Наслов

Интервју со Игор Јакимовски

Како што е ред, а и наша мисија да помогнеме во промоција на македонскиот спорт и активен живот, и да потикнеме што поголем број на физички неактивни луѓе преку пример, ви го претставуваме исклучително позитивниот и насмеан Игор Јакимовски, зависник од спорт, како што и самиот се дефинира. 

Член на повеќе атлетски клубови, вработен во АРМ и со многу успеси зад себе Игор ја полни својата спортска биографија. Учесник на 2 воени олимпијади, повеќекратен шампион во АРМ, државен првак во планинско трчање и спортист на годината во АРМ за 2012 година. Нешто подетално ќе дознаете во неговото прво интервју за karas4training.com

К4Т: Кажи ни нешто повеќе за тебе и тоа како почна да стануваш зависник на атлетиката?
ИГОР: Со атлетиката започнав да се занимавам од средношколските денови и бележев доста успеси на уличните кросеви. На државно ниво првите мои натпревари ги имав додека студирав на Воената Академија, меѓутоа од 1999 година направив пауза од активното занимавање со атлетиката за да продолжам дури во 2005 година со активното учество на многу натпревари на домашна сцена, а исто така и на меѓународна сцена. Всушност моите најдобри резултати ги постигнав во периодот од 2010 до 2012 година.

К4Т: Што те мотивира постојано да тренираш да се натпреваруваш и да си во форма, сепак ти не си професионален натпреварувач?
ИГОР: Најголема мотивација за натпреварувањето е секако можноста да ги поместам сопствените граници. Со моите 36 години јас во моментов се чувствувам најдобро и најздраво и тоа е резултат на непрекинатата работа и напорно тренирање во изминатите 7години. Секако и дека најголем мотив да се натпреварувам и да освојувам успеси е мојот најверен навивач ,мојот син Дамјан кој секогаш доаѓа и навива за мене на натпреварите.

К4Т: Од кога работиш во АРМ ?
ИГОР: Во АРМ работам од 2000 година како офицер.

К4Т: Покажуваат ли претпоставените разбирање за твојата пасија?
ИГОР: Од моите претпоставени секако дека имам разбирање и секогаш ми излегуваат во пресрет кога имам натпревари. Впрочем моите успеси и многу освоени први места поединечно и екипно за мојата единица и армија се секако аргумент повеќе за моите претпоставени да имаат потполно разбирање за мене.

К4Т: Како се држиме на Армиските натпревари со другите армии и каде се си настапувал под знамето на АРМ?
ИГОР:На Армиските натпревари каде што учествуваме досега котираме солидно. На последниот полумаратон одржан во Апатин Р.Србија пред 2 месеца го освоивме 3-то место од 8 екипи од армиите од регионот и го забележавме најголемиот успех до сега. Се надеваме во иднина дека ќе постигнеме уште подобри резултати.
Во изминатите сезони за АРМ имам настапено на две воени олимпијади - Индија 2007 и Бразил 2011година, две светски првенства во крос, Тунис 2006 и Швајцарија 2008 година, регионални воени првенства во крос,планинско трчање, полумаратон и маратон во Швајцарија, Германија, Словенија, БиХ , Србија и Хрватска.

К4Т: Како ти поминува работниот ден, кога тренираш?
ИГОР:Секој работен ден во АРМ ,за сите припадници има предвидено по 2 наставни часа за спорт кои всушност јас ги користам за тренинг. Доколку некој ден сум слободен или пак се работи за неработен ден ,тренирам на неколку познати локации каде што тренираат и останатите атлетичари.

К4Т: Кое ти е омиленото место за тренинг?
ИГОР: Омилено место за тренинг е кејот на реката Вардар и една моја маршута во моето место на живеење во должина од 13,5км која поврзува 5 населени места.

К4Т: Што најчесто е на твоето дневно мени и користиш ли суплементација?
ИГОР: Доручекот е најчесто Шејк од Хербалајф, за време на ручекот задолжително јадам супа, конзумирам исклучиво риба, леб во минимални количини и нормално салата од свеж заленчук. А за вечера комбинирам шејк или само овошје. Дополнително земам мултивитамини од хербалајф.

К4Т: Кој патики ти се омилени и користиш ли пулсометри и помагала во тренингот?
ИГОР: Сум користел многу патики за трчање од многу марки, но досега најдобар впечаток од перформансите имам од моделите на Асикс. Користам и ГАРМИН форрунер 205 и сум презадоволен од него.

К4Т: Омилена дисциплина?
ИГОР: Омилени дисциплини ми се полумаратон и планинско трчање

К4Т: Имаш ли спонзор?
ИГОР:Веќе трета сезона ме спонзорираат обложувалниците Спортлајф

К4Т: Кажи нешто што е интересно и специфично за тебе?                                           ИГОР:Учествувам на манифестацијата Водици од 1994 година до сега непрекинато. Наредната 2013 ќе го имам своето 20-то учество. До сега го немам фатено крстот, но тоа што учествувам и сум здрав ми е најголема награда од бога и доволно за мене. Секој кој што сака да учествува на водици нека биде сигурен дека нема да има никаков проблем тој ден, бидејки никој до сега не се разболел на тој ден. 

К4Т: Кој други спортови ти лежат при срце?
ИГОР:Играм редовно Билијард. Популарна Американска осмица во билијард клуб Триумф во населба Аеродром, тоа ме исполнува истотака.

К4Т: Нешто убаво за крај до читателите?
ИГОР:Трчајте и уживајте во најмасовниот планетарен спорт АТЛЕТИКАТА никогаш не е доцна да почнете, мојот пример доволно зборува за упорноста и истрајноста. На 36 години ги постигнав најдобрите резултати и не планиран тука да застанам. Секогаш за Македонија и АРМ.

 

04 Јануари 2013

За авторот