Факти и митови за сите тренери, спортисти, рекреативци и љубители на болката и спортот.

Вистината за млечната киселина

Сите ние добро се сеќаваме на тренинзите кога нашиот тренер викајќи ни се обраќаше дека треба да тренираме додека не ја почувствуваме болката од „млечната киселина”. Фразата „млечна киселина” е дел од нашиот спортски жаргон. Колку пати имате слушнато „ме болат нозете од млечната киселина”?

 

Всушност, нашиот тренер бил малку погрешно информиран. Се` почесто и почесто добивам прашања од разни спортисти, рекреативци, пријатели и колеги за „вистината на млечната киселина”. Зошто и дали нѐ болат мускулите при вежбањето од млечната киселина и каква улога има истата?

Постои значителна „моќ“ зад митовите за млечната киселина, но вистината е нешто друго, па најдобро е да ги разјасниме и отфрлиме митовите.

Дали постои млечна киселина во човековиот организам?

Одговорот е не. Не постои млечна киселина во човечки суштества. За да објасниме зошто, потребна е кратка лекција по хемија за киселини. Секоја киселина има своја алтернативна (конјугирана) базна (алкална) форма. Така на пример, лактатите се база, а млечната киселина е, нели, киселина. Киселините и базите постојат како микстури и раствори и можат да се враќаат во првобитната состојба.

Знаеме дека киселоста/алкалноста се означува со pH вредност. pH скалата се движи од 0 до 14. Што е пониска вредноста – толку е поголема киселоста. Нашата крв има pH вредност нешто малку над 7.

Како што паѓа оваа вредност, сѐ повеќе и повеќе базни молекули се трансформираат во киселински. Постои точка каде што постои идеален сооднос од 50:50. За млечната киселина/лактатите таа претставува 3.87 pH. Тоа, секако е многу под нашата pH вредност на крвта. Ова е зошто ние воопшто не ни имаме „млечна киселина” во нашиот систем. Млечната киселина воопшто не ни може да се појави доколку не постои средина со пониска pH вредност од 6, дури и тогаш тоа би било 99% лактат – 1% млечна киселина. За време на најинтензивните оптеретувања, можеме pH вредноста да ја спуштиме „само” до некоја висока 6.9 pH, а ова е многу над потребната за создавање на млечна киселина.

Кога би ја имале млечната киселина во нашата крв, тогаш би требало pH вредноста на крвта да изнесува под 6, а во тој момент најверојатно би биле на пат кон ургентниот центар.

Тогаш зошто уште зборуваме за млечната киселина како продукт на нашето тело?

Едноставно поради некоја проста „историска инерција”. Таа е дел од говорот на нашата лаичка публика, тренери, спортисти, итн., но всушност е „мало” недоразбирање од аспект на хемијата.

Но, ако немаме млечна киселина, тогаш што имаме? Што ја предизвикува болката? Нашите мускули создаваат киселина, но таа киселина е позитивно наелектризиран водород, а не млечна киселина како што мислевме. Научниците многу време беа во заблуда бидејќи водородот и лактатот се ослободуваат од клетката заедно, вусшност едниот не може да се ослободи без другиот. Мислевме дека ја мериме концентрацијата на млечната киселина во крвта, но чиста „случајност” е кога мериме лактати да добиваме резултати со „болно” ниво на киселост.

Дали лактатите имаат улога?

Нашето недоразбирање им донесе лоша репутација на лактатите. Се веруваше дека лактатите се непотребениот штетен материјал кој нѐ „убиваше” за време на мачниот тренинг. Во реалноста, лактатот има многу корисни улоги, и на сето тоа црниот дроб може да го рециклира, ослободувајќи нова молекула на глукоза.

Константно се произведуваат лактати во нашиот организам. Уште едно недоразбирање е дека сѐ додека не стигнеме до лактатната граница – не произведуваме лактати. Продукцијата на лактатите е 24/7, и за време додека го читате овој текст.

Истото важи и за киселината, односно за водородните јони. Причината зошто имаме ниско ниво на лактати во крвта е бидејќи нашиот организам може да ги искористи и исчисти од крвта онолку брзо колку што се создаваат. Оваа способност е клучна за оддржување на активност со висок интензитет за продолжен временски период.

За време на физичката активност, глукозата се разградува и оксидира во пирогроздова киселина, а лактатот се произведува од пирогроздовата киселина побрзо отколку што ткивото што може да се ослободи од него. Па концентрацијата на лактатите започнува да се зголемува. Создавањето на лактатот е потребен затоа што го регенерира NAD⁺, кој што се користи во оксицадицјата на 3-фосфоглицералдехидот за време на создавањето на пирогроздовата киселина од глукозата, и ова го обезбедува оддржувањето на продукцијата на енергија. (За време на интензивна активност, респираторниот систем не може да продолжи со големото количество на водородни јони кои што треба да се сврзат за да формира NADH, и не може да го регенерира NAD⁺ доволно брзо)

Од каде е болката?

За болката во мускулите „заслужни” се повеќе фактори. Тука се микротраумите на мускулните влакна при стресот за време на активноста. Уште еден фактор е и концентрацијата на јаглеродниот диоксид во крвта. За време на тренингот, немаме проблем со дефицит на кислород.

Човекот е еден од малкуте цицачи кои што имаат високо развиени бели дробови со релативно голем капацитет споредено со потребите и фунцкиите кои што ги вршат. Потребно е само 2/3 од капацитетот за да целосно се задоволат потребите за кислород, па внесот на кислород многу ретко е проблем (освен ако не се искачуваме на Монт Еверест).

Проблемот со дишењето се враќа пак околу pH вредноста. Со зголемувањето на интензитетот, нивото на јаглероден диоксид се зголемува во крвта. Ова резултира со намалена pH вредност на крвта. Со намалена pH вредност, правопропорционално се намалува и способноста на еритроцитите да сврзат нова молекула на кислород, односно се намалува способноста за оддавање на јаглероден диоксид.