Интервју со Ивица Алексовски – алфа и омега на Бразилската Џиу Џица во Македонија

Успесите и континуираната работа во сферата на боречките спортови во Македонија, а особено во Бразилската Џиу Џица беше доволен повод да направиме интервју со Ивица Алексовски кој со сета своја енергија се посветува за развојот на оваа боречка вештина во Македонија.

Почетоци и први допирни точки со спортот. Како се создаваше твојата спортска ДНК?

Првите допирни точки со боречките вештини ги имав на 14 годишна возраст и во периодот 1989-1993 година бев ученик во Средното Полициско Училиште каде што за прв пат се запознав со повеќе боречките вештини. Во тој период станав дел од кунг фу – фул контактот клубот “Шао Лин” кај мојот прв тренер Зоран Петковски.

Тренирав три пати неделно во клубот, а другите денови заедно со група мои колеги од СПУ трениравме во спортската сала која се наоѓа во склоп на училиштето. Во Средното Полициско Училиште, четири години изучувавме повеќе боречки вештини како што се Џиу-Џицата, Џудо, Карате и Бокс. Се запознав со техники на фрлање, чистење и партер борба од Џудото, техники на ослободување од зафат, приведување, самоодбрана од невооружен и вооружен напаѓач од Џиу-Џицата, рачни техники од Боксот и техники на ножни удари од Каратето.

Уште на почетокот на мојата боречка кариера ме интересираа повеќе боречки вештини и спортови. Интересно беше да се тренира една, но некако истражувањето на повеќе вештини и системи ми беше поинтересно, покомплетно.
Во 1992 година во Битола на Првото Фул Контакт првенство во Македонија се натпреварував со повредени раце, но по убедување на мојот тренер Петковски, се пријавив, победив две борби до финалето и во финалето изгубив на поени, Второ место – Вицешампион на Р. Македонија.

Во 1993 година се одржа Првиот клубски турнир на кој учествува повеќе од 50 членови во разни категории и го освоив Првото место за сениори. 

На традиционалниот турнир во фул контакт борби на 27.03.1993 година изведовме демострација на техники на одбрана од повеќе напаѓачи, одбрана при напад со палка заедно со колегите од средното полициско училиште и редовни членови во клубот.
На Клубскиот турнир кој се одржа на 27.01.1994 година го освоив третото место во каегоријата за сениори.

Министерството за Внатрешни работи на 16.12.1994 година организираше натпревар на ниво на целото министерство во демонстрација на техники во самоодбрана. Го освоив првото место златен медал заедно со својот партнер Колевски Сашко кој го освои сребрениот медал. Во периодот од 1994 до 1996 година бев одговорен инструктор и задолжен за спроведување на програма за обука на техники од самоодбрана во Полициската Станица за БПС во Скопје.

 Страста и желбата подлабоко да се навлезе во тајните и тренерскиот занает?

Секоја боречка вештина си има свои позитивни и квалитетни страни, но истотака во исто време си има и свои “лоши страни”. Во одредени вештини се изучуваат техники кои се тренирале пред илјада години, техники кои не се “реални”, техники кои не се применливи.
Уште на стартот имав среќа да почнам со тренинзи во кунг фу – фул контакт клубот “Шао Лин” каде што почнав да ги увежбувам техниките од џит кун до – систем на боречки вештини создаден од легендарниот Брус Ли. Овој систем обединува повеќе боречки вештини во едно и уште во тоа време почнав со моите “истражувачки” амбиции.

Во 2000 година заедно со Миодраг Константинов го основав ЏКД Центарот за Боречки Вештини „Шао Лин”, но следната година по заминувањето на Миодраг во странство, останав единствениот инструктор и водител во клубот.

Во наредните години повикав многу мајстори за боречки вештини, докажани светски шампиони во боречките вештини со цел да се развиеме како клуб, но истотака и да се надоградам во своето знаење, да напредувам, да учам од подобрите, од поискусните. Ќе набројам само неколку како што се Карлос Њутон, Жорж Переира, Џавит Бајрами, Љубомир Јорданов, Роберт Наумовски, Цезар Лима, Рос Николс, Роџерио Де Лима, Рикардо Евангелиста итн…

Сепак за да се научи повеќе, да се усовршите како тренер, да имате квалитетен прогрес во пренесувањето на своите знаења, мора да посетувате колку можете повеќе семинари кај врвни мајстори, шампиони, тренери. Во мојата кариера имав чест да учам и тренирам со многу познати личности од светот на боречките вештини како што се Ден Иносанто, Ерик Полсон, Чико Мендез, Гилерме Мендез, Миша Бачулов, Игор Покрајац, Роџер Грејси, Гокор Чивичијан, итн…

Сите горенаведни се луѓе со големо искуство во боречките вештини, но и големо животно искуство и навистина има што да научите. Ќе дознаете ситници за техниките, за методите на изучување, ќе дознаете за тајните на постоењето.

Со ова секојдневно се “навлеков” на континуирано учење, усовршување, верувајте дека тоа нема крај.

Формирањето на клубовите и Македонската Федерација за Бразилска Џиу Џица

Во 1998 година го превземав клубот од мојот тренер Зоран Петковски, а во 2000 година го променив името на клубот и го формирав Центарот за боречки вештини “Д СТРОНГЕСТ”. Во прво време отворив неколку групи во мојата сала зашто што членството се зголемуваше, а потоа почнав да отворам клубови низ Скопје каде што за тренери ги поставував моите најискусни членови. Клубовите во Скопје (Кисела Вода, Аеродром, Центар, Карпош, Тафталиџе), Велес, Прилеп, Кавадарци броеа над 500 редовни членови.

Во 2009 година го отворив првиот клуб за бразилска џиу џица “Д СТРОНГЕСТ”, а во 2010 година стапив во контакт со првиот македонец носител на црн појас во светот, Проф. Роберт Наумовски и пристапивме кон нашата нова БЏЏ филијала “РУТС” со седиште во Австралија.

Во 2012 година по моја иницијатива ја создадов Македонската Федерација за Бразилска Џиу Џица. Во оваа нова федерација влегоа клубови од Скопје, Охрид, Куманово, Прилеп.

Создавањето на Федерацијата беше тешко, требаше во Агенцијата за Млади и Спорт да докажеме дека се работи за нов спорт, со дефинирани правила, првенства, итн… Истотака морам да напоменам дека во тоа време имавме проблеми и од моите бивши членови кои со малку искуство се одвоија, отворија нов клуб и сакаа да не биде создадена оваа федерација. Благодарение на паметни луѓе во Агенцијата за млади, се создаде оваа Федерација која денес е пример за успеси и организација.

Во моментов веќе 4 години сум носител на кафен појас (највисок појас во БЏЏ во Македонија) и се надевам дека оваа година после повеќе од 10 години секојдневни тренинзи ќе се стекнам и со црниот појас. Сепак, мора да напоменам дека појасот во БЏЏ не е нешто што се добива лесно, не е нешто што треба некој да ти го поклони, појасот е ПАТОТ ВО БОРЕЧКИТЕ ВЕШТИНИ.

Многу често за да се придобие некој да работи и тренира под некого, се доделуваат појаси, но на крајот на денот НИ ТОЈ ШТО ГО ДАЛ, НИ ТОЈ ШТО ГО ЗЕМАЛ И СЕ ФАЛИ НЕ ЈА РАЗБРАЛЕ ФИЛОЗОФИЈАТА ЗА РАЗВОЈОТ ВО БОРЕЧКИТЕ ВЕШТИНИ.

Успеси, подмладок и стратегија за развој на овој спорт во Македонија

До денес имаме постигнато многу успеси, освоено многу елитни турнири. Во прво време поради финансиски проблеми се позициониравме на територијата на Балканските држави. Учествувавме на турнири во Белград, Ниш. Загреб, Сараево, Подгорица, Софија, Монтана. На многу турнири бевме НАЈДОБАР КЛУБ. Организирав Меѓународни турнири во Скопје каде што секогаш бевме убедливо на врвот.

Благодарение на финансиската поддршка на Агенцијата за млади и спорт и г-динот Дарко Каевски, во последните година и нешто ги однесовме нашите репрезентативци на докажани меѓународни турнири во организација на “Abu Dhabi Pro” во Рим, Цирих, Милано. Како и што предходно кажував и зборев дека ќе дојде време кога нашите ќе ги однесеме на врвни турнири и ќе постигнеме големи успеси, така и се случи.

На турнирот во Цирих од 40 и нешто држави бевме на убедливото 3то место, а во тимско натпреварување од 63 тимови, бевме на ВТОРОТО МЕСТО !!!
Особено ме радуваат успесите на нашите најмали шампиони. На територијата на Балканот, каде и да се појавиме, противниците имаат голем респект. Се наметнваме како квалитет, организација од која другите учат.

Кај нас во нашиот централен клуб во Скопје (Центар за боречки вештини и фитнес “Д СТРОНГЕСТ”, Кисела Вода) имаме поголема група на деца од 5 до 12 години со кои работат 5 искусни тренери, наши докажани шампиони. Најмалите секој ден се на повисоко ниво на квалитет, повисок степен на кондициска подготвеност. Сега имаме професионалана сала со 200 м2 татами, 150 м2 фитнес и боди билдинг сала, голем број на помошни средства за поквалитетен развој како на најмалите, така и на повозрасните. Нашите членови истотака покрај БЏЏ, се натпреваруваат во џудо, мма, кик бокс, муаи таи.

Нашиот најквалитен млад шампион, Даниела Алексовска моментално е ЕВРОПСКИ, БАЛКАНСКИ И ДРЖАВЕН ПРВАК во Бразилската Џиу Џица, ДРЖАВЕН ПРВАК во ЏУДО, Вицешампион во Кикбокс. Со ова може да кажеме дека ние создаваме квалитет, врвни шампиони кои слободно може да се натпреваруваат во други спортови боречки спортови.

Заедно со државните институции се обидуваме да ги привлечеме најмладите. Одржуваме голем број на едукативни семинари во градинките, основните училишта, семинари за понежниот пол, но истотака одржуваме и семинари во специјалните полициски и армиски единици.

Секојдневно се обидувам да го промовирам спортот воопшто, да го вметнеме меѓу населението, да се наметнеме кај сите дека спортот не е само да напредуваме во тренингот, туку да создадеме позитивни навики (спорт, исхрана, едукација).
Стратегијата е да отвориме клуб во секој град, оваа вештина и спорт да биде дел од редовните часови по физичко воспитување, дел од обуките во Агенциите за обезбедување, Полиција и Армијата.


Идни планови во твојата кариера

Моментално во мојата сала имам над 200 редовни членови во групите за БЏЏ, ММА, ЏКД, МУАИ ТАИ, КИКБОКС, ЏУДО, ДЕТСКИ ГРУПИ и со помош на моите 10-тина тренери секојдневно ЗАЕДНО НАПРЕДУВАМЕ, ние како тренери, членовите како шампиони.
Пред 5 години го отворив првата специјализирана продавница за опрема за боречките вештини, суплементи и спортска облека “Д СТРОНГЕСТ ШОП” и сега ја имаме комплетната потребна опрема за нашите потреби во различните спортови (боксерски ракавици, кимона, заштитна опрема, суплементи итн…), а со тоа и квалитетот на самиот тренинг е на многу повисоко ниво од предходно.

Соработувам со повеќе квалитетни луѓе како што се на пример Миша Ронин Бачулов кој од оваа година је создава новата кик бокс – муаи таи – мма лига на Балканот, а ние како тим ќе бидеме дел од ова квалитетно натпреварување. Преку ваквов тип на евенти, нашите квалитети ќе ги промовираме надвор од Македонија.

Сега сме дел од БЏЏ Федерацијата, дел од Џудо Федерацијата, дел од Кикбокс-Муаи Таи Федерацијата и сакаме во сите наведени Федерации да остваруваме се поголеми успеси. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија