Македонска Тур де Франс Експедиција 2016

Кругот на Македонија – Велоаџилак

Секој човек сонува. Кога бев студент во мојата соба ја имав закачено етно-географската карта на Македонија изработена од Чуповски во 1913 година. На таа карта се претставени сите македонски земји до каде што се зборувал македонскиот јазик и имало македонски топоними. А воедно, Македонија е претставена како една географска целина ограничена од реки, море и високи планини. Тогаш мечтаев дека некогаш ќе ја поминам целата таа земја и ќе ги посетам сите тие места. Ќе направам еден круг што ќе ги обедини сите земји што некогаш го носеле името Македонија. Но не знаев дека тоа ќе го направам на точак.

Плус, Моте ми прати линк од карта на Егејска Македонија каде што се означени сите населени места што носат македонски топоним, заедно со новото сегашно име кое што е сменето после некаде Балканските војни а се користи и денеска. Користејќи ја оваа карта со македонскиве топоними, можев да си го потврдам моето претходно знаење дека, на пример, полуостровите никогаш не биле населени со македонско население, ни во антиката, ни во турско време. На таа карта точно можев да одредам до каде е Македонија и според неа да се ориентирам за да не излезам од Македонија, барем додека сум во Егејскиот дел.

После пет години возење низ француските и италијанските Алпи, и искачувањето на преку 30 планински превои и изгледани 19 ТдФ етапи. После снимањето на филмот Слобода на две тркала и издавањето на книгата „Мојата прва експедиција”, решив да направам пауза и експедицијата да го извози она што го планирав од студентиските денови. Името си останува Македонска Тур де Франс Ексепдиција 2016, иако не одиме на Тур де Франс. Па и турот не се вози само низ Франција, па го носи тоа име, си помислив.

Деталите околу рутата и каде ќе се вози и кои места ќе ги посетам ги правев во последните три години. Постојано правев измени, но знаев дека треба да се држам што е можно поблиску до границите на таа етничка и географска Македонија. Ќе возам низ четири земји и ќе поминам многу граници, но нема да излезам од Македонија. Дел од рутата веќе ја имав возено во претходните години. Но сепак, според пресметките околу 60 проценти ми беше нов пат. А па друг дел од патот го имав возено но во обратен правец, сега за прв пат ќе го возам назад.

Во однос на начинот на патување, сместување и поддршка требаше да биде чисто туринг патување. Се што ни треба ќе си носиме со нас. Нешто храна за секој случај, со готвење и миење садови и местење шатор и бањање во ладни реки. Се е исто како кога возевме на Алпите. Најубавиот начин да се посети едно место е со точак, вели Гоце во филмот. И во право е. Се движиш по патишта што сам ги бираш, со ограничена брзина, одмараш и спиеш на места што ти се допаѓаат. Ако не ти се вози тој ден, а се наоѓаш на некое убаво место, па и не мора да возиш.

И планирав да одам сам. После толку години акање по патиштава заклучувам дека нема ништо поубаво од возење сам. Ниту му ја мислиш што ќе јадеш, ниту се секираш каде ќе спиеш, ниту колку си поминал дента. Само возиш и уживаш. Си молчиш и си уживаш. Но, прогнозите за периодот кога требаше да тргнам на пат беа дека ќе биде многу жешко. Е во таков случај се сложувам дека е добро да се има партнер. Во два случаја досега ќе сум дехидрирал бидејќи не се контролирав во однос на внесувањето течности и немав контрола на температурата. Затоа идејата за возење му ја покажав на мојот партнер од МТдФЕ 2014, Марко Ленчевски со кого возевме на Доломитите и искачивме 6 планински превои за 10 дена и поминавме 900 километри. Марко е постојано расположен за возење и секогаш е во добра кондиција. Овој пат беше дури и подобро подготвен од мене. Постојано ми кажуваше дека скоро секој ден вози на Водно.

Ок, ќе одам со Марко. Тоа ќе значи дека рутата може да претрпи неколку измени од првично планираното. Ќе исфрлиме некој километар, а ќе додадеме некоја планина плус, но секако ќе се држиме до планот да возиме покрај граница и да посетиме што е можно повеќе градови и села и да сретнеме што е можно повеќе луѓе. Во однос на темпото со кое што ќе се движиме планиравме дневно да поминуваме помеѓу 120 и 150 километри. За десет дена требаше да покриеме околу 1500 километри, според првичниот план, или 1200-1300 доколку фатиме некоја кривина.

Треба да стануваме во 6 часот сабајле за во 7 веќе да бидеме на пат, помеѓу 12 и 13 да сме под некоја сенка, да ручаме за време на најголемото сонце, и во 17 повторно да бидеме на пат. Прифатив да одам со Марко зошто знаев дека со него ќе морам да ги почитувам сите овие термини, а на тој начин ќе се зачувам себеси од „ај бе не е толку жешко” или „ај да поминам уште некој километар”. Марко е педантен во тој поглед и ќе морам да ги следам правилата што ги договоривме пред тргнување.

Патувањето започнува од Скопје, па преку Кочани и граничниот премин Делчево се симнуваме во Благоевград, па од кај Симитли одиме за Разлог и Банско, па се симнуваме во Гоце Делчев, па преку граница одиме Драма и Кавала на море, па долж брегот на Егејско море и езерата Бешик и Лагадин, па преку планина се симнавме во Солун, од тука ќе фатиме за Бер, па преку Каракамен планина (онаа од песната) се префрливме во Кожани, па Сачишта, Костур, преку село Смрдеш влегуваме во областа Мала Преспа и Корча, преку Подградец и Струга продолжувавме по патот на езерата, па навраќаме во Дебар и преку Маврово, Гостивар и Желино, си доаѓаме дома. Знаев дека нема да имам поголеми потешкотии во однос на ориентацијата затоа што си ги запамтив градовите што ги посетуваме и само треба да ги следам патоказите. Можеби ќе имаме проблем при излезот од Солун, мојата вечна борба со големите градови, а се друго ќе си го поминеме без мака. Не планирав ни да прашувам многу каде е патот, зошто тргнавме без временско ограничување. Кога стигнеме дома, тогаш. Не е страшно ако некогаш заакаме во погрешен правец, ќе се снајдеме. Неколку пати и тоа ќе ни се случи.

Десетдневен круг низ цела Македонија. Тоа си го сметав за некаков аџилак, велоаџилак. Исполнување на сон што сум го имал уште од времето кога бев студент.