Како не се заклучува точак!

Деновиве, ако не сте чуле, на тројца наши сограѓани им беа дигнати точаците од воз, некаде меѓу Чашка и Скопје. Не сакаме да додаваме сол на и така лута рана и најискрено се надеваме дека ќе си ги видат своите двотркалести миленици пак, ама кога ги распрашавме малце повеќе, сфативме дека по „заклучување точак“ тројцата треба да имаат кецови. Назад во клупа, ова за сите нас важи..

Хал Рузал е еден кул механичар од Њујорк кој што 30 години работи како точкар. До сега можеби го имате сретнато типчево по нет затоа што има направено бројни видеа за правилниот начин на кој треба да си го заклучите точакот, а преку неговиот систем за евалуација на заклучувањето на точакот им дава оцени (од кец до петка) на некои рандом заклучени градски велосипеди и сопственици. 

Неговите три основни правила се следните:

1. Осигурајте се дека објектот за кој го врзувате својот точак е цврсто вкоренет во земјата.

2. Имајте висококвалитетна направа за заклучување (тој препорачува таа да не биде под 50 долари).

3. Бидете сигурни дека рамот од точакот, двете тркала и седлото се заклучени.

Ако ги запратите трите погорни услови, точакот или било кој негов дел немаат никаква шанса да бидат дрпнати. 

Тројцата наши несреќлии најверојатно би имале кец од Хал затоа што ги врзале нивните точаци еден за друг, но не и за некаков цврст објект (најверојатно поради тоа што немало такво нешто во возот). И, иако можеби им изгледало невозможно да се извадат трите точаци заедно низ вратата, ете некој, за жал, успеал.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија