Костелник со самостојно дијагонално минување на Северна Америка

Американскиот ултрамаратонец Пит Костелник успеа да стане првиот човек кој ја изминал дистанцата од Кенаи, Алјаска до Ки Вест, Флорида, односно скоро цела дијагоанала на Северна Америка на сопствените две нозе и целосно самостојно. 

Фантастичното патување на Пит Костелник насловено како Ke2Key беше во должина од 5384 милји или 8664 километри и траеше нешто под 98 денови што во просек значи дека тој минувал по 88 километри на ден. Згора на тоа, Костелник го прави подвигот целосно самостојно, односно сите негови потребни работи ги бутка во неговата количка со која се транспортира од локација до локација каде преноќува.

Авантурата започна на 31 јули (5 часот наутро по локално време) од брегот на гратчето Кенаи кое се наоѓа на крајниот северозапад во Алјаска, а заврши на Ки Вест во Флорида на 5 ноември со вкупно време од 97 денови 6 часа и 57 минути. Првичната проекција на Пит беше дека за патувањето ќе му бидат потребни околу 110 денови, но тој успеа да го направи за многу побрзо време.

Во текот на движењето тој се справуваше со бројни попатни предизвици, а на одредени локации и во позафрлените места на континентот тој беше придружуван од неговиот тим и семејство. Интересно е да се напомене дека низ целото движење Пит немал ниту една посериозна повреда на мускулно скелетниот систем.

Откако пристигна во Флорида тој симболично го испразни шишенцето со вода кое го беше наполнил во Кенаи.

„Научив дека во нашите животи има нешто многу повеќе зад секојдневните рутини и работа во кои сме заглавени. Излезете надвор, вдишете чист воздух и отидете да потрчате. Тоа ќе ви го промени животот.” – изјави Пит.

Тој истотака е човекот што го држи најдоброто време за минување на релацијата Сан Франциско – Њу Јорк, oткако во 2016 година успеа да го сруши рекордот на Франк Џанино кои стоеше од 1980 година. Костелник успеа да го измине целиот континент пеш за 42 дена 6 часа и 30 минути што го подобри стариот рекорд за цели 4 дена.

Во следното видео ќе видите нешто повеќе за патувањето на Пит.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија