерации и како е организиран тој скаутинг ситем во Британија, сепак тие се колевка, секако е дека имаат повеќе од функционален систем?

Сашко - Со тренинзи се започнува од 4 годишна возраст преку игри да се засака фудбалот, па потоа и редовен тренажен процес. Лондон е град од 10 милионска популација па така е поделен на 4 дела во кои и ние се натпреваруваме.

Делот во кој мојата академија се натпреварува има 7 лиги од кои една е премиер. Значи во генерацијата U-14 има 98 екипи кои се натпреваруваат само во северен Лондон. Нормално квантитетот раѓа квалитет.

К4Т - Како се спроведува тренажниот процес, дали има детални планови и програми кој што треба само да се исполнат или е оставено на тренерот да ја модифицира или создава програмата независно од некој генерален план на работа доставен од академијата?

Сашко - Директорот на академијата не известува по електронски пат за тренинг сесиите што треба да се реализираат во текот на неделата. За секоја генерација имаме посебна тренинг програма која е посветена на една иста цел. Дозволено е да се модифицира тренинг сесијата, но целта мора да остане иста.

К4Т - Што очекуваш во идниот период околу својата стручна надоградба, и дали имаш идеја што откако ќе се стекнеш со потребните дипломи. Ќе останеш ли во младинскиот фудбал или цел ти е да одиш погоре?

Сашко - Најнапред сакам да го завршам овој дел од школувањето и додека се радувам на работата со млади категории ќе го работам тоа. Животот ми покажал дека не се важни дипломите за работа туку самомотивацијата и ентузијазмот. Плановите ми се поврзани со фудбалски луѓе, поранешни репрезентативци на Македонија, да работиме на проектот за развој на фудбалот во Македонија. Можна е фудбалска академија со германски капитал на анлиски начин.

02 Август 2013

За авторот