Херои!

Да можев, би им ги дала очиве за да видат каде успеаа да се искачат…

Претходниве 5 дена стекнав 25 необични пријатели од Израел, секој од нив со желба многу посилна од телото. Третина од нив беа слепи и рака под рака со останатите се искачија на врвови над 2.000м низ трите наши национални паркови.

Поминавме повеќе од 50км по Македонските планини и во 3 последователни дена по сонце и дожд ги искачивме Меденица (2.163м), Магаро (2.255м), а по бескрајните камени реки и Пелистер (2.601м). Само на Пелистер искачивме 1.300м висинска разлика и пешачевме 12 часа. Гледаш и не им веруваш на своите очи, а си сведок дека овие луѓе не гледаа, а веруваа!

Пред да тргнам колегите ме прашаа “а зошто воопшто одат кога неможат да видат ништо од врвот?”. Одговорот не ми беше конкретен но длабоко во себе знаев дека мора да имаат добра причина. Сега ми е се многу појасно. Ние гледаме и поради предрасудите не веруваме, а овие луѓе не гледаат но имаат силна верба.

Под секој врв им ја подигнувавме главата да го замислат барем аголот на патеката пред нив. Би сакала да можам да им ги позајмам очиве да видат каде успеаа да се искачат. Да планинариш со вакво друштво е неповторлино доживување и во ниеден момент немаш право да се пожалиш бидејќи од старт си во предност. Секој од нас имаше свој врв, внатрешна борба, но и задоволство на крајот од денот, а моето задоволство беше да ги видам нивните солзи радосници. Турата беше специјална во полна смисла на зборот. Секој ден полн со куп емоции, а планината ни помогна сите да се вратиме како подобри луѓе. Оние кои беа слепи поради еднаквиот третман и можноста да бидат дел од тимот, а другите затоа што доброто што го правиш се враќа многукратно.

По патот, убавина која дури и слепите ја гледаат. Бескрајни комбинации од мириси, звуци и изненадувања. До сега во Македонија не е направена ваква тура но верувавме и го прифативме предизвикот. Идејата на креаторите на оваа тура, Александар од Ride Macedonia и Yoram Hen, израелскиот авантуристички гуру, беше да создадат уникатно доживување во кое ќе бидат вклучени сите сетила. Така и беше…

Среќна сум што имав можност да бидам дел од личните приказни и да научам за нивните секојдневни предизвици. Ги споделивме сликите, научив дека постои фејсбук верзија за слепи и останавме во контакт за да ги споделиме следните предизвици.

Пријатели мои, да можев, би Ви ги дала очиве барем на момент за да видите што успеавте да постигнете!