Наслов

Како се победува на трка од 100км без посебен тренинг?

Викендов во Хонг Конг се одржа деветнаесетото издание на Vibram Hong Kong 100 (HK100) на која доминираа кинеските спортисти.

Вибрам Хонг Конг 100 е ултрамаратонска трка во планинско трчање која веќе деветнаесет пати се одржува во Хонг Конг, Кина. Трката е со должина од 103км и истата има позитивна висинска разлика од 5300м. Оваа трка е една од најголемите и најважни на азискиот континент а од неодамна е дел и од Ultra Trail World Tour Series што значи дека таа е секогаш домаќин на големи имиња во овој спорт но како по традиција сепак пред се е трка на домашни натпреварувачи на која истите доминираат.

Годинава таа традиција продолжи а сензацијата ја направи победничката во женска конкуренција Лу Јангчун која, како што самата вели, воопшто и не тренирала за оваа трка. Односно, во последните два месеци таа немала подолг тренинг од 15км што за трка со ваков профил е речиси ништо.

Во своето минато таа има една трка на 50км и со тоа таа мислела дека го достигнала својот лимит. Лу најчесто се натпреварува на 3000м со пречки. Победата е уште поневеројатна ако се земат во предвид повредите кои ги имала во последниот период, заради кои таа не очекувала ни да ја финишира трката, а камоли да победи.

-„Воопшто не бев свесна дека ќе победам се до 3км пред крајот на трката, бидејќи низ трката јас пешачев на нагорнините кои останатите девојки ги трчаа, а тоа беа добри тркачи."
Јангчун победи со време од 11:43:20 часа што беше повеќе од половина час побрзо од второпласираната Ксианг Фузао и речиси цел час побрзо од третата Јанг Гуангмеи исто така од Кина.

Севкупен победник на трката беше Шен Јиашенг со време од 10:22:02 часа, кој само ја потврди апсолутната доминација на домашните тркачи кои завземаа седум места меѓу најдобрите десет.

Од нашите простори, вреди да се напомене дека Бугарката Мариа Николова го освои седмото место на оваа престижна трка со време од 13:51:08. 

21 Јануари 2019

За авторот