Славење на Нова година на Љуботен

Наслов

Љуботен Новогодишно

Како наближуваше крајот на 2014 година и стандардните муабети некаде во ноември месец каде за Нова година, мене и Војо ни се правеше некоја планинска новогодишна авантура. 

Се возиме кон Старо село

Присетувајќи се на дочекот на 2013 година на Љуботен, сакав повторување на таква планинска новогодишна авантура и веќе беше решено и овој дочек да биде таму, но наместо во домот Љуботен, овој пат во вилата Љуботен веднаш под домот. Со Војо им предложивме на поголемиот дел од екипата за идејата, и сите ја прифатија без примедби, а секако каневме и други луѓе кои сакаат да ни се придружат. Војо некаде почетокот на ноември беше со велосипед на Љуботен во новоизградената вила Љуботен на 1600 мнв. Беше презадоволен од објектот и услугата која се нуди таму, и ни предложи таму да одиме и секако прифативме таму да ја славиме Нова година.

Движење од Старо село нагоре

Од планирани 13 души за славење на Нова година на крај останавме 8 души, 5-мина откажаа од различни причини, недостаток на опрема, неспремност за такви подвизи и сл.

Декември како последен месец во годината се виде многу долг, а сите во исчекување да пројде побрзо и да излеземе од ова градско секојдневие, со нетрпение го чекавме денот 31 декември. Во меѓувреме договарање околу превозот, кој може да земе кола, кој не, па дали да се изнајми комбе за 8 души, на крај најисплатливо решение беше автобус до Тетово и оттаму со комбе до Старо Село, а потоа пешки до вилата.

Мал одмор од претешкиот ранец

Дојде и денот 31 декември, утрото некаде кај 12 часот од автобуската станица тргнавме за Тетово, наоблечени опремени до коска за крајната цел, пешачењето од Старо село до вилата, мислам дека единствени бевме во автобусот кои баравме од возачот да исклучи греење бидејќи ќе се стопевме до Тетово, а покрај тоа застануваше на секоја станица додека излезе од Скопје, ти се чини сме влегле во градски автобус 2-ка до Сарај. Стасавме во Тетово за час време, а таму невидени гужви во сообраќајот, возачот видел не видел, не остави кај Верото, и веднаш баравме комбе за Старо село, но од толку поставени комбиња кај Верото, ниедно не одеше во тој правец, па дали да фаќаме такси до селото бидејќи веќе бевме кнап со време, сосема случајно стопиравме едно комбе само за нас кое не однесе до селото, иако шоферот врска немаше кај се наоѓа селото, па му кажувавме кај да вози, ваљда не му е реон на вожња.

Некаде 15:40 часот бевме на стартната позиција, тешките ранци ги ставивме на нас и полека тргнавме нагоре по шумата. Првата кратенка од патот ја минавме по некоја хардкор патека, водичот кој беше прв во колоната ја изгубил маркацијата за кратко, и оваа „нова" патека и за мене беше нешто ново досега, а сум ја минувал оваа патека неколку пати и знаев дека нешто сме утнале, но нема назад. На крај по невидени стрмнини и длабок снег се искачивме до нормалната патека и продолживме. Пешачејќи затекнавме залутано куче, кое киднало од дома и почна со нас да оди нагоре. После скоро час и нешто пешачење Томе за момент ме праша „Деско уште колку има?" му одговорив „Чекај уште до Река не сме, тоа е точно пола пат до домот", а подоцна ми призна „кога кажа дека сме на пола пат мислев се зезаш, не верував дека е толку далеку". Тешките ранци си го правеа своето, веќе 2 и пол часа во шумата, почна да паѓа мрак, а од крајот на шумата има уште многу, што во глава ти идат мисли „само да стигнеме, ајде сигурно уште 2-3 кривини" што ти дава некоја надеж, а ни ранец ти се симнува да земеш да каснеш нешто за освежување. Кога ја видов малата барака од десна страна веќе знаев дека ептен сме блиску за некои точно 2-3 кривини и шумата завршува. Веќе како се наближуваше крајот на шумата почна и ветрот да мава силно, што кога излеговме од шумата јас и Вељо како први, радосни дека веќе го гледаме домот, а од прејакиот ветер и длабокиот снег во кој на секој чекор пропаѓаш до половина неможеш да стигнеш, си викаш колку е сурова планината на моменти, на крај ти го прави најтешкото, и ги даваш последните сили да стигнеш до целта. И конечно доспеавме до вилата, домарот Васе не здогледа и не пречека, а јас и Вељо само ги оставивме ранците и се вративме малку подолу да им помогнеме на остатокот од екипата која истотака се мачеше со снегот и ветрот. Уф ќути на крај стигнавме живи и здрави.

Вила Љуботен

Беше 18:45 часот, точно 4 часа пешачење. Новогодишната трпеза веќе беше поставена од Васе домарот. Се раскомотивме, земавме душа, се освеживме, и седнавме на мезење со ракија и салата, и муабети од типот како го пројдовме патот досега. Стигна и печењето со винце и лагана староградска и македонска народна музика, вечерта минуваше одлично. Мина и 12 часот, си честитавме Нова година, некоја жижица распаливме, некој куршум испукавме во воздух продолживме уште некој саат и пол додека не држеше силата и веќе сите бевме спремни за в кревет. Муабетите од претходно дека можеби ќе заглавиме до 4-5 славејќи, паѓаа во вода. 

Новогодишна трпеза

Новогодишна вечер

Следниот ден беше прекрасен, сонце распукано, поглед страшен одозгора, сите врвчиња од другите планини на видик, сите освежени, наспани, решивме некоја обиколка да направиме по планината. Бидејќи Каи и Изабела мораа да си одат, Вељо и Војо се спуштија со нив до Старо село, каде ги чекаше превоз до Тетово, а потоа до Скопје, за на 2-ри јануари го фатат авионот за Германија, поради тоа бевме спречени тој ден да го качуваме врвот, надевајќи се на поубав ден следниот ден, заедно со Војо и Вељо, додека другите не беа до толку заинтересирани за на врв. Војо и Вељо прошетаа до Старо село и назад, а ние до врвчињата во близина до домот, лабава прошетка, сликање, медитација, а од друга страна презадоволни и среќни од тоа што го доживуваме во моментот, за разлика од остатокот таму долу во градовите кои на 1-ви јануари се будат тотално мамурни од претходната ноќ, а ние со премногу енергија и радост што се наоѓаме таму горе дишејќи чист воздух и уживајќи во погледот што ни се нуди.

Медитација

1-ви јануари лабав ден, за одмор, опуштање, зезање и сл. Со Војо веќе кроевме планови кое време да одиме на врв утредента, а Вељо веќе изгуби волја за таа цел. Решивме 8 часот наутро да тргнеме од домот и да одиме на врв. Станавме околу 6 и пол сабајлето, се расонувавме со енергетски чај и кафенце, брз појадок, гледајќи го изгрејсонцето кое ни влеваше надеж дека денес ќе биде прекрасен ден. Но тоа беше на исток, додека на северо-запад состојбата беше поинаква, магли облаци, но сепак се надевавме дека ќе се тргнат.

Неверојатен поглед

Се спремивме, веќе не фати 8 и 15 го напуштивме домот, јас и Војо тргнавме во освојување на Љуботен (2499 мнв). А Џони кучето тргна исто со нас нагоре. На старт навидум супер временце, отворено небо, слабо ветерче, но како качувавме нагоре, веќе ветрот беше доста јак, снегот подмрзнат, забодувајќи се со кондурите во снегот по тие стрмнини, сметајќи дека горе ќе биде доста замрзнат, а јас во глава си велев „како можев дерезите во домот да ги оставам жити бога".

Војо и Скопје во позадина

Ветрот и маглата си го правеа своето, ние обвиени со капи и маски на лицата, качувајќи го последниот успон пред самиот врв, а Војо бидејќи има уплав од височини и стрмнини каде веќе не се осеќа сигурен само ми рече „Деско јас до тука, веќе неможам, ти како сакаш, ќе почнам да се симнувам полека", му вратив „Ок, јас ќе пробам уште малку да стигнам до 'ножот' да видам каква е состојбата таму, ако не иде се враќам". Војо почна да се спушта, а јас продолжив нагоре, заедно со Џони, кој ни за момент не ме остави. Веќе бев на „ножот" барајќи понезамрзнат снег за забодување, но го немаше, се беше замрзнато, и движењето без дерези веќе беше ризик, ветрот толку беше јак можеби 80 км/ч, а температурата се чинеше можеби околу -20oC, а од лева и десна страна стрмни провалии надолу. Тоа е моментот кога планината е комплетно сурова и не ти дава да му се приближиш на врвот, а прилично си блиску, но далеку, го гледаш на 100тина метри, замаглен, но одлуката паѓа на „стој, до тука е доста, има и следен пат". Застанав на сигурно, погледнав на саат беше 10 и пол, си реков добри сме со време, а веќе изнемоштен од ветрот, маската, капата, јакната во мразулци и прилично веќе падната енергија и колку што можев набрзина спремив еден шејк, кој за 30 секунди ми даде неверојатен рефреш, додатна енергија и ме спреми за надолу. Се осетив благодарен што имам таков оброк. А Џони, е тој си ја заслужи туната, му извадив конзерва и ја изеде набрзина и тој спремен за надолу.
Полека со сигурни чекори се спуштав, барајќи ги стапките кои ги правевме нагоре, да не утнам во маглите да се спуштам на погрешна страна, гледајќи ги стапките знаев дека сум на прав пат, и после 15-20 минути го здогледав Војо како спушта друга удолница, ме здогледа и он, се довикнавме и заедно продолживме надолу до домот, по некои нови патеки што ги правевме, а на моменти спуштања на газ по снегот. Му честитав за претходната одлука на Војо, кога реши да се враќа, бидејќи горе на „ножот" стварно беше непроодно, знаејќи каков уплав има, добро е на време што откажа. Надолу ни беше комплента уживанција, неверојатни погледни врвови од сите страни се отвораат, Скопје во магли и облаци. Некаде околу 12 стасавме во домот, сите на број јас, Војо и Џони. Остатокот од екипата беа на прошетка во околината, додека Марија и Васе ни честитаа за обидот и успехот што по такво време-невреме сме пошле. Веќе времето беше чисто, отворено, а Љуботен ќе остане за качување друг викенд.

Најдобриот регенерирачки шејк

Се собравме сите на куп, Васе ни подготви најдобар грав за ручек, и веќе беше време за спремање на ранците и да си фаќаме патот надолу кон селото, каде не чекаше комбе за Тетово, а оттаму автобус за Скопје. По пристигнувањето во Скопје, со првиот чекор не удри во глава тој смрдлив скопски воздух, кој после вакви планински тури, 200 пати повеќе го осеќаш, што почнува да ти се повраќа, а самиот смог прави толкава разлика во температура, што на планина е потопло, отколку во град.

Љуботенски шуми

Се на се, одлично поминати 3 дена во планина, одлична авантура, се вративме исполнети и со планови што е следно за нареден викенд.

03 Јануари 2015

За авторот