Дојран нè очекува со авантуристички викенд

Овој викенд Дојран ќе биде центар на низа супер авантуристички спортско-рекреативни збиднувања во склоп на еден настан кои дефинитивно не вредат да се промашат. Понудата е отворена, не знаеме што чекате!

“Dojran Adventure Weekend” е настан кој по втор пат ќе се одржи на 27 и 28ми септември во Дојран и околината, а неговата цел е преку спортски активности од натпреварувачки и рекреативен карактер, кампување и дружење да се промовираат потенцијалите и можностите за активен туризам во овој регион.

Викенд дружењето за сите авантуристи е организирано на Алекс плажата каде ќе биде поставен базниот камп и ќе се одвиваат сите придружни активности. Кампинг зоната ќе биде отворена од петок 26ти септември за сите оние што сакаат подолга викенд авантура.

Сабота е резервирана за слободни активности во претпладневните часови, а подоцна и за официјалната МТБ Крос Кантри трка која влегува во бодување на ранг листата на ВФМ, а е во техничка организација на ВК Мадал Бал. Пријавувањето за трката ќе биде во 15 часот, а во 16 часот е закажан стартот. Трката ќе се вози низ многу интересена кружна траса низ Нов Дојран со должина од 3,1 км. а на неа ќе учествуваат натпреварувачи од сите категории (детално инфо тука).

На подолното видео можете да ѕирнете како беше на ланската трка..

По завршување на трката следува официјално прогласување на победниците и вечера за учесниците на истата. Во вечерните часови планирано е дружење со спонзорите, нутриционистички совети од karas4training.com, лотарија и музичка програма која завршува најдоцна до 23 часот.

Неделата е закажана за најголемиот дел на спортско-рекреативни активности кои се отворени за сечии желби и можности. Во 7.30 часот е организиран појадок, а во 9 часот е стартот на МТБ полумаратон кој ќе биде во должина од 20 километри и МТБ маратонот со должина од 40 километри кои ќе се возат по живописните околни региони и друмска велосипедска тура со должина од 46 км.

 

За оние кои немаат намера да се на две тркала викендот на репертоар ќе имаат планинско трчање по истата рута како и МТБ натпреварот низ Нов Дојран каде ќе се трчаат два круга за мажи и еден за жени и планинарење со посета на дојранскиот фронт и локалитетот “Ѓаволско око”, важни монументи од Првата Светска војна.

За сите рекреативни активности ќе има водичи, пратечко возило за техничка поддршка и медицинско лице, а учесниците се вклучуваат во активностите на своја одговорност. Покрај желбата и авантуристичкиот дух, за учество неопходна е заштитна кацига и технички исправен планински или друмски велосипед.

По завршувањето на овие активности организиран е ручек за полни и задоволни стомаци.

Стартниот пакет содржи: стартен број (учество во лотарија, купони за оброци), превоз Скопје-Дојран-Скопје (опција), кампинг, доручек и ручек, маица од настанот, вода, енергетски напиток и бар, овошје на освежителни станици и мапи од регионот.

Цената на стартниот пакет е 500 ден.
Цената на стартниот пакет со превоз е 800 ден. (ограничен број и пријавувањето трае до 21 часот во четврток 25.09.2014 )
Продажба на стартните пакети е во Pro Sport – Specialized Elite Store и Scout Outdoor Shop

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија