Skopje February Open Squash Tournament 2015 (SFOS 2015)

Февруарски Отворен Сквош Турнир 2015

Во четврток, на 19-ти февруари, за првпат се одржа „Февруарски Отворен Сквош Турнир ” со учество на 20 натпреварувачи.

Освен од Македонија, учествуваа и натпреварувачи од Украина, Србија и Бугарија. Турнирот беше еднодневен, организиран како хибрид на натпревари по групи, за од полуфиналето натаму да биде систем на елиминации. Се играа мечеви до конечен пласман за сите места, а секој натпреварувач одигра по 5 меча.

Турнирот го освои државниот шампион Кирил Сотировски, со победа од 3:1 над Стефан Шишовски во финалето. Третото место го освои вицешампионот од првенството во 2013г., Горан Панев, кој го победи Златко Крстевски со 2:0.

Во отсуство на Бранко Калеовски, во изминатиот краток период второрангиран сквош играч во Македонија, пласманите на најдобрите четворица коинцидираа со нивното досегашно рангирање. Сите четворица ги освоија групите со максимален број победи и без поголеми проблеми. Сепак, како и многу пати досега, Сотировски и Шишовски беа пресилни за Крстевски и Панев во двете полуфиналиња, победувајќи ги во рутинска игра. Најквалитетниот натпревар на турнирот беше финалето, а двата први сета беа особено изедначени. Во првиот сет, иако Сотировски стартуваше фуриозно и заводе со 5:1, Шишовски брзо се консолидираше и најде противигра. Беше внимателен и брзо реагираше на скратените топки на Сотировски и во неколку наврати излегуваше победник во тие надмудрувања. По изедначениот прв дел и квалитетниот среден дел од првиот сет, Шишовски дојде до 2 сет топки, но Сотировски се спасуваше во долги поени и самиот се избори за сет топка. Сепак, Шишовски беше упорен и успеа со уште еден пресврт да го освои сетот со 13:11. Вториот сет беше уште поквалитетен, и противниците постојано се менуваа во водството. Единствено Сотировски успеа да освои 4 поени по ред, додека поените најчесто се освојуваа во серии од 2 поени за секој финалист. Сепак, Сотировски во последен момент направи стратешка промена на стилот на игра и се прилагоди на брзата подлога која Шишовски дотогаш одлично ја користеше. Знаејќи дека со негатива од два сета против леворакиот Шишовски тешко ќе може да го освои турнирот, Сотировски со максимално ангажирана игра во финишот, го освои вториот сет со 11:9. Во следните два сета, Сотировски без премногу физички напор, но со одлично покривање на теренот и соодветна стратегија, како и со користење на поголемиот репертоар на удари, го натера Шишовски на неколку грешки, и без премногу неизвесност, го приведе мечот кон крај.

Во меч за третото место се сретнаа старите познајници и спаринг партнери Горан Панев и Златко Крстевски. Панев ја оправда фаворитската улога и победи резултатски релативно убедливо, но голем број поени беа сосема изедначени и драматични. Во последните неколку турнири, Панев има поголем успех, но Крстевски има потенцијал за напредување, особено доколку го поправи движењето. Панев, по неколку киксови на последните турнири, овојпат ја задржа концентрацијата во за него најважниот меч, и повторно е со освоен медал.

И на овој турнир, Благојче Богоевски, вицешампионот од првенството од 2011г. потврди дека може да се носи со најдобрите, и иако со малку тренинзи, се избори за одличното петто место. Во својот последен натпревар го совлада солидниот Емил Новески, кој со освојувањето на шестото место веќе се етаблира како сериозен кандидат за пробивање кон врвот. Според формата, Богоевски можеби имаше шанси и за подобар пласман, но жребот и нискиот ранкинг, му го одредија Шишовски за носител на групата, кој беше пресилен противник во овој период.

Ѓоко Петковски веќе подолго време е стабилизиран во горната половина сквош играчи, и доколку ги интензивира тренинзите, секако го очекуваат уште подобри пласмани.

Вистинско освежување беа настапите на Бранко Јаневски и Бојан Костовски кои се пласираа на осмото и десеттото место во својот прв настап на официјален турнир во Македонија. Ѓоко Поповиќ, како и секогаш, беше со забележителен настап и со допадливи и возбудливи натпревари. Се чини дека најголема слабост му е психичката спремност, додека технички, и особено кондиционо, може да им парира и на подобро пласираните. Кај Михајло Ристески е видлив техничкиот напредок, но сеуште мора битно да го поправи движењето и покривањето на теренот. Диме Гаштарски, во својот прв настап беше премногу импресиониран од настанот, но сепак постигна забележителен резултат со 12-то место. За Љупчо Деспотовски може да се каже дека техниката и координацијата му се на одлично ниво, но заради недоволна физичка спремност не ги издржува подолгите поени и побрзото темпо на соодветно ниво, па подобро подготвените противници често ја користат таа

Squash Skopje from Rost Pala on Vimeo.

слабост. Украинецот Ростислав Палахусинетс, имаше полетен настап, и прикажа одлична физичка спремност, но неискуството го стори своето, така што во неколку наврати киксираше на ментален и стратешки план. Михаило Поленак, после неколку неучества, повторно се претстави во одлично светло, со голем напредок во техниката на ударите особено на бекхенд страната. Сепак, забележливо беше дека во побитните моменти попушташе со концентрацијата, и непотребно губеше речиси освоени поени. Резултатски потфрлија Марко Нониќ од Србија и Пламен Стоилов од Бугарија, како и Сеизов и Ставрески, иако кај сите е видлив технички напредок.

  • Финале – Кирил Сотировски : Стефан Шишовски – 3:1 (11:13; 11:9, 11:4, 11:7)
  • Меч за трето место – Горан Панев : Златко Крстевски – 3:2 (11:8; 11:3)
  • Полуфинални мечеви – Кирил Сотировски : Златко Крстевски – 2:0 Стефан Шишовски : Горан Панев – 2:0

конечен пласман

  • 1 Кирил Сотировски
  • 2 Стефан Шишовски
  • 3 Горан Панев
  • 4 Златко Крстевски
  • 5 Благоја Богоевски
  • 6 Емил Новески
  • 7 Ѓоко Петковски
  • 8 Бранко Јаневски
  • 9 Ѓоко Поповиќ
  • 10 Бојан Костовски
  • 11 Михајло Ристески
  • 12 Диме Гаштарски
  • 13 Ростислав Палахусинетс
  • 14 Љупчо Деспотовски
  • 15 Михаило Поленак
  • 16 Илија Плавески
  • 17 Пламен Стоилов
  • 18 Кристијан Сеизов
  • 19 Марко Нониќ
  • 20 Стојан Ставрески