Интервју одекна по четвртото ЕХО

Како што заврши четвртото по ред издание на ЕХО – Планинскиот филмски фестивал исполнет со одличен репертоар на презентери и филмска уметност вредна за гледање, украдовме малку време на еден од повеќето кривци за тоа што Македонија има еден ваков прекрасен фестивал, а воедно и директор на истиот, Александар Зарапчиев и позборувавме околу децибелите кои ги постигна овогодинашното ЕХО.

1.Кога и како се роди идејата за ваков филмски фестивал, и кои најголемите виновниците што кино Фросина живнува со планинарски, авантуристички и спортски дух?

Идејата се роди од пред околу 5 години во еден спонтан разговор помеѓу мене, Весна и Игор Талевски. Алпинизам.орг порталот кој Игор и Весна го водат заедно, веќе имаше организирано презентации на алпинисти и засебни проекции. Тој беше тукушто вратен од Банско Филм Фестивал, и споделуваше искуства, спомна за неговите контакти со тој фестивал. Интересно и изводливо ни се виде тоа да го направиме и ние, да има и тука во Скопје еден таков фестивал. Во тој момент недостасуваа средства, се ангажиравме за тој дел брзо, најдовме спонзор и бидна првото ЕХО.

2.Кој ја врши селекцијата на она што ќе биде прикажано и каков одзив има овој фестивал досега?

Селекцијата ја врши целиот тим односно оние кои се на некој начин задолжени да го прават тоа. Но, сите се ангажираме во комуникација со дистрибутерите на филмови и продукциите, се договараме што ни е тематски потребно, што фали, кон што се насочуваме на тековниот фестивал, разговараме заедно за „вредноста“ да биде еден филм прикажан.

Се трудиме секогаш да се тоа инспиративни филмови, искрени, не е крајно да се продукциски врвни, туку сакаме приказни кои се вредни за споделување. Фестивалот ЕХО во целост има одличен и нагорен одзив,тоа не инспирира и мотивира најмногу да работиме на истиот и го унапредуваме, патем и ние учиме да го работиме ова подобро.

Од година на година се зголемува програмата, деновите за прикажување прво беа три, сега се четири, сè повеќе има фестивалски презентации. Конкретно ова четврто по ред издание на ЕХО е најсилно до сега, од аспект на квалитетни филмови, ја имаме кино салата на Фросина која го става на сосема ново ниво доживувањето низ филмовите, презентациите се за теми кои ни се драги.

3.Дали сте задоволни како организатори од овогодинешниот репертоар на филмовии и презентери и дали можете да издвоите некој што предизвикаа поголем интерес кај публиката?

Како огранизатори веројатно никогаш нема да бидеме сосема задоволни, подучени од досегашното искуство низ минатите години. Ова не е од причина што ние не можеме да се задоволиме со сработеното, туку од причина што имаме толку многу идеи, а немаме доволно време и средства да ги реализираме, ок, можеби малку повеќе средства ни фалат :).

Но се разбира дека нè исполнува и сме среќни за тоа што се случува на ЕХО. Секоја година растеме и во организациски поглед, учиме и стануваме подобри. Сметаме и веруваме дека даваме подобар продукт на публиката од година на година.

Вечерните филмови беа сите пред полна сала, сите филмови предизвикаа воздишки, и позитивни коментари, “Birdman” освои со своата приказна за почетоците на wingsuit летањето, “Autana” ни покажа авантуристички филм на едно сосема ново – по квалитет ниво, барем за нас досега, не видено, “The road to Karakol” беше веројатно најинтересната авантура, a “K2: SIREN of the HIMALAYAS” е едно сериозно дело за искачувањата на една од најтешките планинини на светот К2, која верувам ќе ги задоволи апетитите на сите планинари и алпинисти.

Oд презентерите веројатно најмногу ја коментираа презентацијата на Алексндар Кленов за „Магијата на Тепуи“, точкарите Јована Тозија и Бојан Ранташа нè раздвижија и едуцираа на забавен начин за придобивките од возењето на велосипед, од едукативните презентации кои за мене лично ми беа најинтересни, го имавме Др. Методија Велевски од Македонскот Еколошко Друштво кој буквално нè бомбардираше со неверојатни информации за труењето на орлите во Македонија, и од спелео-друштвото Пеони Никола Ангелов кој нè симна длабоко низ најдлабоката јама во Република Македонија, под врвот Солунска Глава, Јакупица, која има потенцијал да биде уште подолга.

4.Иако претежно реперторот е составен од странски филмови, дали оваа година имаше наши краткометражни филмови и излагачи и каков е нивниот интерес за презентирање на овој фестивал?

Интерес има, од луѓето кои ги познаваме и некои кои не ги познаваме лично, а нè контактирале како фестивал. Но за жал, сè уште нема конечен продукт во мера која ние ја посакуваме. Низ целата година апелираме да се снима и дека ќе го имаат своето место на ЕХО, но сè уште не е на ниво на кое посакуваме. Верувам од тоа што го видов како снимен и неработен материјал од некои луѓе, дека на наредното ЕХО ќе има многу повеќе филмови од Македонија. Знам со сигурност дека се спремаат одлични видеа за возење downhill, видеа за алпинизам и качуваање карпи воопшто, скијање и интересни видеа за нуркање и истражување подводни пештери.

5.Во која насока ќе еволуира ЕХО во иднина и дали ќе се прошируваат темите и содржините?

Мислам дека насоката е јасно утврдена и дека тука нема што да се менува, јасно е дека ЕХО е отворен за соработка со речиси сите спортови кои на некој начин се поврзани со планината, еве оваа година ја подржавме „Критична маса“, имавме презентации од оваа област, иако не е некоја планинска дејност. Нема да бидеме ограничени во темите и содржината сè додека тие се вредни.

Екологијата, едукацијата се теми на кои сакаме да поголемо внимание. Има фантастични книги кои чекаат спремни од технички аспект да се издадат. Сакаме да има повеќе презентации, повеќе странски гости. Но, за ова да се реализира во ваков обем, да можеме да издавaме книги секоја година, врвни светски презентации, треба да имеме голем буџет, фествалски буџет :).

Потенцијал и знаење имаме, желба и ентузијазам да го работиме ова исто така. Сега се на потег институците кои веруваме дека до 2014 година ќе бидат клучниот партнер на ЕХО.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија