Горан Кузмановски направи успешен Еверестинг на Копаоник

Овој викенд нашиот велосипедист Горан Кузмановски од клубот „Енерџи”, успеа да направи таканаречен „Еверестинг” на Копаоник со што извозе над 8848 вертикални метри во еден обид кој траеше фантастично брзи 15 часа и 50 минути. 

Што е „Еверестинг” 

Тоа е неформален формат на спортска активност – најчесто велосипедизам, трчање или пешачење каде предизвикот е да се направи вкупно искачување од над 8848 висински метри, односно височината на Еверест, во еден единствен обид. 

Правилата се едноставни. Одбирате еден рид, планина или брдо со одредена височина и правите повторувани искачувања (и спуштања) сè додека не ја постигнете оваа бројка – мерено со некој прецизен уред кој поседува алтиметар и барометар. 

Притоа, важно е да се запази дека рутата по која се прави предизвикот е истата, односно не се отстапува при ниту едно од искачувањата и спуштањата, и многу важно е сето ова да се направи во еден единствен обид без разлика колку време е потребно за истиот. Паузи за одмор при предизвикот се дозволени (земање на храна, пијалок и мал одмор), но важно е да нема пауза за спиење во текот на активноста односно предизвикот да биде во еден обид. 

Историја

Првиот Еверестинг бил направен од внукот на Џорџ Малори, познатиот британски планинар кој заедно со Ендру Ирвин во 1924 година прават обид за прво искачување на Еверест но загинуваат некаде на северо-источниот гребен. Двојката за последен пат била забележана на 250 метри под врвот, но до ден денес не се знае дали тие успеале да го искачат Еверест. Повеќе од 30 години подоцна, Едмунд Хилари и Тензинг Норгеј конечно успеваат да го направат првото успешно и потврдено искачување на Еверест. 

Внукот на Џорџ Малори, кој го носи неговото име, во 1994 година се качува на планината Дона Буанг (близу Мелбурн) 8 пати и го поставува првиот Еверестинг во историјата. Подоцна, Енди ван Берген инспириран од обидот на Малори ги цементира правилата на Еверестинг и оттогаш предизвикот е на некој начин официјализиран. 

Подвигот на Горан Кузмановски 

Овој викенд на 26.05.2018, Горан Кузмановски успеа да направи успешен Еверестинг на Копаоник – поточно на делницата од селото Рудница до Копаоник. Оваа делница е позната по тоа што минатата година во август на истата беше поставен првиот српски Еверестинг од Владимир Савич – познат и истакнат српски триатлонец кој држи некои од најдобрите времиња во триатлон и Ајорнмен. 

Седумкратното повторување на рутата Савич го направи за 18 часа и 7 минути, додека нашиот Кузмановски успеа истото да го направи за значително пократко време од 15 часа и 50 минути и со тоа да го подобри времето на патеката за 2 часа и 15 минути. Вкупната измината должина е 285 километри. 

Логистичка поддршка беше обезбедена од Илина Попова. 

Детали за рутата може да најдете на Страва профилот на Горан на следниот линк.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија