Македонска Тур де Франс Експедиција

Доломити 2014

Од 14 до 24 јули се одржа четвртата по ред Македонска Тур де Франс Експедиција. Оваа година во недостатот на атрактивни етапи на Тур де Франс на Алпите, двочлената експедиција тргна да ги освојува најтешките планински превои на Доломитите.

Беа искачени вкупно шест превои: Monte Zoncolan (1750m), Passo Pura (850m), Passo della Mauria (1298m), Passo di Giau (2236m), Passo Pordoi (2239m) и Monte Grappa (1770m). Со тоа, Експедицијата го зголеми бројот на искачени превои на 21, сите низ Франција, Швајцарија и Италија. Оваа година беа поминати вкупно 800 километри за осум дена и искачени преку 7500 метри.

-Бевме во Горициа, Удине, Кортина Дампецо, Тренто, Верона, Падова, Басано дел Грапа, Лаго ди Гарда и повеќе од 200 села во три региона во Италија. Одлично искуство коешто вреди да се сподели. Препорачуваме секој што сака да искачува планински превои, да го посети овој регион.

Веќе работиме на составување на екипа за следната година и се прави список на превои што би биле освоени на француските Алпи. Во план е да се искачат Изоар, Изеран, Агнел, Жу Плен, Гран сан Бернардо и Кол де ла Бонет на 2802 метри. Сите заинтересирани можат да нè контактираат ТУКА и на групата ВЕЛОЕВРОПА.