Да се потсетиме на нејзините многубројни успеси

Наслов

Интервју со екс тенисерката Зденка Виденова

Едно потсетување за спортската историја на една наша истакната екс-тенисерка, како и за начинот на живот, жртвите и среќата кои се потребни за да се изгради успешна интернационална тениска кариера. Да не ја заборавиме Зденка Виденова! 

1995, Скопје тренинг

К4Т - Кога започна да тренираш тенис? 
ЗВ - Мојата љубов кон тенисот се појави уште кога бев многу мала, на околу 6 години. Постојано ги пратев тениските мечеви на телевизија и посакував еден ден и јас да станам позната како Мартина Навратилова, Штефи Граф. Моите родтители, како за се во животот, ме поддржаа и ми ја остварија големата желба. Се зачленив во Тенискиот Клуб ЈУГ од каде започна мојата тениска приказна. Во 1993 година професионално му се посветив на тенисот, на спортскиот дисциплиниран начин на живот, поради што, резултатите беа неизбежни. 

К4Т - Кој е највпечатливиот период од твојата кариера и зошто?
ЗВ - Секој период во мојот живот поминат со тенисот е посебен. Стекнав нови искуства и навики кои сеуште се дел од мене, пријатели кои ми се многу драги и со кои сакам да поминувам време евоцирајќи спомени за периодот кога заедно победувавме и губевме, заедничките патувања и првенства надвор од Република Македонија, кога нè служеше среќата, но и моментите кога нè напушташе.
Но, највпечатливиот период од мојата кариера беше 1999 година, како најплодна во поглед на тенисот, бидејќи немав изгубено ниту еден меч. Исто така, оваа година ја означи и заокружи мојата кариера во Р.Македонија.

1999, Klosters Swiss, (European Championship)

К4Т - Кој удар ти е заштитен знак?
ЗВ - Морам да ја истакнам мојата нескромност, но сервисот и форхендот ми беа специјалност.

К4Т - Имаше ли идоли кои ти беа пример?
ЗВ - Како и секој спортист, така и јас имав свои идоли, веќе ги споменав, за мене незаменливите Мартина Навратилова и Штефи Граф.

1996, London, UK (European Championship)

1996, London, UK (European Championship)

К4Т - Дали сеуште играш и/или следиш тенис?
ЗВ - Рекреативно му посветувам внимание на тенисот, сакам да одиграм добар меч со некои од моите колеги тенисери/ки. Исклучително задоволство ми причинува и кога ме бараат дел од моите пријатели кои се аматери во тенисот за добра игра и забава, со кои имаме поминато супер моменти на тенискиот терен. Тогаш се неизбежни моите тренерски способности, па дури и луди наредби за изведување на неколку склекови заради изгубен гем. Ќе ги поздравам моите "противници" Асен, Александар, Марина и Филип. Уживам играјќи тенис, во овој период рекреативно, со мислите навраќајќи се на убавите времиња од мојот живот. На прашањето дали следам тенис-големо ДА. Во друштво на мојот татко заедно навиваме и ја коментираме играта, со чаша пиво и тон на телевизорот до максимум.

К4Т - Кои се придобивките што ги имаш од тенисот?
ЗВ - Сите моменти поминати на терен, дисциплината, многу труд за постигнување успеси, самостојно донесување на одлуки, радост, тага, моите пријателства, мојата публика која присуствуваше на секој од моите мечеви... сето тоа направи да бидам истрајна, јака и стабилна личност. Да не заборавам да го споменам и моето надоградување како човек и спортист за време на школувањето и тренирањето во Америка. Драгоцено е моето искуство, кое ми помогна да израснам во ова што сум денес.

2000, Tyler Texas

Maj, 2000, Tyler Texas

К4Т - Како се одвиваше твојата кариера во Америка?
ЗВ - Првите две години од мојот престој во Америка се школував во Tyler Junior College каде 2000 и 2001 година заедно со моите колешки бевме Champions во Women's All-American Division 1 Tennis Team National Junior College Athletic Association.
По трансферот во Virginia Tech во 2003 година, ја добив наградата Most Valuable Performer, каде и покрај моето отсуство од тренинзите поради повреда, го постигнав вториот највисок резултат во постигнати победи во историјата на Virginia Tech.

К4Т - Зошто се одлучи за образование, а не за професионален тенис?
ЗВ - Како добар играч, за да се издвоиш од останатите не е потребен само талент туку и многу напорна работа, време и посветеност. Кога дојде моментот да продолжам да тренирам на повисоко професионално ниво се соочив со потешкотии во школувањето. Бев сама, надвор од мојот дом, опкружена со луѓе кои имаа поинаков менталитет од мојот. Додека се двоумев дали да продожам со тенис или со образование, ниту родителите ниту мојот брат не можеа да делуваат на мене, бидејќи тие настојуваа и веруваа дека ќе успеам да ги усогласам и двете работи. Меѓутоа, мојата одлука беше конечна и тоа претставуваше крај на мојата тениска кариера.

2001 Rolex Championship with Billie Jean King

2001 Rolex Championship with Billie Jean King

К4Т - Каков придонес во општеството имаше преку тенисот?
ЗВ - Па не знам колкав е лично мојот придонес во општеството како тенисерка. Секаде гордо кажував дека сум македонка и настојував да слушнат за Република Македонија онаму каде што имав прилика да престојувам повеќе од еден час од мојот живот.

К4Т - Кои луѓе најмногу те подржуваа во тениската кариера?
ЗВ - Пред се, лично јас верував во себе и во мојата кариера како тенисерка, што придонесе за постигнување на високи резултати. Огромна поддршка од самиот почеток имав од моите родители и брат ми Мирко. Тука ќе ги споменам моите тренери во Македонија Г-динот Дане, мојот тренер Владимир Крстиќ и секако моите тренери во Америка John Peterson и Lisa Hart кои ми помогнаа постојано да се надградувам и успешно да ги совладам тешките моменти во мојата кариера.

Maj 2001 National Champs

2000 и 2001 дочек во Tyler Texas

К4Т - Кои беа пречките со кои се соочуваше за време на твојата кариера?
ЗВ - Најголема и најчеста пречка се финансиите. Недостатокот на доволно спонзори за учество на неколку важни турнири надвор од Р. Македонија. Заради тоа и денес постои недостаток од талентирани и спремни тенисери дури и на турнири кои се организираат во земји близу нашата.

К4Т - Според тебе, што е потребно да се создаде македонскиот Ѓоковиќ или македонската Шарапова?
ЗВ - Мислам дека сега условите за тренирање се подобруваат. Изградени се стотина тениски терени кои се достапни за сите. Младите можат да ги посетуваат и таму да ги истакнуваат своите наклонетости кон тенисот. Доколку спонзорите повеќе инвестираат во талентот, мислам дека ќе се појави некој од Македонија што ќе го победи Ѓоковиќ или некоја македонска Шарапова што ќе растури на женските турнири.

К4Т - Што мислиш дека е потребно за да се промовира тенисот во Македонија?
ЗВ - Како што веќе спомнав, првиот чекор е веќе постигнат, а тоа е градењето на тениски терени. Но за да се одговори ова прашање, сметам дека би ми било потребно повеќе време, бидејќи темата бара поопсежна анализа.

Мал дел од заслужените награди

10 Јануари 2013

За авторот