Прв Скопски Извиднички Одред:

Наслов

Извидниците организираат хумани активности

По повод Светскиот ден на Извидниците 22 Февруари денот кога е роден основачот на најголемото младинско движење во светот Лорд Роберт Баден Пауел, извидниците од ПСИО - Прв Скопски Извиднички Одред се впуштија во низа хумани мисии за да помогнат колку можат и како можат. По иницијатива на најмалите извидници заедно со своите водачи, се организираа и во саботата на 18 февруари излегоа на терен да направат Добри дела.

Донација на ромски семејства

Патролата ИГУАНИ по повод Светскиот ден на извидниците и мисијата Направи Добро дело, решија да направат донација на Ромските семејтва. Мисијата беше успешно, но ситуацијата и повеќе од тажна. Овие луѓе навистина немаат, немаат ништо. Решивме дека почесто мора да ги посетуваме и да им донираме потребни работи за пристоен живот кој го заслужуваме сите. (Бјанка)

Донација на ромски семејства

СОС Детско село

Трета година по ред патрола РИСОВИ на терен за добро дело, а втора во посета на СОС Детското село. Секако насмевки и радост на повторната дружба со извидниците од ПСИО. Им покажавме ГЕРМАНИКУС, им покажавме што сме работеле и научиле оваа година и секако ги научивме да го играат нашето ултимејт фризби. Позитивната, извидничка енергија беше со нас цели три часа. (Викса)

СОС Детско село

Дом 11 Октомври

За извидниците од јато ФИКУСИ оваа година им е прва како се вклучуваат во мисијата Добро дело по повод Светскиот ден на Извидниците 22 Февруари. Тие годинава решија да ги посетат децата од Домот 11 Октомври во Капиштец и да им го презентираат извидничкиот начин на живеење, вреќа во која извидниците спијат, каков ранец користат, како палат оган со помош на магнезиум но и основи за Прва Помош и Заштита и многу извиднички игри. Прекрасни деца и одлична дружба и за извидниците од ПСИО и за децата од домот. (Чаки)

Дом 11 Октомври

Донирање храна на гладни

Секоја година една од многуте акции кои ги организираме по повод Светскиот ден на извидниците 22 февруари е делење вкусни сендвичи на гладните по скопските улици. Оваа година патрола Самурајски Лемури, ги купија потребните намирници, ги направија и завиткаа сендвичите и ги поделија на повеке од 50 граѓани во наше Скопје. Создаваме подобар свет! (Тамара)

Донирање храна на гладни

ОУ Дитуриа

И оваа година по повод Светскиот ден на Извидниците, правевме Добро дело. Јато КАКТУСИ ги посетија децата од социјално загрозени семејства од ОУ Дитуриа во Сарај. Покрај запознавањето со нашето извидничко движење и многу извиднички игри, дониравме зимска облека, кондури, јакни и училишен прибор за децата. Овие деца се прекрасни, а нивните семејства не замолија да се вратиме кога ќе можеме и да им помогнеме со средства за хигиена и храна. Ние ветивме дека ќе го сториме тоа, па очекувајте јавен повик за донација на овие потребни и основни работи за пристоен живот кој го заслужува секој човек. (Снежана)

ОУ Дитуриа

ОУ Дитуриа

Целта на извидничкото движење е да се градат идните генерации во корисни граѓани, со поширока перспектива, а со тоа да се развие и добрата волја како и мирот во светот преку другарство, еднаквост и соработка.

Оваа прилика сакаме да ја искористиме и како јавен повик за донација на средства за хигиена (од секаков карактер и за лична и домашна) и храна, кој колку може да донесе во нашиот одред секој ден во 19:00ч., а ние ќе се вратиме кај семејствата и ќе им ја донираме. За било што може да не исконтактирате преку нашата Facebook страна - First Scout Unit of Skopje

20 Февруари 2017

За авторот