Наслов

Извидниците со ЕКО акција по повод денот на независноста на Македонија 8ми Септември

Извидниците од Прв Скопски Извиднички Одред и ИПО Галеб ја одбележаа независноста на Република Македонија со еколошка акција во пределот кај Кањон Матка.

Повеќе од 50 извидници распределени во две групи, едни со велосипеди, други со автобус за 8ми Септември се организираа да ја исчистат најатрактивната дестинација во Скопје. Преубавата Матка како и реката Треска ги затекнавме удавени во секаков отпад - од пелени, до стаклени шишиња, чипсови, лименки, кутии од цигари во изобилство и друг пластичен отпад. Извидниците кои се деца од само 6 години па нагоре, беа ужаснати од глетката и на почеток им изгледаше невозможна мисија цел тој отпад да се собере.

Преполни со лутина и неразбирање како може некој човек свесно и без никаква почит спрема природата туку така само да фрла ѓубре каде и да стигне извидниците започнаа со остварување на својата мисија и за само еден час собраа повеќе од 20 вреќи од по 110л. отпад од Кањон Матка и дополнителни 6 од самата река Треска.

Самиот крај на еко денот посветен на нашата земја го завршивме со хајк до кампот Саламандер (с.Шишево) – кај најпрекрасниот домаќин Игор Христов кој ни помогна во еко акцијата и заедно со својот миленик Бастер и двајцата волонтери од Австралија ни приредија незаборавно жонглерско шоу.

Извидниците од Скопје АПЕЛИРААТ до сите граѓани, но и надлежни служби да бидат повнимателни и да престанат да го загадуваат нашиот град, доколку во близина не најдат канта за отпадоци да се воздржат и отпадот да го причуваат во својот џеб. Ние ќе продолжиме со нашите акции за чиста и зелена околина, а Вас Ве замолуваме кога излегувате од својот автомобил отпадокот од тип на мастики, цигари и чоколадца да не го фрлате на земја.

Целиот еко ден беше дел од акцијата ТИ СИ атрАКТИВЕН на Прв Скопски Извиднички Одред поддржана од Град Скопје, секторот за образование, ИПО Галеб и кампот Саламандер.

Со извиднички поздрав,
Биди подготвен!

11 Септември 2018

За авторот