Хибернациски синдром – зимска депресија

Секој човек има свој оригинален и уникатен биолошки Ролекс со непроценливи вредности кој точно се прилагодува на дневно – ноќните и летно – зимските промени. Бидејќи секој часовник (па и овој) е под наша контрола, должни сме да го одржуваме во беспрекорна состојба за да тој го покажува точното време.

Во книгата “The Hibernation Response ” на Peter Whybrow и Robert Bahr наведено e дека 25% од севкупното население живее во умерени и студени климатски услови кои се основ за сезонски афективни пореметувања поради варијациите во дневната светлина односно појава на зимска депресија.

ШТО Е ХИБЕРНАЦИСКИ СИНДРОМ?

Збирот на симптоми кои се тесно поврзани со намалувањето на дневната светлина популарно се викаат хибернациски синдром.

Хибернацијата во еволуцијата на човекот била основна алатка за преживување на долгите зимски студени ноќи. Луѓето меѓусебно свесно се туткале во пештерите со што ја штеделе својата телесна топлина, а метаболните процеси ги сведувале на минимум. Од друга страна пак, самиот организам природно се приспособил кон овие услови со лачење на одредени хормони.

Во средниот мозок е сместена епифизата или пинеалната жлезда чија основна задача е лачење на хормонот мелатонин. Мелатонинот се лачи пет пати повеќе во текот на ноќта, а престанува со појава на светлоста и со ова има главно влијание врз човечкиот биоритам. Зголемената концентрација на мелатонин во продолжените зимски ноќи е клучен фактор за појава на низа телесни нелагодности. Повеќе мелатонин се лачи и кај луѓе со пореметен биоритам, кај луѓе кои работат во недоволно осветлени простории или луѓе кои ноќта ја заменуваат со ден.

Резимирано, зголемените количини на мелатонин излачен во долгите зимски ноќи е причина за појава на повеќе телесни сензации. Тој е хормон кој смирува и наведува на сон, но од друга страна ја намалува менталната концентрација, доведува до поспаност, губиток на енергија и елан и го намалува либидото и интересот за секс. Едноставно, луѓето во вакви услови и со ваква телесна реакција живеат сакале или не во состојба на хибернација или благ зимски сон.

Ваквата зимска депресија како дел од хибернацискиот синдром се карактеризира со зголемена потреба за сон и храна и треба да се разликува од нетипичната депресија или несезонската каде главни симптоми се несоница и губење на апетитот.

КАКО ПРОТИВ ХИБЕРНАЦИСКИОТ СИНДРОМ?

Сончевата светлина е најдобриот природен анти-депресив. При изложување на сончева светлина се лачи повеќе серотонин „хормонот на расположението” кој е одговорен за подобар имунитет, нормализирање на мозочните функции, зголемување на сексуалноста и либидото. Докажано е дека и слепите луѓе изложени на сонце лачат повеќе серотонин, а помалку мелатонин.

Така, телесните активности во надворешни услови на доволна сончева светлина треба да бидат вашиот прв избор за борба против зимската депресија. Седењето дома пред вашите телевизори и компјутери, само ќе го потенцира лачењето на мелатонин и додатно ќе ве втурне во зимски сон.

Балансираната и здрава диета исто така може да влијае позитивно врз зимската хибернација. Консумирањето на сложени шеќери како извор на енергија се препорачливи, па затоа внесувајте повеќе интегрални производи, овошје, ориз, компир. Дополнително храната богата со аминокиселината триптофан како бананите, јајцата, јогуртот, сончогледот, месото и кикиритките може да ве насмее во депресивните зимски денови, затоа што оваа аминокиселина е значајна во продукцијата на серотонин.

Витаминската суплементација е исто така важна во превенција на зимската депресија, па доволниот внес на минералите како селен, цинк, магнезиум заедно со омега масните киселини нема да биде на одмет.

Од сево ова може да заклучиме дека со добар начин на живот, исхрана и спортување ние можеме да се избориме против зимската поспаност. Добро менаџирани слободни временски периоди со доста телесни активности во надворешна средина и уредно осветлени работни простории, како и здрава избалансирана исхрана се услов за нормални животни активности без хибернациски акценти.