Животниот избор на Кшиштоф Вјелицки – гостување во кино Фросина

Љубителите на планинските спортови вчеравечер во киното Фросина како дел од фестивалот ЕХО имаа можност да ја слушнат презентацијата на еден од великаните во хималаизмот – Полјакот Кшиштоф Вјелицки.

Вјелицки е дел од плејадата на врвни алпинисти и хималаисти од Полска кои во текот од 70 до 90тите години ги прават некои од најзначајните и најголемите достигнувања во делот на високогорството на Хималаите и Каракорум. Полската качувачка машинерија во тој период се смета за една од најсилните во светски рамки, познати по исклучително тешките искачувања направени во зимски услови, првенствени насоки и алпинистички стил. 

Кшиштоф е петтиот човек кој успева да ја искачи Хималајската Круна – сите 14 врвови повисоки од 8000 метри кои се наоѓаат во Хималаите и Каракорум, но низ презентацијата тој скромно долови дека неговата цел, неговиот таканаречен „избор во животот” не била желба да се влезе во аналите на качувачката историја, туку многу поважно, тоа било следење на неговата внатрешна и најголема пасија – качувањето. 

Низ презентацијата насловена како „Мој избор” која траеше околу час и половина, тој накратко ни долови некои од неговите (и национални) најважни успеси во хималаизмот и патот до Хималајската Круна. Низ годините тој осврна многу детали околу начинот на кој тоа се правело во минатото со посебен осврт на социјалните моменти на експедциите, пријателството со другите искачувачи, тажните и среќните денови. 

„Eкспедициите се делат во две категории – успешни и среќни. Успешните не секогаш значат и среќни експедиции, а среќни се оние кои ќе завршат добро без разлика на успехот или неуспехот бидејќи и онака тие ни даваат можност да го правиме тоа што го сакаме и да добиеме драгоцено искуство.”

На крајот тој направи паралела за сегашната ситуација во искачувањето на овие врвови, комерцијализацијата и глобализацијата на овие места и локации како и потребата луѓето да ја најдат вистинската цел во своите авантури која треба да биде делеку од потребата тие да бидат само лични трофеи.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија