Македонски едриличарски тим на тренинг камп во Холандија

Едриличарската Федерација на Македонија (ЕФМ) на покана и покровителство на World Sailing Светската Едриличарска Федерација…

Со финансиска поддршка на Македонски Олимписки Комитет (МОК), испраќа двајца претставници, Ердал Лушо – тренер и Златко Златески – едриличар, на обука во Медемблик, Холандија на „European 2016 Youth Regional Performance Clinic”, 7 дневен тренинг камп за едриличарската класа Ласер Радијал, кој што ќе кулминира со дводневна регата.

Обуката започнува на 26 Април во Медемблик и подразбира работа на две нивоа – спортски и тренерски; богата целодневна посветеност, теориски и практичен дел, психофизичка подготовка, управување со пловило, маневрирање, тактика, стартови, правила, креирање годишен тренерски план, е дел од програмата која што ќе им овозможи на младите едриличари да станат подобри сестрани натпреварувачи, а тренерите експерти во својата област.

Ердал Лушо и Златко Златески од ЕК Снегар од Струга се кандидирани поради долгогодишниот континуитет во својата едриличарска кариера и врвни резултати на домашни и регионални првенства, доволни предиспозиции за критериумите на World Sailing. Ова преставува можност да се учи од најдобрите, со можност да ги проследат современите текови на професионалното едрење. Стекнатото знаење и најдобрите вештини што ќе ги добијат на обуката, ќе ги споделат со своите колеги во Македонија. Им посакуваме успешен настап!” – вели Зоран Митрески, претседател на ЕФМ.

Целта на World Sailing, како главен организатор на меѓународна платформа Emerging Nations Program, заедно со олимписките комитети и националните едриличарски федерации, е приближување на врвното едрење и етаблирање на професионалниот едриличарски спорт во помалку развиените земји во едриличарските дисциплини. Главна цел на оваа програма е етаблирање на едрењето на ниво на развиен национален спорт во матичните земји, создавање долгорочна самоодржлива програма што ќе ги поддржува едриличарите младинци до ниво на професионални спортисти, со цел учество на едриличарски настани на светската сцена, како Светското Младинско Едриличарско Првенство 2016 и уште еден подготвителен тренинг камп пред самото првенство.

Медемблик, местото на одржување на едриличарската клиника, е познат интернационален едриличарски центар, град домаќин на бројни едриличарски настани од светски ранг – Delta Lloyd Regatta, Европски и Светски првенства во различни класи и седиште на Холандскиот врвен едриличарски тим.