Џогирај, диши длабоко и стани понизок

Само на кратко понизок, ама сепак мерливо понизок. За сите оние кои сакаат да се скусат (ако има такви) барем привремено, нека почнат да трчаат.

 Да, точно е, трчањето на подолги дистанци може да ве направи привремено пониски, а всушност и најрекреативното 30 минутно џогирање може да влијае на вашата висина.

Ова се случува поради присуството на меѓу-прешленските дискови во ‘рбетот кои впрочем ви овозможуваат да се движите. Тие се изградени од ‘рскавично ткиво од кое голем дел отпаѓа на вода па кога дискусите се компресирани (за време на трчањето) тие ја испуштаат водата преку нивните ѕидови во околните ткива.

Резултатот е намалување на висината и вкупниот волумен на дискот, а со тоа и намалување во вкупната висина бидејќи тие 23 на број дискови чинат 1/3 од вкупната висина на ‘рбетниот столб. Студијата објавена во Medicine and Science in Sports and Exercise покажува дека и 30 минутно умерено трчање ја намалува висината на дисковите за 6,3%. Грубо и просечно израчунато испаѓа дека ваквиот џог ќе симне 10 до 15mm од вашата висина, што не е многу ама е сепак мерливо.

И не се секирајте, сè ова е повратно, нормално па дури и здраво. Флуидите се враќаат во дисковите по завршување на вежбата и со тоа се враќа и претходната висина, а промените што се случуваат помагаат во намалување на дегенерација на дисковите со тоа што стимулираат формирање на нови клетки.

Затоа џогирајте редовно, станувајте повремено пониски, но долговремено поздрави.