Со точак од Скопје до Крушево и Мечкин Камен во чест на Илинден

Наслов

ИЛИНДЕНски вело-поход до Крушево и Мечкин Камен

Македонија е прекрасен мозаик и чудесен спој на природни убавини, духовност, човечко творештво и културно-историски традиции, кои преку нивното истражување овозможуваат невидено уживање. 

Во чест и слава и воедно оддавање почит на жртвата и јунаштвото на Илинденците со цел запознавање со убавините на Македонија и промоција на нивното зачувување преку најеколошкото средство - точакот, уште поодамна се планираше велосипедскиот „ИЛИНДЕНСКИ" поход од Скопје до Крушево и Мечкин Камен.

Веќе неколку месеци беше договорен „борбениот" план за одење со точаци од Скопје преку Велес, Богомила и рамна Пелагонија до Крушево и Мечкин Камен во чест на Илинден. Само што се бев вратил од западната македонска планинарска трансферзала од Љуботен до Охрид (ЉУБ-ОХ), подготовките одеа на највисоко ниво: небричење и пуштање на кУмитска брада да ме личи, подготвителни возења со новиот точак до врвот Рамно на Скопска Црна Гора, Куманово, Заум, Свети Наум, Струга, Калишта, крстот на Водно. Вечерта пред тргнување, треба да се најдам со познатиот и легендарен мариовски војвода Слободан „Боби" Трајковски за пошироката вело-јавност познат како Касандар Македонски и Атанас Димитров за да прошетаме еден американски новинар низ старата Скопска чаршија. Мац и Раде кои ми најавуваа дека ќе дојдат со мене со точаци до Крушево се откажаа заминувајќи на други велосипедски настани, па мене започна да ме јаде јанѕа дали воопшто да тргнам сам. Седиме во Дестан, Боби ми уверува дека сѐ ќе е во најдобар ред, јас си спомнувам за јунаштвото на Питу Гули и на Никола Карев и паѓа одлука - тргнувам сам во 5 изутрина.

Како што беше договорено и најавено на фб-настанот, во 05:00 со точакот, огромниот ранец со шатор дојдов и се поклонив пред спомениците на Никола Карев и Питу Гули кај Собранието и Жена Парк и од пред портата Македонија го започнав 165 километарскиот поход во чест и слава на Илинденците и прекрасната Македонија! Возам по прилично убава и светла зора низ Скопското Поле. Некаде меѓу Јурумлери и Петровец ме отпоздравуваат двајца „профи" велосипедисти и ми посакуваат добар пат за Крушево. По пријатна свежина ги искачувам кривините над Бадар и по земјениот стар пат за Велес возам низ убави зелени долови под мостовите на автопатот. По убавиот спуст крај Велешкото Езеро „Младост" ете ме точно во 08:00 часот во Велес - градот кој дал 3ца илинденски војводи, кој ги дал и „Гемиџиите" и безброј други славни македонски личности. Време е за првата пауза. Се освежувам со лубеница на брегот на Вардар.

Поклонение пред спомениците на велешките Илинденци и Кочо Рацин во центарот на Велес и продолжувам кон долините на Тополка и Бабуна во бунтовниот Азот. Летната жештина станува се поголема, но ведра мисла за јунаштвата на нашите борци и убавите глетки од врвот Солунска Глава со околните планини од масивот Мокра ме водат напред. Поради мала грешка слегувам до Чашка, но нема обесхрабрување веднаш се враќам искачувам назад по Долги Рид и продолжувам кон Стари Град, Мартолци, Оморани. Жешкото време бара кратка пауза под огромната сенка и ладовина на стариот јавор од 15 век во Теово. Продолжувам преку Согле и некаде на пладне стигнувам до Богомила, каде според првичната замисла требаше да се преспие или во шаторот или кај роднини. Преку римскиот мост на Бабуна влегувам и се сликам пред куќата на славниот македонски деец Петар Поп Арсов.

На големо изненадување дека сум тргнал сосема сам правам подолга пауза кај роднините во Богомила, и по претходниот разговор со мојот ценет пријател Андреја Котески - Котле се решавам дека преку земјениот „Прилепски пат" ќе го искачам Богомилскиот Преслап меѓу планините Бабуна и Даутица и ќе извозам до Костинци во рамното Прилепско Поле каде ќе преноќам. Дополнителна решителност за ваквата одлука ми даваа и црните облаци и грмежите кои доаѓаа од Солунска Глава. Се поздравив отидов до продавницата каде купив шише со вода и продолжив по патот.

Жештината станува се понеподнослива на земјениот и прашлив пат, каде забележувам дека во моментот кога ми падна потпрениот точак на масичката пред продавницата сум го заборавил купеното шише со вода. Ги вртам педалите по прашливата и каменлива угорнина и се молам на Бога за изворче со вода. Дождоносните облаци и грмежи полека се приближуваат, мушичките ме облетуваат, а јас умирам од жед. Наоѓам 2-3 шишиња исполнети со вода до половина кои ги фрлиле дрвосечачи, но нивната вода под летното сонце беше врела како за варење чај. Само се заплакнувам и продолжувам. И токму тогаш, чудо! Забележувам наквасена земја и кал низ кои многу слабо тече вода. Го фрлам точакот и меѓу густите растенија кои растат на влажни места, наоѓам една карпа од која капат по 3-4 капки. Ставам грст од рацете да се потсобере водата и пијам, благодарејќи на Бога и прекрасната природа што ми го дарија ова. Но, облаците се веќе над мене, грми и почнува да роси. Си велам само уште 2 минути да се допијам и продолжувам по непознатиот пат, од кој не знам уште колку ми останува додека да се искачам до превојот.

