Важноста за тренирање на нашите внатрешни вредности и вкусови

Култ на невкусот

Денешниот цивилизиран свет создаде многу голема дезориентација и пред сè, деградирање на вистинските вредности до таа мера што полека, многу вешто „истренирани”, тоа го прифаќаме како нешто сосема нормално.

Еден пример за тоа е кога неодамна целиот свет неколку дена тагуваше поради смртта на еден прочуен моден креатор. Сите, дури и оние што дотогаш не знаеле за него, ги фати манија да трчаат по ексклузивните бутици за да купат парче од неговата колекција. 

Социолозите, а ни продавачите, не можеа да сфатат што се случува. Ова не е само социјален феномен. Би рекол дека тоа е цивилизациски феномен кој покажува дека со нас нешто не е во ред. Тоа не значи дека не треба да жалиме поради губењето на еден живот, но да се создаде една таква медиумска кампања околу неговата смрт, тоа е малку чудно. А кога се губи живот покрај нас, можеме да поминеме покрај него и тоа да не нè трогне. 

Човекот, старата жена или детето што питаат на раскрсницата или мрзнат навечер на некоја клупа ќе ги одминеме со неверојатна ладнокрвност и уште ќе додадеме: „Нека одат да работат“ или „нека се покрижи државата за нив“, не обидувајќи се да ги разбереме.

Треба да се грижиме за внатрешната мера и внатрешниот вкус, за внатрешните вредности што треба и сами да ги изградиме.Друг свеж пример е кога со денови на сите телевизиски програми гледавме известувања за смртта на една принцеза за која медиумите со години пред тоа нè бомбардираа со детали од нејзиниот приватен живот. Потоа сите ги фати криза, плачеа, некој веројатно повеќе отколку што плачеле при загубата на некој свој близок.

Не е лошо човек да биде сентиментален, да сочувствува, но со вистинската мерка, во вистинското време, на вистинското место, со вистинските луѓе, а не на медиумски начин. А потоа, во наредните години да бидеме наполно нечувствителни за што и да е, сè до оној момент кога ќе умре некој друг моден креатор или принцеза. И тогаш повторно ќе се „скршиме“ од плачење и жалење.

Тоа покажува колку влијаат медиумите врз нас и колку сме далеку од вистинските вредности. Сметам дека човекот треба да зацврсти некои внатрешни механизми, да стекне моќ да му се спротистави на култот на медиокритетите што царува околу нас, култот на варварството, култот на невусот, на негативното. Него го примаме како нешто позитивно, затоа што некои успеваат да го промовираат и рекламираат на таков начин што го подигаат на ниво на култура и му даваат статус на квалитет. 

Младите луѓе се најмногу изложени на ова влијание, но и возрасните не се имуни на тоа. Мораме да се одбраниме и да бидеме во состојба да ги препознаваме овие нешта за кои си велиме: „кога сите го прават тоа, значи и јас морам да го правам“. Уште кога тоа стигнува на телевизија, тоа значи дека навистина е вредно. На пример, кога гледаме видеоспот во кој некоја музичка група се обидува да направи нешто интересно за да го привлече вниманието и да биде шокантна, до нас и низ нас поминуваат и пораки што се надвор од секоја природна граница на вкусот. 

Ако сето тоа продолжи, ќе станеме консументи на невкус, ќе го сфаќаме тоа како нормално и во еден момент ќе станеме едно со она за кое некогша можеби сме имале критички став. Неосетно ќе станеме имуни на негативноста, нечувствителноста и кичот. Треба да се грижиме за внатрешната мера и внатрешниот вкус, за внатрешните вредности што треба и сами да ги изградиме. 

Извадок од книгата „Јога – Духовна Одисеја“

на Павлос К. Хасанагас

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија