Комплетирано првото соло минување на Антарктикот

Вкупно 54 денови одење по едни од најсуровите делови на планетата беа потребни за да се изминат 1500 километри долгата траса од едниот до другиот крај на јужниот пол, со што е комплетирано првото соло минување на овој континент. А за кратко, го очекуваме и второто.

Пред неполни 2 месеци оваа година, двајца луѓе од различни делови од планетата и со различни животни позадини, започнаа неформална трка за првото целосно самостојно минување на Антарктикот. 

Историјата во истражувањето и аватуристичките походи на Јужниот Пол е огромна. Од велосипеди, санки, скии, со помош на летала (змеј), од едниот до другиот крај, во големи експедиции и самостојно, луѓе од различни делови од светот константно биле привлекувани од суровоста на континентот и непознатото. Но никој досега нема направено комплетен траверс на континентот, минувајќи низ Јужниот пол, и тоа целосно самостојно и без помош од друг тип на сила освен – човековата. 

На 26.12.2018 Американецот Колин О’Бреди стана првиот човек кој заедно со неговата санка од 150 килограми успеа за 54 денови да ја измине дистанцата од 1500 километри. Рутата на која се одвиваше една од најинтересните битки во поновата поларна историја беше од т.н. ледената полица (глечер во контакт со океан) Рон до ледената полица Рос близу глечерот Леверт. Притоа тие поминаа низ најјужната точка на планетата. 

Приказната за Колин О’Бреди и неговите истражувања и потфати е многу интересна. Како мал тој има доста активно детство, спортува, плива и игра фудбал, а во тинејџерските години постигнува национални признанија и резулати во овие спортови. Во 2008 година тој заработил сериозни изгореници на 25% од неговото тело за време на одмор во Тајланд по кои докторите прогнозирале дека е можно воопшто и да не прооди како што треба повторно.

Но, тој заздравува и започнува нова насока во неговиот живот по што комплетира некои од најголемите светски достигнувања во различни сфери на спортот, авантуризмот и издржливоста. За почеток, тој победува на триатлонот во Чикаго – негов прв триатлон, по што стартува професионална кариера во овој спорт. Шест години се натпреварува за националниот тим на САД и освојува бројни достигнувања и резултати. 

Потоа, тој влегува во светот на планините каде успева за рекордно време да го измине т.н. Истражувачкиот Гренд Слем (The Explorers Grand Slam) – качување на Седумте Врвови – седумте највисоки планини на сите континенти и скијање до јужниот и северниот пол. Тој успеа сето ова да го направи во 139 дена во 2016 година, а досега истото го имаат комплетирано не повеќе од 70 луѓе. 

Другиот авантурист кој беше дел од трката е Луис Руд од Британија, семеен човек и капетан во војска. Мисијата на Руд која е наречена „Духот на издржливоста” (Spirit of Endurance) е испирирана од капетанот Ернест Шеклтон кој ја предводел првата транс-антарктик експедидија која траела од 1914-1917. Во 2016 година неговиот колега Хенри Ворсли беше првиот човек кој се обидел да го заврши ова патување но за жал во тој обид го загуби животот. Тој бил и ментор на Луис Руд во неговата прва поларна експедиција во 2011 година.

Руд и О’Бреди ја започнаа нивната авантура заедно на 7 ноември, а по првичното водство на Руд, Колин го презема првото место на 10 ноемви и успева до крајот да издржи во мисијата. Секојдневно двајцата беше потребно да ја влечат својата 150-килограми тешка санка во просек по 12 часа на ден (30км), а многу често беа во битка со снежните невремиња и екстремно ниските температури. Сето ова, комплетно сами и во целосна изолација. 

Најинтересно од целата авантура е финиширањето на Колин кој во последните два дена прави неверојатен потфат кој е доказ за огромниот капацитет на човековата издржливост. Иако има водство од околу 1-2 дена над Руд, тој решава последните неколку етапи долги вкупно 124 километри да ги измине во едно одење, со пауза од само 90 минути. За ова му беа потребни околу 32 часа по што успеа да стаса на финалната точка после вкупно 54 денови на мразот. 

Во следниве денови го очекуваме и пристигнувањето на Луис Руд кој е некаде близу до последната точка, а тука можете да ја погледнете мапата на движење на двајцата.

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија