Екологика

Љубоморни на чисти рекорди

Ке ја поздравиме старата нова година со неколку уникатни рекорди во 2014та од европските земји, како пример за решавање на нашето загадено воздухче по градовите. 

Данска

Во 2014та Данска постави нов светски рекорд, 39.1% од произведената струја им е од ветерната енергија. Со оваа бројка тие се на многу добар пат да ги достигнат зацртаните 50% чиста енергија од целото производство во 2020та и 100% чиста енергија до 2050та.
Како пионири во користењето на ветерот, тие ги имаат инсталирано првите ветерници уште во средината на 70тите, а веќе во 2014та достигнале таков степен на произвотство и поставување на ветерници што сега електричната енергија од ветерниците на копно им е најефтина за производство.

Велика Британија

Британците во 2014 го срушија својот национален рекорд со 15% ветерна енергија од својата вкупна потрошувачка на струја. Тоа на пример е доволно за снабдување на 6.7 милиони домаќинства во Велика Британија.

Шкотланѓаните се највиновни за оваа добра бројка бидејќи најголемиот дел од ветерниците се поставени на нивно тло и вода, поради изобилието од ветар што го имаат, така што се смета дека Шкотланѓаните ќе бидат 100% обновливи енергетски корисници веќе во 2030та.

Германија

Германците 2014та ја завршија со 26% чиста енергија во својата економија како најголема во Европа. Тоа се ветерниците, соларните панели и биомасата кои веќе повеќе од една деценија се масовно промовирани и економски подржани со „Енерџивенде“ програмата на Германската влада. Тие сакаат до 2035та да имаат 60% производство на чиста енергија и да ги исклучат сите нуклеарни централи во 2022.

Ирска

2014та за Ирците била многу добра основа за започнување на новата 2015ка со уникатен стил. Со своите 188 ветерници за кои се вработени над 3400 луѓе, двапати го срушиле својот рекорд во производство на струја од ветер, привот пат на 1 јануари како поздрав за нова година и вториот пат на 7ми јануари произведувајќи доволно струја за 1.25 милиони домакинства. Сите на ветер.

На луѓето од овие земји им посакуваме добри ветришта и да продолжат така и уште подобро во оваа година, а на нам ни останува многу повеќе да работиме на нашите обновливи извори со кои ќе си го прочистиме и воздухот и економијата. Среќна стара нова година.