Р.Македонија

Државно првенство во сквош 2013

Во изминатиот викенд, од 5-7ми април, се одржа петтото официјално првенство на Македонија во сквош. Турнирот се одржа на терените на Сквош Центар во Скопје, во организација на Сквош федерацијата на Македонија.

Победи Кирил Сотировски со што ги одбрани титулите освоени и во претходните две првенства. Во финалето му се спротивстави Горан Панев кој и покрај големиот напредок и одличната физичка подготвеност, не можеше да најде против-игра за техничката супериорност на, не помалку физички спремниот, Сотировски. Панев дојде и до 3 сет топки во третиот сет, но не ги реализира и Сотировски со рутинска игра победи со 3:0.
Мечот за бронзаниот медал беше прекинат веднаш по започнувањето, поради сериозна повреда и истоштеност на Божо Павковиќ, со што службено победи надежниот Бранко Калеовски, кому ова му е прв медал од било кое натпреварување.

Кулминацијата на првенството беа претходно одиграните драматични полуфинални мечеви кои изобилуваа со долги поени и физичка ангажираност до изнемоштеност на противниците. И двете полуфиналиња, Панев : Калеовски и Сотировски : Павковиќ се играа во пет сетови. Панев за првпат го победува Калеовски на званично натпреварување, по два тесни порази во нивните претходни мечеви, и со победата и пласманот во финалето го постигна својот најголем успех досега.

И во мечевите во групи имаше неколку мечеви кои се решаваа во петтиот сет. Така, Калеовски со 3:2 го победи Павковиќ, кој пак со идентичен резултат го победи солидниот Златко Крстевски, кој на крајот го освои петтото место. Мора да се истакне дека Павковиќ во првенството влезе со неколку сериозни повреди, но како и многу пати досега покажа завидна мотивација и истрајност. Најдобриот меч го покажа во полуфиналето со Сотировски, иако заради повредата можеби се сметаше за аутсајдер во тој меч. Четвртиот сет го освои откако спаси 3 врзани меч топки, но Сотировски не дозволи да се случи целосен пресврт, и петтиот сет го доби со 11:9. За жал, напорите од тој и од претходните мечеви, го зедоа данокот во борбата за третотот место, кога Павковиќ практично колабираше на терен и мораше да го предаде мечот.

Финале : Сотировски 3:0 Панев
За трето место: Калеовски 3:0 Павковиќ
Полуфиналиња:
Панев 3:2 Калеовски
Сотировски 3:2 Павковиќ