Продолжувам нагоре кон превојот и се молам да не ме фати силен дожд пред конечно да се искачам. Видиковата линија се спушта, а искуството од шетање во природа ми вели дека тука некаде е превојот. И конечно сум на превојот од каде ја гледам рамна Пелагонија, додека дождот се засилува. Се спуштам по возбудлив 5километарски вистински off road спуст, по земјен, избраздан, нерамен пат со многу камења и корења. Ветрот го дува и носи дождот настрана, поради што крупните капки не ме накиснуваат. Конечно доаѓам до асфалт помеѓу Стровија и Гостиражни, и прерсреќен и радосен јуришам низ Црнилиште сѐ до Костинци. Само што пристигнав, се поздравив и заседнав кај мојот драг пријател Андреја (вам познат од походот 3П-ЧЕ кога одевме од Гостивар до Прилеп пешки овој 1 мај) силното невреме стаса во Костинци. Пороен дожд се истураше половина час. Само што престана и се разведри, ете од кај Прилеп, Трексавец и Златоврв доаѓа уште едно невреме со силен пороен дожд и грмежи. Според народните верувања Свети Илија е громовник, па ете се покажа во вистинско громовничко издание воочи неговиот празник - Илинден.

Рани мугри, во 05:00 тргнувам од Костинци низ рамна Пелагонија за Крушево. Небото е ведро, а месечината сѐ уште не е зајдена. Возам низ селата Секирци, Пешталево, Жабјани, Ропотово, Лажани, Житоше, Локвени и крај Подвис и Годивје околу 6:30-6:35 пристигнувам во Кривогаштани. Поради болките во грбот од тешкиот ранец се решавам за малку подолга пауза во убавото уредено паркче кај сточниот пазар пред да тргнам по 8-9 километарската нагоринина по Бушева Планина кон Крушево. Започнувам да се искачувам кон Крушево, а и сонцето започнува со силниот утрински припек. Не знам на која кривина, ми ѕвони телефонот. Ете го мојот ценет пријател и точкаџија, Дарко Арсовски - Дарсовец да ме израдува дека со цела дружина девојки и момци се со точаците во возот накај Прилеп со план да слезат во Гостиражни и да довозат до Крушево. Тешкиот ранец ме боде во грб, но убавата помисла ме води напред, се наѕираат и белите крушевски куќи од густата корија. Часот е некаде 08:50, а јас стигнувам точно пред таблата Крушево на време да се сликам!

Со песна јуначки и радосно доаѓам до крушевската чаршија, пред големата црква Св. Никола. Само што се завршив со телефонските јавување, ете ги ме пресретнуваат Владимир Крстевски - Хари и Благоја Петрушевски кои во рамки на централната македонска планинарска трансферзала пеш од Скопје стигнаа до Крушево, а ќе продолжуваат сѐ до Охрид. Дружба, седенка и уживање во извонредно вкусните крушевски специјалитети. Ми се јавува Дарко дека легендарниот Ранко Петровиќ -од радио Буба Мара со уште неколкумина крушевчани сакаат да не пречекаат на влегување во градот. Топол и срдечен пречек, проследен со повеќе слики со пораката од современиот крушевски манифест за „Спас на шумите и стоп за сечењето дрвја" - уште една прекрасна благородна идеја на Ранко, која сесрдно ја поддржуваме. Се наоѓаме со дружината во која има 2 девојки од Велика Британија и Канада придружувани од познатиот то4ак-џија и организатор на вело-прошетки Бојан Ранташа - Ранте, Дарко, и се упатуваме кон куќата на нашиот гостопримлив и гостољубив домаќин и велосипедист - Бојан Диковски. Со вечерна дружба и прошетка до езерото Гумење го дочекуваме „нападот" на градот.

Ден ИЛИДЕН, со целата дружина се упатуваме кон „Монтана" од каде по земјени off-road патеки завртуваме над Крушево и излегуваме на скијачките терени. Продолжуваме низ убава природа кон Манастирот св. Преображение и големиот крст подигнати од нашиот великан Тоше Проески, од каде се пружа прекрасна глетка на целата околина. Оттаму, продолжуваме по сите славни места. Доаѓаме до споменикот на битката на Слива каде оддаваме почит и низ сенките и ладовините на 300-години старата крушевска корија стигнуваме до „Македониумот" каде го посетуваме гробот на Никола Карев - претседателот на Крушевската Република - прва братска и космополитска, човекољубива и слободарска творба на нашиве простори. Во град го среќаваме нашиот Јовица Велјановски и заедно се упатуваме кон конечното одредиште - Мечкин Камен. Последни вртења на педалите по угорнината и ете сме на славниот Мечкин Камен каде Питу Гули со 1,200 востаници херојски ја бранел слободата од 16 пати побројниот аскер. Измешани чувства на радост, почит, замор, среќа, восхит и задоволство со само една помисла - да сте здрави и живи сите, за арно и за убаво, со точак, пеш, на планина или долина, сакајте се, бидете вредни и добри и уживајте во МАКЕДОНИЈА! :) :D

22 Септември 2015

За авторот