К2 зимска експедиција – 2019

Откако минатата година третата полска експедиција не успеа да го искачи последното неискачено парче од највисоките врвови во зима – К2, оваа сезона се подготвува одличен мешан тим составен од планинари од Русија, Казакстан и Киргистан. 

Зимските искачувања на највисоките врвови во светот се едни од најтешките, предизвикувачки и комплексни планински обиди во светот. Иако најголемиот дел од 14-те врвови повисоки од 8000 метри за прв пат се искачени релативно рано – во периодот од 1950-тите до 1964 година, нивните зимски искачувања не започнуваат сè до 1980-тата година кога Полска, како една од земјите со најистакнати и успешни хималајски експедиции го популаризира зимскиот хималаизам. Анджеј Завада се смета за таткото на зимскиот хималаизам и еден од првите кои се обиделе да организираат зимско искачување на К2.

Од 1980 година па се до 2016 година во зимски услови беа искачени 13 од овие врвови, оставајќи го К2 последен во низата. Досега на К2 се имаат организирано вкупно четири зимски обиди за искачување на овој врв, три од тие се на Полајците, една, во 2011/12 е руска. Оваа сезона 2018/19, мешан тим од алпинисти од Русија, Казакстан и Киргистан ќе направат нов обид. 

  • Прв обид: Полска експедиција (1987-1988) под водство на Андржеј Завада – стигнува до 7300 метри. 
  • Втор обид: Полска експедиција (2002-2003) под водство на Кшиштов Вијелицки – стигнува до 7650 метри. 
  • Трет обид: Руска експедиција (2011-2012) под водство на Виктор Козлов – стигнува до 7200 метри. 
  • Четврт обид: Полска експедиција (2017 -2018) под водство на Кшиштов Вијелицки – стигнува до 7400 метри. 

Експедицијата е составена од 10 високогорци и алпинисти кои имаат големо искуство во високите планини. Водач на експедицијата е Казакстанецот Василиј Пивцов кој ги има искачено сите 14 врвови повисоки од 8000 метри без користење на кислород во 2011 година. К2 конкретно го качува заедно со Герлинде Калтербрунер – втората жена која ја комплетира Хималајската круна и првата без О2. 

Покрај него, организатор е и Артем Браун од Русија кој има огромно искуство во искачувањата над 7000 метри. Тој е „мозокот” зад рекордот на Адржеј Баргиел на „Снежниот Леопард”, а и самиот го има комплетирано за 35 денови. Заедно со Пивцов тие го имаат искачено пик Победа во зима.

Покрај нив тука се и Роман Абилдаев, Витали Акимов, Евгени Глазунов, Павел Воробјов истотака од Русија, Турсунали Аубакиров, Илдар Габасов, Димитри Муравиов од Казакстан и Микхаил Даничкин од Киргистан. 

Според последното интервју во Mountain.ru дадено за Ана Пиунова, Браун открива дека планот е да се оди без кислород, по гребенот Абруци, а според кажувањата, во игра се споменуваат и Алекс Чикон и Денис Урубко кои може да се приклучат на експедицијата. 

Без разлика во која комбинација да биде експедицијата, тие ќе мора да се справат со сериозни потешкотии на зимскиот хималаизам како што се екстремен студ и ветер, можности за лавинска опасност, технички потешкотии на рутата и нешто што досега се нема постигнат.

Повеќе инфо тука.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија