Која е будалата што го измисли маратонот Баркли

Во 1985 година Гери „Лаз” Кантрел ги поставува темелите на она што денеска се уште се смета за најтежок ултрамаратон во светот – Баркли кој се одржува во Тенеси, Америка. Ако фактот дека од тогаш до денес Баркли го имаат завршено само 14 души не е доволно предизвикателен да ја запознаете будалетината која ги креира рутите, тогаш најдете си нешто поинтересно 🙂

Баркли е инспириран од бегството на убиецот на Мартин Лутер Кинг, Џејмс Ерл Реј кој од затворот во околината на денешниот старт на трката успеал да измине само 13 километри во сериозната шума околу него и тоа за дури 55 часа колку што траела потрагата од полицијата. Во таа 1977 година кога Гери Кантрел ја видел веста за неуспешното бегство на Џејмс Ерл Реј, тој си рекол дека за истото време би можел да помине бар 100 милји, во превод 160 километри и приказната за Баркли трката започнува. 

Она што го прави овој ултрамаратон толку тежок е самата околина во која тој се одвива т.е. густите шуми во тој дел од Тенеси, но и самата стаза која секоја година Гери ја прави се поинтересна и потешка за натпреварувачите. Таа скоро секогаш е составена од 5 кругови од по 32 километри, но во најголем дел од истите, тркачите се оставени сами на себе, без маркации и освежителни станици. 

Едноставно Баркли се поминува со сопствените можности и способности за ориентација, но и натчовечките моќи за издржување на исклучително тешкиот терен и услови. Згора на тоа, тука е и временскиот лимит за комплетирање на секој круг од 12 часа. 

Трката традиционално започнува со палење на цигара, а Гери преферира тоа да биде Камел. Во неа може да учествуваат само 40 учесници (ограничена бројка), а потенцијалните тркачи кои треба да влезат во трката треба да напишат есеј на тема: „Зошто треба да се натпреварувам на Баркли?”. Котизација за трката е 1,6 долари.

Контролните точки се всушност стари книги забутани во некои делови од шумата откаде натпреварувачите треба да ја искинат страницата со редниот број на нивниот биб како доказ. 

Досега само 14 души го имаат завршено Баркли. Минатата година победија планините, а се уште ниедна жена го нема завршено искушението. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија