Европско првенство во планинско трчање на Водно – одличен настан со измешани емоции

Викендов, планината Водно и Скопје беа домаќини на 17-тото Европско првенство во планинско трчање во организација на Македонската Атлетска Федерација како дел од календарот на Европската Атлетска Асоцијација и ИААФ.

Манифестацијата на која учество зедоа повеќе од 250 атлетичари од 28 европски држави помина во одлично светло каде во текот на неколку часови се одржаа четири трки – две во јуниорска конкуренција (мажи/жени) и две во сениорска (мажи/жени).

Патеката на која се одржа првенството беше во должина до 5,9 км со 350 висински метри за јуниори и 11 км со 700 метри висина за сениори, а према пропозициите истата беше со качување и спуштање (uphill and downhill). Изборот на делагатот на патеката заедно со локалниот организационен комитет падна на – „Новогодишна” патека за качување до боровата шума веднаш до патот за Крстовар, за потоа спуштањето да оди по „Пензионерската” патека. Ова значеше една одлична и во вистинска смисла планинска патека која на одредени сегменти има поголеми технички детали, но во голем дел истата е и лесна за трчање. Стартот и финишот беа на горниот паркинг на Средно Водно.

Настанот го одблежаа повеќе случувања каде главно на патеката доминираа атлетичарите на Италија, Франција и Велика Британија.

Кај жените сениорки повторно доминираше одличната Мауде Матис од Швајцарија која заврши за време од 52:32 односно цели 4 минути пред второпласираната Анис Сабрие од Франција, а трета заврши Ема Гоулд од Велика Британија. Од нашите атлетичарки најдобро време направи Адријана Поп Арсова која заврши на 47-то место, а веднаш зад неа беше Милјана Ристиќ. Претпоследна заврши Весна Кираџиева – 64-то место од вкупно 65 наптреварувачки.

Во машка сениорска конкуренција како и на бројни европски првенства наназад доминираат Италијанците со браќата Дематеис на чело. Бернард Дематеис заврши прв со фантастично време од 46:51, веднаш зад него беше Чезаре Местри, а трет повторно од Италија, братот на Бернард, Мартин Дематеис.

Она што го одбележа настапот на нашите атлетичари во сениорска конкуренција, за жал, беше бојкотот на целата репрезентација која ја започна трката составена од Таско Анчевски, Александар Кирковски, Муџахид Муслими и Марјан Бонев. Тие истрчаа заедно како последно пласирани во знак на револт, а веднаш по настапот на Фејсбук објавиja порака со причината за нивното незадоволство.

„Денес членовите на македонската сениорска репрезентација во машка конкуренција се соочивме со најтешката одлука за еден спортист, да истрчаме трка во знак на револт.

Наместо да бидеме најмотивирани и концентрирани единствено на трката и давањето на својот максимум за достојно претставување на нашата татковина на домашен терен, ние бевме психолошки исцрпени и демотивирани поради НЕОРГАНИЗИРАНОТО, АМАТЕРСКО и ПОНИЖУВАЧКО однесување демонстрирано од Атлетската федерација на Македонија.” – се вели во дел од соопштението.

Во јуниорската категорија (под 20 години) кај жените Ангела Матеви од Италија, а второ и трето место го добија Ана МекФеиден и Дејл Скарлет од Велика Британија. Нашите млади атлетичарки завршија со следен пласман Азири Хајрие 39 место, Лазаровска Елена 41 место и Лазаровска Емилија 42 место од вкупно 42 учеснички.

Кај мажите јуниори прв беше Романецот Габриел Буларда пред Жозеф Даггејл од Велика Британија а трет Роси Џовани од Италија. Најдобар пласман од нашите млади атлетичари освои Дејан Ангелоски кои заврши на 26-тата позиција со време од 29:16. Матеј Драгановски се пласираше на 46-тата позиција, а Хашим Куртиши на 48-та позиција, а Шаипи Риџад на последното 50-то место.

Сите резултати и тимските пласмани можете да ги пронајдете тука

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија